1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Балканот не му се заканува пресметка меѓу Големите сили

Б. Георгиевски21 ноември 2014

Хансјерг Ајф, долгогодишен дипломат, амбасадор на Германија во Југославија и Србија и претставник на НАТО во Македонија,во интервју за ДВ со лично видување за состојбите во регионот и заканите од засилено руско влијание

https://p.dw.com/p/1Dr0T
Фотографија: picture-alliance/dpa

Г-дине Ајф постојат проценки дека Европа влегува во нова ера на Студена војна поради растечките разлики и несогласувања меѓу Западот и Русија. Доколку дијалогот не успева, како што сугерираат многумина, што може да се очекува?

Ајф: Студената војна меѓу Западот и Истокот заврши пред 20 години. Нема многу смисла, формулaции кои го означуваат минатото да се употребуваат за сегашноста. Денес станува збор за тоа, да се почитуваат правилата на мирољубива и ненасилна коегзистенција, за кои своевремено се договорија земјите-членки на ОБСЕ. Нема алтернатива за политиката, украинската криза да се решава преку преговори, иако таа бара истрајност. Русија не може да има интерес за зацврстување на оваа ситуација, во која значително се оптоварени нејзините односи со Европа и со Северна Америка.

Германската канцеларка Меркел минатата недела ја отвори дилемата за руската политика кон Западен Балкан, споменувајќи ја конкретно Србија во тој контекст. Магазинот Шпигел објави таен документ во кој се зборува за растечка тревога во Берлин поради новиот руски приод на Балканот. Ги делите ли нивните стравувања?

Ајф: Србија, од една страна, негува традиционално блиско пријателство со Русија, а од друга се стреми кон членство во ЕУ. Тие веруваат дека подеднакво можат да ги остварат обете цели. Доколку обидите за ширење на руското влијание, какви што се видливи во последно време, го спречуваат приближувањето на Србија кон ЕУ, тоа би било неприфатливо.

Како би ги дефинирале руските интереси во регионот, а како германските?

Ајф: Паѓа во очи дека Русија прави напори да ги засили своето политичко влијание и својата економска и културна позиција во Југоисточна Европа. Тоа најјасно се гледа во Србија, традиционално најважен руски партнер во регионот. Во војните по распадот на Југославија, Русија политички ја поддржуваше Србија, а и до денес ѝ дава поддршка во прашањето за Косово. Во последно време беше договорено „стратегиско партнерство“, во чии рамки се одржуваат заеднички воени вежби и се разменуваат разузнавачки информации и персонал.

Српското енергетско снабдување во голема мера ќе биде под контрола на руските претпријатија. Русија навлегува и во банкарскиот сектор. Билатералниот договор за слободна трговија ја олеснува размената на стоки. Се активираат старите културни врски кои почиваат врз заедничката православна вера. Русија може да смета на поддршката на многубројни приврзаници особено меѓу членовите на десницата во Србија. Официјален Белград минатиот месец му приреди на Путин грандиозен дочек на прославата по повод ослободувањето од фашизмот.

Нешто помалку изразено, но сепак забележливо е руското присуство во Црна Гора. Во Босна и Херцеговина, Русија го поддржува претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој се спротивставува на обидите за консолидација на централната власт на БиХ.

Германија се залага за интеграција на Србија во ЕУ, како и за сите други држави-наследнички од Југославија, доколку се исполнат условите. Тоа е германската политика по распадот на Југославија. Во случајот на Србија, меѓу политичките услови спаѓа и постигнувањето дефинитивен договор меѓу Србија и Косово. Понатаму, Србија ќе мора да гарантира дека нема да дозволи да биде попречена од Русија на својот пат кон ЕУ. Руското однесување во украинската криза и развојот на српско-руските односи го оправдуваат ваквото предупредување.

Putin in Belgrad 16.10.2014 Fans bei der Militärparade
Дочек на Владимир Путин во БелградФотографија: AFP/Getty Images/Andrej Isakovic

Земјите од балканскиот регион неретко во минатото завршуваа како колатерална штета во сличните конфликти на големите сили. Дали последниве случувања се вовед во нова таква епизода?

Ајф: На Балканот не му се заканува војна меѓу големите сили како во 1914 или 1941 година. Но, како што се гледа, не може да се исклучи борбата за влијание. Мирољубива конкуренција во принцип треба да се поддржи, ако е таа од полза за регионот и ако не ги загрози односите меѓу конкурентите.

Некои сметаат дека Германија водеше пасивна политика во однос на Балканот во последните 10-ина години. Но, изминатото лето како да презема поактивна улога, па сега состаноци и конференции посветени на Западниот Балкан се одржуваат речиси секој месец. Како го објаснувате овој пресврт во Берлин и дали тоа значи и долгорочен ангажман на Германија во решавање на внатрешните и билатералните проблеми меѓу овие земји?

Ајф: Не можам да ја прифатам оценката дека во последните 10 години Германија имала пасивен однос кон Балканот. Но решавањето на најдолготрајните пост-југословенски проблеми - договор меѓу Србија и Косово, стабилизација на БиХ, спорот за името меѓу Македонија и Грција - е итно потребно оти тие ја попречуваат целосната интеграцијата на регионот во ЕУ. Затоа логично е, и треба да се поздрави, кога земји-членки на ЕУ, како Германија од неодамна, засилено се ангажираат на Балканот.

Како гледате на состојбата во Македонија и нејзиниот долгогодишен спор со Грција околу името? Канцеларката Меркел изненади многумина кога оствари средба со медијаторот Нимиц во Берлин. Дали може да се очекува зголемен германски ангажман во спорот?

Ајф: Преговорите за договор за спорот за името меѓу Македонија и Грција се одвиваат со години под раководство на меѓународен посредник. Отсуството на резултат во преговорите решавачки ја попречува интеграцијата на Македонија во евро-атлантските организации. Овде би била неопходна силна политичка поддршка од високо ниво за посредникот од ОН од страна на ЕУ и НАТО членките, во однос на двете страни. Доколку германската влада, усогласена со другите, дејствува во таа смисла, тоа би можело да помогне.