1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„На Рохани му е потребно брзо олабавување на санкциите“

Матијас фон Хајн / превод: ЕМФ31 март 2015

Судирот околу иранската атомска програма „нараснува“ 12 години. Опасноста од атомска бомба би требало да се спречи со договор. Експертот Валтер Пош во разговор за ДВ ги проценува последиците од ваков договор за земјата.

https://p.dw.com/p/1EzsD
Фотографија: Reuters/B. Smialowski

„Нуклеарниот покер“ на Женевското Езеро влезе во последната рунда. На едната страна е Иран, а на другата останатите пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Делегациите имаат време најдоцна до вечерва за решение на прашањето - како да се осигура Иран да користи атомска енергија во цивилни цели, а притоа да не може да развие атомска бомба. Техеран постојано негира дека има намера да создаде нуклеарно оружје и за возврат бара укинување на економските санкции на Западот. Какви последици за Иран би имало успешно завршување на преговорите во интервју за ДВ објаснува австрискиот експерт за Иран, Валтер Пош.

Дојче веле: Да претпоставиме дека ќе дојде до договор и со тоа до постепено укинување на санкциите. Како тоа внатрешнополитички ќе се одрази на Иран?

Валтер Пош: Договор би имал енормно важно влијание врз видот на политичката дебата. Со право ќе се рече: „Гледате, кога сме умерени, кога аргументираме разумно, кога се потпираме врз старите, искусни кадри, а не врз револуционерните вжештени глави, тогаш може да оствариме успеси со меѓународната заедница.“ Меѓутоа, истовремено, радикалните сили ќе се обидуваат со сите средства да го оцрнат овој договор и во некаква форма да стават јасно до знаење дека се се‘ уште тука и дека имаат што да кажат.

Walter Posch Iranexperte
Валтер ПошФотографија: picture-alliance/picturedesk.com/Robert Newald

Зошто во Иран некој би бил против приближување на земјата до Западот и укинување на санкциите?

Досега не е сигурно дали санкциите навистина ќе се укинат. И ако тоа биде направено, кои санкции ќе бидат укинати? Санкциите воведени поради повреди на човековите права? Санкциите воведени против Револуционерните гарди? Не верувам! Тие не се поврзани со нуклеарните санкции. Но исто толку е важно е и што Иранците во 1978 година изведоа антизападна револуција. Тие го соборија Шахот со тоа што рекоа: овој систем доминиран од САД е неправеден и не ни одговара. Оваа традиција е се‘ уште присутна. Таквата револуционерна логика Иранците тешко ќе можат да ја надминат.

Дали радикалните сили би можеле да го спречат преговарачкиот процес во последна минута?

Не верувам. Тоа би можеле само ако им успее да докажат дека воопшто нема да се случи укинување на санкции, дека санкциите многу бавно ќе се укинуваат или дека е многу неодредено формулирано како ќе се укинуваат санкциите. Тогаш кочничарите би имале „ас во ракавот“. За претседателот Рохани е важно брзо олабавување на санкциите. Тоа за актерите на Запад значи: ако се сака нуклеарниот договор да пропадне од какви било причини, тогаш ќе биде оставено многу време за укинување на санкциите.

Ако како резултат на постигнување договор се дојде до олабавување на санкциите - колку време е потребно за населението да го почувствува напредокот?

Тешко е да се процени, затоа што има премногу елементи кои се тешко предвидливи. На пример, санкциите, меѓу другото, го погаѓаат нафтениот сектор. Дури и ако Иран сега повторно смее да продава нафта, на пазарот на нафта цените се многу паднати. Според моја проценка, Саудиска Арабија ќе се погрижи таа цена засега и да остане ниска. Тука ја гледам опасноста за процесот - олабавувањето на санкциите да не дојде можеби предоцна.

Валтер Пош е експерт за Иран на австриската Академија за одбрана / Институт за обезбедување на мирот и конфликт-менаџмент