1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На аџилак во Брисел

Катерина Блажевска14 април 2015

Освен многу децибели во јавните пресметки, кризата не произведе идеја или структура која ќе понуди платформа за излез од неа, ниту пак опонентите идентификуваа личност кој може да биде домашен медијатор во таков процес

https://p.dw.com/p/1F7Py
Фотографија: DW/K. Blazevska

Велигденските празници завршија, Македонија се враќа во помалку колоритна реалност. Преговарачките тимови на власта и опозиција денеска веројатно ги пакуваат куферите за Брисел, каде што утре, според неофицијални информации, ќе се одржи втората средба со европската парламентарна тројка Вајгл - Кукан - Ховит. Во двата тима и натаму ги држат во тајност и датумот на средбата и темите на претстојните разговори, како што тоа го направија и за првата рунда одржана на 30 март.

„Кога една земја е во длабока криза, не е тешко да се погоди која би била темата на разговори“, лаконски одговара бриселски дипломат. Колку е во право, толку и не е. Македонија денес живее во целосно поделена реалност. Ако го слушате лидершипот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Македонија не е во никаква криза: единствен што го руши угледот на земјата со т.н. „бомби“ е лидерот на опозицијата, Зоран Заев, наводно за туѓи цели, поради што е четвртоосомничен за исклучително тешко кривично дело. Во согласност со ваквите политички „канони“, ВМРО-ДПМНЕ го димензионира својот секојдневен настап, потпрен на две носечки активности. Првата, дека се е „нормално“ и ништо не е сменето во однос на поддршката што ја има владејачката партија во општеството, за што како доказ ја „приложува“ масовноста на партиските собири што ги одржува низ градови во Македонија. Втората, која има за цел контрола и санирање на штетите од „бомбите“, е еден вид „социјална перестројка“, со која секој ден обзнанува нови поволни мерки за разни социјални групи - повисоки плати, зголемување на социјалната помош, таблет-компјутери за студентите, повисоки студентски и ученички стипендии, нови вработувања... Мерките ќе се финансираат од буџетот. Засега никој не прецизира - од што ќе се крати, за да се обезбедат овие средства.

Во таборот на опозицијата - ги отфрлаат манипулациите на власта. Ја обвинуваат за создавање нов клиентелизам, за киднапирање на државата од партијата, за изборен грабеж, за злоупотреба на институциите за партиски цели, за контрола врз судството и медиумите... Врз основа на резултатите од интерни анкети, веруваат дека објавените „бомби“ темелно ја демаскираат власта како структура без никаква морална вертикала, дека ги ослободуваат граѓаните од стравот и ги мобилизираат во битката за враќање на слободата и демократијата.

Македонија на двата екстрема

Меѓу тие два екстрема, во Македонија речиси и нема ништо друго, освен незначителна структура на граѓанство разочарано и со изгубена доверба во која било елита. Другите се мобилизирани и поделени како публика во арена!

Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal
Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski

Освен многу децибели во јавните пресметки, кризата не произведе идеја или структура која ќе понуди платформа за излез од сегашната статус-кво ситуација, ниту пак опонентите идентификуваа личност кој може да биде домашен медијатор во процесот на заедничко барање излезни решенија. Тоа можеби и не е за изненадување, ако се има предвид дека власта не ја признава политичката криза, а опозицијата врз нејзиното постоење ги темели надежите за крај на политичката деценија на Груевски. Во меѓувреме, не беа манифестирани ни минимум волја и енергија за решавање на проблемите во сопствениот двор, со што опонентите автоматски се самопрепорачаа за медијација од Брисел, каде секој преговарачки тим настапува со свое „евангелие“ за состојбите. Прашење е, како и Брисел суштински ќе се соочи со македонското политичко портфолио, кое до денес бележи повеќе од две годишно отсуство на опозицијата од парламентот, чин, во кој свој посреден придонес има и европското замижување „на едно око“ за потенцијалните последици од настаните на 24 декември 2012 години. Расветлување на тој настан и договорените насоки за превенирање на слични ситуациии во иднина, кои беа постигнати со помош на интензивно европско посредништво, македонската власт тогаш ги истретира како „ролна тоалетна хартија“. Таквата рецензија во ЕУ може да предизвика голем скептицизам по прашањето на искрена имплементација на се што евентуално би било договорено пролетва меѓу македонските политички опоненти на европска маса. Првите индиции за тоа се препознаваат и во фактот дека засега на помош е понудена само „лесна (олеснувачка) артилерија“ во ликот на тројца европарламентарци, наспроти очекуваниот посреднички „тешкаш“. Дел од првичната резервираност можеби произлегува и од фактот дека земјата речиси една петолетка тивко ги игнорира забелешките на ЕК за состојбите во одредени клучни области, а кои денес веќе се доживуваат како длабоко метастазирани. Со еден збор, бриселските „канони“ не би требало да се непознати за земја со статус на кандидат за членство во ЕУ и ако постоела искрена волја за нивно исполнување, денес Кукан, Вајгл и Ховит, или функционери од кабинетот на Хан, не би имало потреба да се занимаваат со детските болести на чија било демократија.

Фаза на тензии

Од тој аспект, извесно е дека она што утре и во наредните средби ќе се анализира, е почетничка анализа на поимањето и суштинската разлика меѓу номинална и реална демократија, разликата меѓу држава и партија, меѓу политички монолог и дијалог, меѓу институционален декор и функционалност на институциите, меѓу независна трета власт и рент-а-судство, меѓу медиумска слобода и нејзино фингирање.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Никола Груевски и Сашо Мијалков (во позадина)Фотографија: DW/P. Stojanov

Но, додека трае нивното политичко „ходочастие“ од Скопје до Брисел, политичките опоненти мора да бидат свесни дека со пролонгирањето на кризата, со нивната бавност и неефикасност во преземањето конкретни чекори за излезе од неа, го внесуваат општеството во повисоко ниво на тензии и напнатост. Минатонеделната експлозија во дворот на Владата, како и престрелката во Тетово во која 22-годишно момче го загуби животот, се еден вид данок на додадена вредност кој ги испорачува кризата, но и отсуството на искрена волја за справување со неа. И секогаш кога МВР нема сознанија, по „правило“ некој ја презема одговорноста. „Коха Диторе“ вчера објави дека одговорноста за нападот врз Владата, преку соопштение потпишано од извесен командант Куштрими, ја преземала паравоената Ослободителна народна армија (ОНА). Иако и двата настана со иронија беа коментирани на социјалните мрежи, фактот дека чинот е извршен вечерта на Велики Петок, пробуди асоцијации на петкратното убиство кај Смилковско езеро кое се случи на истиот празник. Што создава дополнителни сомнежи.

За среќа, граѓаните на Македонија не потпаѓаат под психозата на вакви и слични пробни балони. Она што го очекуваат е одговорноста за состојбите да биде преземена од сите избрани чинители, а неодговорноста строго санкционирана. Единствено по тоа прашање поделеност - нема.