1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите во Бугарија пред дилема: што по протестите?

С.Глас/С.Недевски19 април 2014

Повеќемесечните протести во Бугарија против корупираниот политички систем стивнаа. Младите кои учествуваа во нив се поделени, некои остануваат со надеж за европска Бугарија а некои заминуваат во Европа.

https://p.dw.com/p/1BjVb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Деси ја познава секој и за време на повеќемесечните протести во земјата ја знаеше нејзината мисија: рано наутро, пред почетокот на наставата, оваа 16-годишна девојка одеше да демонстрира против бугарската влада.

Деси сака во нејзината татковина, најсиромашната земја во Европската унија, да исчезне корупцијата и непотизмот. Со денови се повторуваше истата приказна. Стотина демостранти извикуваа „оставка“ пред зградата на парламентот.На споредниот влез, на кој најдобро се заштитени од толпата, стигнуваа политичарите во своите скапи лимузини.

„Политичарите мислат само на тоа како да се збогатат, а не на граѓаните. Тоа многу ме лути. Како граѓанин се чувствував обврзана да демонстрирам. Сакаме во земјата конечно да почне да се владее како што треба за да можеме да останеме и живееме тука.“, вели Деси

Protest gegen Regierung in Sofia Bulgarien
Фотографија: BGNES

Крај на наставата во Техничката гимназија. Деси тука се подготвува за студии по телевизиска и филмска режија. Своите соученици постојано се обидуваше да ги наговори да протестираат. Меѓутоа, нив политиката многу и не ги интересира.

Зад неа е веќе вистински напорен ден. Дома ја чека татко и‘ кој е готвач и кој попладне е слободен. Мајка и’ е се’ уште на работа. Филип Николов е многу горд на својата ќерка. Ја поддржува нејзината желба за живот во земја без корупција, а понекогаш и самиот учествува во протестите.

„Многу пати размислував да се иселам. Поради неа. За да има подобра иднина. Понекогаш ја провоцирам и и’ велам дека ќе и’ платам студии во странство, каде што ќе посака. Но секогаш луто ме одбива.“, вели Николов.

„Ја сакам Бугарија. Во странство сакам да одам само на одмор и да запознавам различни култури. Но јас ќе останам. Сакам нешто да се смени во оваа земја. Тоа е за Бугарија единствениот начин.“, истакнува Деси

На на ѕидот во семејниот дом виси сликата која ја прослави Десислава низ Бугарија. Деси прегрнува полицаец кого за време на зенитот на протестите го нападнаа демонстранти и му го скршија носот. А Деси сочувствувала со него. „Му реков да внимава на себе. И тој мене ми рече јас да внимавам на себе“, раскажува Деси.

Економската криза особено тешко ја погоди и онака најсиромашната земја во ЕУ. Секој трет млад човек е невработен.

И 33-годишниот Самуил минатото лето поради тоа протестираше против владата. Тој се откажа уште пред протестите целосно да се смират. Вели не гледал повеќе смисол во тоа.

Regierungsgebäude in Sofia, Bulgarien
Фотографија: BGNES

Тој ја донесе својата одлука. Неговото младо семејство ќе си замине од Бугарија. А тоа не му е лесно. Имено, тука изградиле живот. Неговата сопруга има универзитетска диплома. Самуил е информатичар. Има постојана работа и сега го завршува вториот факултет.

Вели повеќе би сакал да плаќа данок во некоја друга држава, на пример во Германија или Велика Британија.

„Важно е да се плаќа данок во политички систем кој функционира добро, кој функцоинира подобро. Тоа можеби и не е совршен политички систем, но функционира подобро. Политичкиот систем во Бугарија е... Па, не знам како би го објаснил тоа. Неговото ниво е прениско за една европска земја“.

Самуил заминува. Деси останува. Се’ уште се надева дека во Бугарија нешто ќе се промени.