1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Модерни робови од Северна Кореја

Естер Фелден/сн26 март 2015

Тие напорно работат 364 дена во годината- во страотни услови и за плата од која едвам преживуваат. Севернокорејското раководство има испратено илјадници гастарбајтери на работа во странство- на пример во Кина или Русија.

https://p.dw.com/p/1Exj7
Фотографија: Reuters

Се претставува како господин Ким. Своето вистинско име не сака да го открие бидејќи смета оти е премногу опасно. Се плаши за своето семејство кое е сѐ уште во Северна Кореја. Тој е во бегство веќе 13. години. Побегнал од тешката работа која веќе не можел да ја издржи. Секојдневно малтретирање, изолација во туѓина, без слободно време, без одмор и за мизерна плата, без разлика на тежината на работата. Господин Ким две години напорно работеше во Русија. Тој е еден од илјадниците гастарбајтери кои Пјонгјанг ги прати во работа во странство, а кои често живеат како робови.

Не е познато колку се вкупно на број, проценките многу се разликуваат. Организацијата за човекови права НК Воч, со седиште во јужнокорејскиот Сеул, проценува дека се над 100.000. ОН се малку попрецизни со бројките. „Поаѓаме од тоа дека во моментов во странство се ангажирани 20.000 севернокорејски работници“, вели специјалниот известувач на ОН за Северна Кораја, Марзуки Дарусман. Поголемиот дел од нив се пратени во Кина и во Русија, но и на Среден Исток. Има показатели оти на големите градилишта во Катар, каде што се градат стадионите за Светското фудбалско првенство 2022. година, работат и севернокорејски гастарбајтери. Под врелото сонце и неиздржливи горештини.

Nordkorea Herr Kim Dissident
Севернокорејскиот дисидент и поранешен гастарбајтер во Русија, господин КимФотографија: UN Watch

Пропаднати сништа

Целосно поинакви, но исто толку неподносливи биле и условите за работа на господин Ким во Русија. Бил ангажиран во Тинда, на крајниот исток на земјата, во една шумарска фирма. Со денови од утро до мрак сортирал дрвени трупци за извоз. „Моравме да работиме на температури и до минус 60 степени Целзиусови. Тоа беше екстремно напорно- и за телото и за душата“, раскажува тој за ДВ. Немало годишен одмор, еден слободен ден имал само за Нова година. „Во таа фирма имаше повеќе од 2.000 севернокорејски гастарбајтери. Во мојата група бевме шестмина.“

Покрај тоа што работеле заедно, шестмината и заедно живееле во еден контејнер без греење и вода. Не смееле да ја напуштат областа на која работеле. „Немаше насилство“ вели господин Ким. Но набрзо сфатил дека го изиграле- и тоа неговата сопствена влада. Бидејќи кога заминувал во Русија, имал сосема поинакви очекувања и надеж. „Кај својот севернокорејски работодавач свесно се јавив за работа во странство бидејќи дома премалку заработував. Со тоа не можев да го прехранам семејството.“ Шанса да заработи 130 американски долари месечно му изгледала привлечно. Затоа веднаш се согласил кога му рекле дека е избран за работа во Русија.

Но, од ветената плата добил многу малку. „Речиси 95 отсто од мојата плата одеа директно за севенокорејската влада“, раскажува горко. Тој не е единствен случај. За режимот во Пјонгјанг гастарбајтерите се добар извор за нужно неопходните девизи.

Marzuki Darusman UN Sonderberichterstatter Nord-Korea
Специјалниот известувач на ОН за Северна Кораја, Марзуки ДарусманФотографија: picture alliance/AP Photo/S.Di Nolfi

Единствен излез- бегство

Во 2002. година господин Ким не можел повеќе да издржи. Работел секојдневно просечно по 16 часа на ден, а понекогаш и речиси 20 часа. Кога веќе не можел да издржи, се решил да побегне. Ја искористил првата можност која му се укажала кога севернокорејските надзорници одржувале редовна конференција. Успеал да побегне без да го забележат. „Повеќе месеци малку по малку штедев пари. Така купив карта за воз и заминав.“ Заминал во друга област, каде што никој не го познавал. Но, во Русија останал повеќе од 10 години, работел во градежништво. Во 2013. година решил да замине во Јужна Кореја. Оттогаш живее повторно на корејскиот полуостров, само од другата страна на границата. Денес има повеќе од 50 години, но колку точно години има не сака да открие.

За својата безбедност не се плаши, до сега немало никави закани против него. За тоа постои едноставна причина, објаснува. „Севернокорејското раководство воопшто не знае дека побегнав. Ако севернокорејските надзорници јавеле во Пјонгјанг дека сум исчезнал, и самите би биле казнети.“ Затоа често се случува ваквите случаи да бидат турнати под килим. Сепак тој живее во постојан страв за своето семејство. „Ако еден ден се дознае дека сум побегнал, тоа за нив би можело да има страшни последици“.

Истрага на Обединетите нации?

Nordkorea Außenminister Ri Su Yong beim UN-Menschenrechtsrat in Genf
Севернокорејскиот министер за надворешни работи, Ри Су Јонг во Советот за човекови права на ОНФотографија: Richard Juilliart/AFP/Getty Images

Сепак, господинот Ким не сака да молчи. Деновиве, тој заедно со други севернокорејски бегалци, го извести Советот за човекови права на ОН за тоа што му се случило. Притоа тешко го обвини севернокорејскиот режим. Ким се надева дека со тоа ќе го заврти вниманието на светкта јавност кон секојдневните злосторства кои ги извршува севернокорејското раководство врз сопствениот народ.

Специјалниот истражител на ОН за Северна Кореја, Марзуки Дарусман, ги знае ваквите приказни на севернокорејските бегалци. Тој сега најави дека ќе преземе нешто. Дарусман има намера да ги провери обвинувањата кои ги изнесуваат севернокорејските гастарбајтери во странство. Крајно време е за прецизна истрага, вели Дарусман. Пред нешто повеќе од една година, тричлена комисија на ОН веќе објави опсежен извештај за стравичните кршења на човековите права во Северна Кореја. Комисијата дојде до заклучок дека државното раководство е директно одговорно за злосторства како што се систематско измачување и убиство.