1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта на хакерите

Габи Ројхер/ А.Трајковска 19 декември 2014

На филмските платна во кино салите оваа зима изостана еден филм - американската комедија „Интервју" не доживеа премиера поради закани од хакери. Дали сајбер-криминалците добиваат сѐ поголемо влијание?

https://p.dw.com/p/1E7Kn
Фотографија: picture-alliance/epa/Justin Lane

Не беше така одамна кога во кината во Германија се прикажуваше филмот „Кој сум јас“. Еден хакерски филм. Филм за тоа колку далеку оди еден хакер за да стигне до одредени податоци и на тој начин да го воодушеви својот шеф. Филмот меѓутоа покажува и колку далеку одат властите за да спречат објавување на таквите податоци и со помош на хакери да откријат други хакери. Преобратени хакери против лошите хакери.

Концернот „Сони“ немаше „добри“ хакери, кои ќе ги откријат дупките во системот и навреме би ја отстраниле опасноста. „Сони“ честопати досега беше цел на такви сајбер-напади. Притоа беа во оптек и вредни податоци од кредитни картички. Меѓутоа се чини „Сони“ не научи ништо од тоа, смета Штефан Урбах, порано и самиот хакер и денес интернет активист. „Ова повеќе не е несреќен случај, туку небрежност“.

Хакирање за Ким Јонг Ун

Последната кражба на податоци не се покрижи само за тоа да бидат обелоденети и-мејлови, доверливи документи, необјавени сценарија и податоци од кредитни картички на „Sony Picture Entertainment“. Хакерите воедно придонесоа филмот „Интервју“ („The Interview“) да не доживее премиера во американските кина. Филмот е комедија во која двајца новинари се вработуваат од страна на ЦИА за не само да го интервјуираат северно-корејскиот диктатор Ким Јонг Ун туку и да го убијат. Хакерската група, која се нарекува „Guardians of Peace“ најави дека ќе ги објави украдените податоци доколку не биде стопирано прикажувањето.

Film Still - The Interview
Џејмс Франко и Сет Роген се главните актери во филмотФотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com

Хакерите сакаат повеќе отколку пари

Речиси секое петто претпријатие, според податоците на Комисијата на ЕУ, во 2010 година било погодено од хакерски напади. Во повеќето случаи хакерите кои ги блокираат серверите на претпријатијата или банките бараат внимание или пари. На шок-влијанието пред три години се потпираше хакерската група „Анонимус“, која ја проби интернет страницата на една американска советувачка фирма и ги копираше податоците од кредитините картички.

И во минатото имаше политички и религиозно мотивирани компјутерски напади. Пред две години сајбер-напад ги блокираше интернет странциите на некои американски големи банки. Групата „Cyber fighters of Izz ad-din Al qassam“ ја презеде одговорноста за нападите и бараше од интернет да се повлече оспоруван филм за Мохамед.

Symbolbild Hacker
Фотографија: picture-alliance/dpa

Страв од вистински тероризам

Групата „Чувари на мирот“ („Guardians of Peace“) во секој случај успеа да предизвика страв од тероризам. Американската влада стравува дека од сајбер-нападот би можело да настане реален терористички напад. Дека филмот „Интервју“ навистина нема да го здогледа светлото на филмскиот свет, во тоа поранешниот хакер Штефан Урбах не верува: „Ваков хакерски напад ги погаѓа консументите, а не навистина концернот“. „Сони“ и натаму ќе прави промет и ќе ги продава своите „Сони-плејстејшн“. „Филмот на крајот ќе заврши на интернет, против тоа ништо не помага“, вели Урбах.

Во Германија филмот требаше да почне да се прикажува во февруари 2015. „Сони“ им препушта на кината да одлучат, дали тие ќе го прикажуваат филмот или не. Концернот се одлучи против филмот „Интервју“ да го прикажува по други патишта, како приватни кабелски канали или да објави ДВД.