1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓуконфесионални тензии во Саудиска Арабија

Андреас Горжевски/ Симе Недевски23 октомври 2014

По смртната пресуда против шиитски проповедник дојде до нови насилства во Саудиска Арабија. Дали зад немирите стои Иран или дискриминацијата на шиитите во земјата, засега е нејасно?

https://p.dw.com/p/1DZxn
Фотографија: Reuters

Во источните провинции во Саудиска Арабија опасно се заострува конфликтот меѓу сунитската влада и шиитското малцинство. По изрекувањето на смртната пресуда против шиитскиот проповедник Нимр Бакир ал-Нимр во минатата недела дојде до конфликти меѓу полициските сили и непознати лица. Притоа, според извештаите на безбедносните сили, запален е нафтен погон. Конфликтот се прошири надвор од границите. Во соседен Ирак шиитските милиции за време на викендот повикаа на напади врз саудиски објекти. Властите во Саудиска Арабија мораат да сметаат на „сериозни последици“ доколку не ја повлечат смртната пресуда, порачано е од Ирак. И од шиитски Иран можеа да се слушнат закани поради можното бесење на овој верски службеник.

Саудиските власти го обвинуваат овој проповедник од провинцијата Катиф дека повикувал на насилство меѓу религиите и организирал протести. Освен тоа шеикот ал-Нимр се обвинува оти бил непослушен кон кралот. Тој во минатата среда (15.10.) поради тоа е осуден. Организацијата за заштита на човекови права Амнести Интернешнал остро ја критикуваше оваа пресуда: „Смртната пресуда против шеикот Нимр Бакир ал-Нимр е дело на капањата на судиската влада со која сака да го задуши секое критичко мислење кон владата. Тоа ги засега и оние, кои ги бранат правата на шиитското малцинство.“

Saudi Arabien Proteste gegen die Verurteilung vom Geistlichen Nimr al-Nimr Archiv 2012
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Шиитите дискриминирани во многу сегменти

Шиитите сочинуваат околу 10 до 15 проценти од населението во Саудиска Арабија. Кралската куќа и религиските власти во земјата застапуваат многу ригорозна вахабиска насока од сунитскиот ислам. Шиитите се дискриминирани на различни начини, објаснува Елхам Манеа, политиколог на Универзитетот во Цирих и експерт за заливскиот рагион. Така постојат ограничувања во бројни занимања. И во училиштата, како што вели таа, шиитите се дискриминирани бидејќи училишната програма одразува доминација на вехабиското толкување на исламот. „Со самото тоа, на оние кои не припаѓаат кон вахабиското толкување на исламот, им се праќа порака дека се откажале од исламот и оти ќе завршат во пеколот“, вели Манеа во разговорот за ДВ. Кога кралот именува еден шиит во верскиот совет дојде до протести на сунитска страна, вели таа.

Во провинциите богати со нафта на истокот на Саудиска Арабија во последните 3 години секогаш одново доаѓа до насилства. Кога во пролетта 2011. година т.н. Арапска пролет потресе големи делови од арапскиот свет, и тука дојде до протести. Но саудиските власти остро делуваа против нив. Во насилните конфликти, до кои дојде во 2012. година, според неофицијални податоци животот го загубија повеќе од 20 лица, меѓу кои четворица полицајци.

Ал-Нимр, кој со своите проповеди јавно ја критикуваше дискриминацијата врз шиитите, за време на апсењето во 2012. година беше ранет. Властите тврдеа дека е повреден во размена на оган кога сакал да побегне и кога удрил еден полициски автомобил. Но неговите следбеници го отфрлаат тоа. По неговото апсење на улиците излегоа ијладници негови симпатизери.

Нејасно влијанието на Иран

Saudi-Arabien Festnahme schiitischer Prediger Scheich Nimr Bakir al-Nimr
Фотографија: Reuters

Риад Кахвај, раководител на Институтот за Блиски Исток, со седиште во Дубаи, смета дека до немири не доаѓа поради саудиската дискриминација, туку поради мешање на Иран. „Таму немаше немири пред иранските настојувања да извезат исламска револуција од Иран“, вели Кахвај. „Една од причините за влошување на односите беа постојаните обвинувања оти Иран се меша и се обидува да ја поттикне шиитската заедница во арапските земји да го зголеми своето влијание“, вели тој.

Колкаво е влијанието на Иран на територијата на Саудиска Арабија е спорно. Шиитските опозициски сили во однос на саудиската влада не се единствени. Една струја се залага за спроведување реформи во Саудиска Арабија, вели Манеа. Другата страна наспроти тоа сака отцепување на источните провинции. Таа струја има контакти со Иран. Ал-Нимр исто така се закануваше со отцепување на шиитските подрачја доколку владата и натаму се противи на спроведување на реформи кои ќе бидат во полза на шиитите.

Доколку влијателниот проповедник навистина биде погубен, постои опасност да дојде до дополнителна ескалација. Тогаш шиитските активисти во регионот би имале аргумент да ја подгреваат ситуацијата и понатаму, предупредува Кахвај. И експертката Манеа вели: „Доколку дојде до погубување, јас се плашам од натамошна радикализација на протестите и на опозицијата во источниот регион.“