1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Митумба“ - мода од Европа за Танзанија

Карстен Камински/ А.Трајковска 20 октомври 2014

Вишокот на облека од Европа се продава во Африка. Еден од најголемите пазари за пласман е Танзанија. Еден поглед во светот на „митумба“.

https://p.dw.com/p/1DYdv
Фотографија: DW/K. Kaminski

Менси Ванса стои пред брдо облека, кое е двојно поголемо од неа. Низ рацете и‘ се лизгаат црн вечерен фустан, фармерки и кошула со набори. Оваа студентка се наоѓа на најголемиот „митумба“-пазар во Дар ес Салам, на пазарот Каруме. Зборот „митумба“ на јазикот свахили означува носена облека од Европа, која се препродава на пазарите во источна Африка. Менси е воодушевена од облеката од Европа: „Облеката е од многу добар квалитет и притоа е евтина. Во продавница за фармерки плаќам 19 евра, овде за тие пари можам да купам два или дури три пара пантолони“.

На „митумба“-пазарот се оди за да се пронајде најевтината и најдобрата облека. Една блуза во просек чини 25 центи. „Мора долго да се бара додека да се најде нешто добро. Мојата облека е износена, искината и фали едно копче. Но, тогаш се оди кај шивачката. Во Танзанија секој си има шивачка“.

„Митумба“ нуди работни места за шивачките

Меѓу тесните улички, покриени со пластика, на температури од околу 40 степени, седат шивачките и ја прилагодуваат облеката од Западот на големината на Африканците. Во просек една „митумба“-шивачка заработува 50 евра месечно.

Јарида Петер (41) поради можноста за работа на Каруме-пазарот дури ја смени професијата. „Претходно продавав лепчиња. Но, со тоа не можев да заработам толку како со 'митумба'. Овде секој ден имам работа и луѓето директно доаѓаат, ако нашле нешто на пазарот“.

Stand am Straßenrand von Dar es Salaam
Фотографија: DW/K. Kaminski

„Митумба“ стана дел од танзаниското општество. Првата стока дојде во 90-тите години во Танзанија, кога беше дозволен увоз на производи од странство. Со текот на времето, трговците на големо, кои ја пречекуваат стоката на пристанишето во Дар ес Салам, сфатија дека со облеката од Западот можат да направат пари.

Менси забележува дека постои договарање на цените: „Овде на пазарот Каруме сите производи се поевтини. За тоа мора да се бара и да се сортира износената облека. Трговците најдобрата облека или облеката од марки ја избираат уште на пристаништето. Потоа таа се продава во продавници за 'прва класа-митумба'“. Цената таму е трипати повисока. Тие се продаваат како нова облека.

Традиционалната облека запаѓа во заднина

Дотолку потешко станува за локалната текстилна индустрија. Трошоците за производство на традиционалната облека како канга или китенге се многу повисоки. Тие не можат да одржат чекор со цените за „митумба“. Хилари Тери поседува мала фирма и сѐ уште самиот произведува традиционална облека. Бизнисот е тежок: „Многумина во браншата речиси да не можат да ги продадат своите работи. Побарувачката е премала и некои ги губат работните места“. Во последните години 80.000 луѓе вработени во домашната текстилна индустрија ја загубија работата. Хилари Тери не сака да се предаде. Традиционалната облека може да ја продава во странство. Оние кои се најмногу заинтересирани доаѓаат од Америка или Германија.

Mancy kauft sich eine Jeans auf dem Mitumba-Markt
Фотографија: DW/K. Kaminski

Во Танзанија пред сѐ постарите жени сакаат да ја комбинираат традиционалната облека со „секнд-хенд“ облека од Западот. „'Митумба' владее со пазарот, без сомнение. Но, не можам да си замислам, дека традиционалната облека некогаш целосно ќе биде потисната во сенка. Затоа и натаму ќе се обидува да ги продавам моите материјали“.

За младите „митумба“ е тренд

Развој, со кој Менси Ванса израсна. За неа „митумба“ е тренд. На универзитетот се разменуваат информации, на кои пазари има подобра облека и како најдобро да се пазариш за цената на облеката. По три часа Менси купи два пара фармерки. „Цената беше добра. Ако овие фармерки би ги купила во шопинг центарот, за четири евра би купила само едни панталони - вака имам два пара“.

„Митумба“ ја промени текстилната бранша во Танзанија. Локалната текстилна индустрија страда, шивачките имаат нови работни места. А општеството? Тоа доби евтина варијанта за да му се приближи на Западот, најмалку според облеката.