1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Могерини ја потврди италијанската поддршка за Македонија

АТ/ миа/ макфакс25 јули 2014

Интeграцијата на Македонија и Западниот Балкан е од стратегиски интерес на ЕУ и мора да остане во сржта на еврпската политика, порача во Скопје италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини.

https://p.dw.com/p/1Cisk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини на средбата со својот македонски домаќин Никола Попоски ја потврди италијанската поддршка за евронтеграцијата на Македонија и на земјите од западен Балкан. Италија како земја претседавач со Европската унија верува дека интeграцијата на земјите од Западен Балкан е од стратегиски интерес на Унијата.

Италија, како што нагласила Могерини на средбата со Попоски, ќе продолжи да биде силен поборник за процесот на проширување на Европската унија, и оти Македонија може да смета на натамошна активна поддршка од Рим за почнување на пристапните преговори.

Во однос на спорот за името меѓу Македонија и Грција, Могерини порача дека го поддржува процесот кој се води во рамките на Обединетите нации, но нагласи дека напредокот мора да биде постигнат единствено во Скопје и Атина. „Знаеме дека прашањето за името е од суштинско значење и Италија е подготвена да даде своја поддршка за напорите во контекст на ова прашање“, рече Могерини.

Во меѓувреме, порача Могерини, Македонија треба да се фокусира на реформите во земјата и внатрешниот дијалог.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски порача дека италијанското претседателство со Европската унија е од исклучително значење за Западен Балкан.

„Италијанското претседателство со ЕУ е многу добар сигнал за регионот и докажува дека обединувањето на Западен Балкан со ЕУ нема друга алтернатива“, рече Попоски.

Могерини денеска се сретна и со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, и остварува средби и со премиерот Никола Груевски, како и со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

Посетата на Македонија е дел од балканската турнеја на италијанската министерка за надворешни работи Могерини во својство на претседавач со ЕУ.