1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мистеријата за омилените Германци

Александер Кудашеф / превод: ЕМФ25 декември 2014

Германија - стабилна демократија, но народ со колебливи погледи: ја симпатизираат империјалистичка Русија, а критикуваат демократии. И сепак се омилени, констатира со чудење Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1E9wf
Фотографија: picture-alliance/dpa/Rainer Jensen

Германците на Запад завршија по многу историски талкања, констатираше еднаш познат историчар. Точно е. Животниот стил и чувство на Германците е западен, некои дури мислат и дека е повеќе јужен. Германците во меѓувреме едноставно сакаат топлина и сонце. Но во политиката не се јужни, туку колебливи, несигурни.

Разбирање за Русија

Се разбира дека сметаат оти однесувањето на Путин е погрешно, но не сосема. Се разбира дека отфрлаат анексија на Крим, но не само тоа. Се разбира дека учествуваат во санкциите против Кремљ, но со задршка и загриженост. Се вели: Русија не смее да колабира. И со тоа се доведуваат во прашање сопствените санкции. Но Германците пред се‘ имаат многу разбирање за неоимперијалистичкото спроведување на интересите на Путин во Украина. Тоа била сфатлива обврска која произлегува од руската историја и култура. Мнозинството Германци - се разбира не сите - имаат разбирање за Русија.

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер Кудашеф, главен и одговорен уредник на ДВФотографија: DW/M. Müller

Германците имаат посебни односи со Израел. Тоа го разбира секој. Се смета дека шест милиони убиени европски Евреи се обврска и тука нема што да се приговара. Но, ако се погледнат коментарите на - човек речиси не сака да го напише зборот - „нормалните“ Германци за војната во Газа, се добива друга слика и се знае дека Германците на тоа не гледаат така. Притоа нормалност и нормализација не се клучните зборови, како што се сака да се верува. Не, Германците имаат посебен однос кон Палестинците, па и кон Хамас, кој отворено повикува на уништување на ционистичката творба (едносавно кажано: Израел) и имаат критички однос кон Израел. Зборот за тоа: критика кон Израел, која мора да биде дозволена. Сепак, владата (и големи делови на опозицијата) се држат до курсот. Тие знаат за што мора да се залагаат Германците.

Критичари на Америка

Германците радо се револтираат - поради други, пред се‘ САД. Најчесто САД се виновни - затоа што преземаат нешто или затоа што не преземаат ништо. Во таквиот став нема што многу да се погреши. Таков е „мејнстримот“ - од десно до лево. Се разбира дека Германците не се антиамерикански настроени, па тие се на Запад. Но моралниот показалец е постојано кренат во насока на „вујко Сем“. Општество, политика , економија - со ваквиот „American Way of Life“ народот на поетите и мислителите (Германците, н.з.) има малку заедничко. Трага по свој пат? На Запад или сепак како европско царство на центарот? Колебливо?

Германците се земја на мислители, иноватори, инженери. Тие сакаат консензус. Денес се малку повеќе во левиот „мејнстрим“, зашто на луѓето со конзервативни ставови не им е лесно, а и ги има ретко. Германците сметаат дека социјалната праведност е поважна од слободата. Сонуваат за живот во некаква зелена Швајцарија, значи на некаков остров. Се согласуваат со политичките предизвици за поголем ангажман во странство, се‘ додека не стане сериозно. Заштитата на животната средина и некои патишта по кои мигрираат желките ги сакаат повеќе од заштитата на загрозените луѓе и народи. И за чудо, тие се особено омилена земја во странство. Поточно речено, дури и најомилена! Барем така велат Англичаните, кои порано не не‘ сакаа, а сега не‘ слават. Само зошто?