1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мора активно да се работи за решение за името!

22 февруари 2011

Валтер Колбо, екс-парламентарец и прв човек на германско-македонското друштво, по повод 20-годишнината од независноста на Македонија, говори за своите искуства со земјата и бара поголема вклученост на Берлин.

https://p.dw.com/p/R2Xm
Валтер КолбоФотографија: DW

Валтер Колбо, експерт за законодавство и социјалдемократ од Вицбург кој од 1980 до 2009 тата година бил член на Бундестагот, е еден од најголемите лобисти на Македонија во Германија. Иако сега не е активен парламентарец, партиски и како прв човек на Германско-македонското друштво стигнува секаде онаму каде темата е: Македонија.

„Првпат за Македонија слушнав на 8 Септември 1991 кога земјата ја прогласи својата независност. Но, тогаш не знаев дека ќе бидам поврзан со настаните кои ги предизвика распаѓањето на вештачки создадената Југославија, со новите држави кои никнаа. Не ни сонував дека во 1999 како застапник на германската влада за координација на хуманитарната помошта за Косово ќе дојдам токму во Скопје”, се сеќава Валтер Колбо, кој иако знаел дека Македонија е мултиетничка, вели дека во дамнешната 1991 не очекувал дека ќе биде сведок на тешката фаза, на работ на граѓанската војна низ која минала земјата.

Си припомнува и на работните штабови кои ја организирале градбата на бегалските кампови Блаце, Чегране и други. Таму ги запознал и првиот премиер Никола Кљусев, но и трагично загинатиот претседател Борис Трајковски чија харизма и заложба, како што вели Колбо, во голема мерка придонеле бегалците од Косово да најдат сигурно засолниште во Македонија.

Македонија примерен ученик

Тоа бил екот на Косовската војна кога Македонија го привлече вниманието на европската јавност и политика. Го прашуваме каде биле Германија и ЕУ во 1994 и 1995-тата, кога Македонија живеела со грчкото ембарго?

„Германија во тоа време беше зафатена со самата себе. Само што беше обединета. Голем предизвик не беше само биполарниот свет во Европа, туку и тогашната војна во Заливот. Наголемо течеше дискусијата како вистински ќе се обединиме, како ќе се надмине комунистичката ДДР, како ќе се организираат слободните избори во источниот дел од земјата", одговара Колбо кој е категоричен дека вниманието било насочено и кон деловите од Југославија каде се војувало – Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина. Проблем било и што Грција можела да си дозволи да се однесува како сака зашто била дел и била блиска со европските институции и членка на ЕУ и НАТО

Ако се погледне интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ и НАТО излегува дека земјите кои минале низ воените виори имаат посигурен влез од Македонија, која поради спорот со Грција се уште е во чекалната на неопределено време. Беше ли Македонија можеби премногу примерна?

Mazedonien Walter Kolbow
Резолуцијата на Бундестагот од 2004 за користење на уставното име на Македонија е необврзително за ВладатаФотографија: DW

Идентитетот и ЕУ

„Македонија можеше да се развива како независна во сенката на овие конфликти. Го имаше проблемот со Грција кој до денес не е надминат зашто Грција очигледно намириса конкуренција и на маса ја стави историјата. За мене е политичка загатка што ни конзервативците, ниту социјалдемократите во Грција не успеаја да го отворат и поддржат македонскиот пат. Во Европа оваа расправија е несфатлива. Од 2004 има резолуција на германскиот Бундестаг за користење на уставното име на земјата, но таа е необврзувачка за владата”

Еден од напорите на Владата да се сочува македонскиот идентитет е несомнено и Проектот Скопје 2014. Германија во последното столетие имаше искуство со оваа тема. Од Колбо побаравме коментар за оваа идеја, но, тој воздржано вели дека тоа е одлука на Владата, која е поддржана од мнозинството граѓани во напорите за зачувување на националното чувство и името. Сепак смета дека не е вистинскиот пат да се покаже минатото преку неколку споменици или музеи кои политички свесно го подвлекуваат националното. Патот на иднината е заедништвото. Европа мора за себе да се определи како за коинтинент на мирот, а не самата да се ослабува поради националните движења“. објаснува Колбо.

Тој не крие дека најголемо разочарувања кое го придружува е токму отсуството на решение за спорот на Македонија околу името со Грција.

Дефицити на Унијата

Чаре не се најде ниту со новиот Лисабонски договор. Смета дека тоа е дефицит на политичката унија, на самата Европа, но секако е прашање и до грчките партнери – што е тоа што ги мотивира така да се однесуваат Тој претпоставува дека ваквата политика е еден вид реакција на подвлекувањето на националното во Македонија.

Инаку нему му недостигаат иницијативи на европската народна партија, и на социјадемократската партија, на актуелниот социјалдемократски премиер Папндереу, кој е во тешка ситуација поради финансиската криза. Но конечно “ова е водечка задача и на госпоѓа Ештон и на г. Ромпој”, смета Колбо според кого нема да е лошо доколку четворицата претседатели на европските институции (Парламентот, Советот, Комисијата и надворешната политика) разговараат со Груевски и Папандреу .

„Мора да се седне на маса и да не се чека додека се случи во Грција да се прифати името. Мора активно да се работи. И тоа го очекувам од германскиот минситер за надворешни работи и од канцеларката. За ова е дискутирано. Германско-македонското друштво ова го пренесува во Парламентот чие расположение е промакедонско. Но, преговара владата. Таа пак е воздржана и се повлекува во Европскиот Совет, односно Комисијата. Ова треба да се критикува за да се смени. Се надевам дека во 2011 и 2012 ќе има нови иницијативи. Македонија тоа го заслужува”.

Gespräche in Berlin - Mazedonischer Präsident Gorgi Ivanov und SPD Bundestagsabgeordnete Walter Kolbow
Колбо се сретна и со претседателот Ѓорѓе Иванов во БерлинФотографија: DW

Европа не е солидарна, туку немоќна

Од сево ова произлегува дека Европа е солидарна со Грција, но кога е во прашање потребата од европските интеграции Грција не е солидарна спрема ЕУ. Според Колбо, меѓутоа, не е во прашање солидарност туку тоа е немоќ. Се нема смелост да се влезе во преговори за да се реши проблемот. Имало и потешки ситуации. На пример Охридскиот договр кој се реализираше со голем напор на меѓународната заедница и требаше да го отвори, а не да го сопре патот на Македонија кон Европа и НАТО. Според Валтер Колбо постигнатото во демократијата и соживотот покажаа дека Македонија припаѓа на Европа не само географски, туку и политички, социјално и културно.

„Верувам дека има нова генерација млади луѓе кои како и ние, родени во Втората светска војна, не можеме да ја разбереме и климаме немоќно со главата кога е во прашање расправијата за името, која во 2011 е целосно анахрона и не се вклопува во сегашново време. Историјата е важна, но не може тврдоглаво да се инсистира само на неа. Во ситуација кога сите работи се менуваат момент е земјата која ја имаше првата демократија да го промени својот став. Должност на германската и на европската политика е да и помогнат на Грција, за да може Македонија да дојде онаму каде и е местото: во средиштето на европските институции", рече Валтер Колбо одговарајќи на прашањето на Дојче веле: како ја гледа Македонија на 30- от роденден!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Борис Георгиевски