1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерките за намалување на невработеноста даваат ефект, но...

Костадин Делимитов 27 ноември 2014

Надлежните генерално се задоволни од ефектите на мерките за намалување на невработеноста, но размислуваат и за промена на моделите за поддршка.

https://p.dw.com/p/1DuN4
Агенција за вработување во ТетовоФотографија: privat

Обуки, субвенции, кредитирање, директни контакти на фирмите со невработените. Во Македонија се спроведуваат серија мерки за намалување на невработеноста. Надлежните генерално се задоволни, но размислуваат и за промена на моделите за поддршка на невработеноста. Во услови на намалена, но сѐ уште рекордна стапка на невработеност, еден од клучните предизвици е како да се мотивираат лицата што бараат работа повеќе да се интересираат за посета на обуките. „Реално секаде има резултати, но проблемот е во тоа што за обуките имаме слаба апликација на невработените“, коментира за Дојче веле Влатко Поповски директор на државната Агенција за вработување.

„Некако многу послабо аплицираат за обуки, отколку за субвенционирање за самовработување со грант или кредитирање. Во овој дел има поголем интерес за разлика од обуките со кои пак се зголемуваат капацитетите за вработување. Ќе направиме повторно ревизија на индивидуалните планови за вработување така што ќе се движиме само по нив. Сакаме да направиме мерки со кои повеќе ќе ги мотивираме невработените дека и обуките носат до квалитетно вработување, а не само оние мерки што се до директно вработување. Затоа што реално со обуките ќе најдат полесно работа отколку со сегашните знаења со кои располагаат. Еве за кратко ќе имаме една убава обука која што деновиве ќе ја објавиме заедно со коморите што ја работиме и што ќе биде од полза за некои невработени што не можат да си дозволат да го платат тој сертификат. Инаку што се однесува до другите проекти, во овој момент се аплицира без проблем за обуки кај познат работодавач каде што аплицираат работодавачите, а во рок од десет дена почнуваме со регрутација на невработените за шестмесечна обука. На крајот од третиот месец се вработуваат најмалку половина од оние што се на обука кај тој работодавач. Имаме активен кредит кој ќе се објави првиот понеделник во декември, рокот ќе трае десет дена и ќе може да се аплицира за самовработување со кредит за сите невработени“, вели Поповски.

Во фокус е вработувањето на младите

Владините политики за вработување во последниов период се посебно фокусирани на младите со оглед на високиот процент невработени кај овој дел од работоспособната популација. До три илјади евра неповратни средства за добар бизнис план, поволни кредити со минимална камата се само некои од мерките што се нудат на пазарот на труд и програмите за самовработување. Експертите сметаат дека стратегијата е добра, но за подолгорочен ефект сугерираат и поинаков пристап.

„Мерките се во секој случај добредојдени, но невработеноста како сериозен проблем мора да се решава на долг рок затоа што ад хок мерките не даваат резултат. Мислам дека наместо донации треба да се даваат поволни кредити, но не и неповратни средства бидејќи луѓето треба да ги ценат парите што ги добиваат. Од друга страна потребен и своевиден фонд за претприемачите бидејќи тоа е најголемиот проблем не само во Македонија. Да се даваат кредити за почетници што немаат сопствен капитал. Овие програми не треба да бидат краткорочни, туку да се отворени постојано во текот на целата година а не да се пријавуваш денеска и за одреден период по што конкурсот се затвора. Се разбира дека се потребни повеќе видови на мерки и институции кои ги поддржуваат, но и одредени ослободувања од даноци, придонеси, разни форми на организирање да не плаќаат деловен простор, инкубатори. Имаме разни производствени хали што се празни а што можат да се употребат. И локалната самоуправа треба да се вклучи поактивно во овој процес. Искрено, има многу начини, но комплексно мора да се решава од страна на централната локалната власт и бизнис коморите заедно. Ние секогаш чекаме само од владата, но треба иницијатива на сите нивоа“, коментира универзитетската професорка Марија Зарезанкова Потевска.

Според надлежните, најатрактивни се грантовите во висина од 3000 евра за кои може да аплицира секој што има добар бизнис план. Добри резултати дала и мерката за вработување на млади до 29 години. Од март досега ја искористиле околу 4900 млади. Неодамна започнатиот проект за сами за вработување во различни градови низ земјава според надлежните предизвикуваат интерес. Наредната недела треба да бидат објавени податоците за првите два. Досега се одржаа во пет градови. Инаку Агенцијата неодамна објави дека има 4000 слободни работни места. На пазарот на труд најмногу се бараат продавачи, обезбедувачи, занаетчии. Заклучно со минатиот месец без работа се евидентирани 120.741 лица, од кои активни баратели на работа се 102.014 лица.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема