1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На образованието му треба ум, а не демонстрација на сила!

Костадин Делимитов 26 септември 2014

Штрајк во образованието ќе има, но дали ќе прекине наставата во училиштата или не останува неизвесно. Дилемите се големи, конфронтациите и притисоците помеѓу двете страни уште повеќе.

https://p.dw.com/p/1DLKE
Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Синдикатот за образование наука и култура кој е организатор на штрајкот најавен за 29.08 (понеделник) не се повлекува од иницијативата и покрај острите реакции и предупредувањата на надлежните за кршење на уставот и законите.

„Изложени сме на постојани притисоци од секаков вид од страна на политички претставници, локални моќници и одредени директори во училиштата. Секојдневно излегуваат со изјави лица кои се претставуваат дека сe наши членови, а всушност најголем дел од нив не се. Се обидуваат и некаде може да има колебање од луѓе кои се примени на работа на определено време, а кои ќе бидат избркани од работа ако штрајкуваат, односно тие што се најавува дека ќе ги заменат ќе останат да си работат. Затоа веројатно и се одолговлекува со постапката за нивно повторно времено вработување и во моментов тие воопшто не се пријавени. И сега знаете што значи да штрајкуваат? Тогаш сами си потпишуваат дека се невработени. Стравот е присутен но едно е сигурно, штрајкот ќе започне, а кога ќе заврши не знаеме. Тоа не зависи од нас туку од нив. Не се повлекуваме сѐ додека не седнеме на маса и да ги отвориме реално прашањата, што досега можеше да се направи сто пати и да не се дојде до ова. Додека бевме коректни и седевме на преговарачка маса или се обидувавме на многу коректен начин да ги решаваме проблемите бевме добри социјални партнери, но кога сериозно побаравме уште на 28 јуни со одлука од Совет што ја испративме до ресорните министерства дека повеќе не може да чекаме тогаш стана ова што се случува“, коментира за Дојче веле Јаким Неделковски претседател на СОНК.

Gegen Gewalt an Schulen
УченициФотографија: DW

Министерот за образование тврди дека настава ќе има

Надлежните пак го повикаа раководството на СОНК да не манипулира со учениците, а родителите кои нема да ги испратат децата на училиште јавно ги „укорија“ дека ќе плаќаат казни кои согласно законот се движат од 1.000 до 2.000 евра. Министерот Абдулаким Адеми тврди дека настава во понеделник ќе има, но не знае колку резервни професори ќе бидат потребни за пополнување на местата на оние што штрајкуваат.

„Како што минува времето и од СОНК се уверија дека нема поддршка од членството и дека штрајкот нема да успее. Токму затоа се обидуваат на други начини, со вакви повици до учениците и со обвинувања дека ние вршиме притисоци врз вработените. Тоа не е точно, бидејќи јас нема да дозволам министерството за образование да се меша во такви работи односно да врши притисоци врз вработените во образовниот процес. Подготвени сме да седнеме на преговарачка маса со раководството на СОНК, но под услов да не се служат со уцени и закани“, изјави Адеми.

Abdulakim Ademi
Министерот Абдулаким АдемиФотографија: Petr Stojanovski

Во целата оваа збрка се чини дека најзбунети се родителите кои освен вербални ветувања и предупредувања за парични казни коментираат дека не им е јасно што ќе се случува во понеделник и дали и од кого нивните деца ќе бидат соодветно згрижени: „Таман се навикна на новите наставници, сега ќе треба да дојдат други, ако овие штрајкуваат. Не знам, можеби звучи лесно како решение на проблемите за обезбедување на непречено образование, но мислам дека малку се води сметка за тоа дека и нашите деца ќе бидат под стрес“, коментира родител на првооделенче во едно од скопските основни училишта.

Недостасува реален дијалог?

Експертите предупредуваат дека кулминацијата на незадоволството е резултат на лошите политики во образованието, но и потврда за отсуството на реален социјален дијалог.

„Иако на почетокот се чинеше дека има усогласеност, сепак е очигледно дека синдикатот и партнерите од власта во дискусиите не ги земале во предвид многу битни прашања кои што можеле да дојдат до израз од многу други партнери, родителите и наставниците, а посебно експертската јавност. На таков начин е дојдено е до ситуација кога односите се непотребно заострени во услови кога не биле во преден план суштинските проблеми во промените во образованието. А тоа се катастрофалните упади во системот со воведувањето на наградувањето и казнувањето преку екстерното оценување што никако не треба да биде допуштено, што во сите други држави строго се забранува со закон, како и други работи што се навистина далеку од нормалните системи на функционирање. Она што се случува е отстапување од главната линија, а она што треба да се направи е вклучување на сите партнери во насока на враќање на системот на образование во нормални рамки. Кај власта и кај синдикатите во овој случај имаме покажување на сила, а во образованието треба да се покажува ум. Синдикатот покажува сила со штрајк, власта со закон, но она што вреди во образованието е пред сѐ умното и разумно однесување и затоа сметам дека сите треба да се вратат на таа линија“, коментира универзитетскиот професор Ненад Новковски.

Nenad Novkovski
Професор Ненад НовковскиФотографија: DW/Kalinski

Експертите се загрижени од како што велат и очигледниот процес на разнебитување на синдикалното дејствување. Дел од нив во актуелниот проблем гледаат вина и кај синдикатот, кој многу порано требал преку конкретни активности да реагира за проблемите во образованието.

„Мислам дека ова повеќе е штрајк на раководството на СОНК кој повеќе години беше во прегратки на власта и сега одеднаш сака да се отцепи. Но во минатото работниците изгубија повеќе права, а СОНК не реагираше. Сега се настапува паушално без јасно дефинирани барања, а постојат и дилеми околу тоа дали се спроведени сите постапки што се бараат со законот за работни односи во делот на преговорите и информирање за нивниот тек и резултати. Претпоставувам дека нема да има штрајк бидејќи подготовките не се направени на вистински начин. А дефинитивно е дека во континуитет се кратат правата и разнебитување на синдикатот и синдикалното дејствување. Посебно последното законско решение за замена на оние работници што ќе штрајкуваат е нон сенс и надвор од правилата на меѓународните прописи во делот на трудот. И ако за нешто требаше да се штрајкува, тогаш требаше за ова и тоа не само СОНК туку сите синдикати. Уште кога се подготвувало вакво решение, а не сега што би рекле по свадба тапани да свират“, коментира Драге Јовановски експерт по трудово право.

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
УченициФотографија: Petr Stojanovski

За случувањата околу штрајкот се огласи и премиерот Никола Груевски кој мотивите ги препиша исклучиво на интересите на раководството на СОНК како обид да издејствува нов мандат на изборите што треба да се случат за една година. Од СОНК пак велат дека мотивите се исклучиво социјални и поврзани со работничките права. Инсистираат на целосно решавање на проблемите во колективните договори во градинките и училиштата, проверките и казните на образовните работници во делот на екстерното тестирање, носење на колективен договор во културата и достоинствени плати за трудот на образовниот кадар.

Оваа синдикална организација веќе девет години функционира вон рамките на Сојузот на синдикати на Македонија од каде се отцепи на крајот од 2005 по судирот со тогашното раководство по што дојде до формирање на Конфедерацијата на слободни синдикати.