1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Оружје за Курдите за да се спречи насилството на ИД

Ш.Штикелман /дпа/ Е.М.Фиданоска1 септември 2014

За да се одбранат од терористите на Исламска држава (ИД), Курдите во Ирак ќе добијат и германско оружје. За ваквиот став на германската влада денеска (1.09) се расправа во Бундестагот.

https://p.dw.com/p/1D4sz
Фотографија: Getty Images

Германската канцеларка Ангела Меркел го оправдува планираното доставување германско оружје за Курдите во Ирак со заканата која произлегува од терористите на ИД. Исламска држава во изминатите недели изврши „непоимливи злосторства“, рече Меркел давајќи владина изјава во Бундестагот. „Се‘ што не одговара на нивната слика за светот, тие го отстрануваат на ужасен начин. Религијата се злоупотребува на страшен начин за да им се даде легитимација на убиствата, теророт и насилното владеење.“

Канцеларката доставувањето оружје го образложи и со агрументот дека ИД им се заканува и на безбедноста на Германија и Европа. Конфликтот ги дестабилизира соседните земји, како Јордан и Турција. „Голема дестабилизација на цел еден регион би имало влијание и врз Германија и Европа.“ Меркел се заложи и за прием на дополнителен број бегалци од Ирак: „Онаму каде што луѓето се во нужда, треба да им помогнеме, меѓу другото и со прием на дополнителен број бегалци.“

Оружје во вредност од 70 милиони евра

Германската влада вчеравечер донесе одлука да им даде оружје на Курдите од резервите на германската армија. Сепак, вакво лиферување оружје во еден кризен регион треба да остане исклучок. Оружјето кое ќе го добијат Курдите е во вредност од 70 милиони евра.

Шефот на пратеничката група на социјалдемократите Томас Оперман во доставувањето оружје не гледа промена на правецот на надворешната политика: „Тоа не е кршење на табуата“, рече тој, потсетувајќи дека ИД е закана по животот на милиони луѓе во северен Ирак. „Мислам дека не можеме пасивно да посматраме вакви нечовечки постапки“, рече Оперман. Заменикот шеф на пратеничката група на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Томас Штробл, оцени: „Имаме човечка обврска да преземеме нешто против ѕверските убиства.“ Штробл додаде: „Она што денес се случува во Сирија, утре е опасност за Штутгарт.“ Според проценките, околу 400 борци на ИД имаат германски пасош.

Peschmerga Kämpfer 10.08.2014 bei Mossul
Оружјето треба да го добијат пешмерга-борцитеФотографија: picture-alliance/dpa

Пратениците не одлучуваат вистински

Во Бундестагот ќе се гласа само за документот со кој и‘ се дава поддршка на Владата во нејзината одлука. Тоа, меѓутоа, има само симболично значење. Вистинско право на одлучување, како на пример при испраќање германски војници во мисии во странство, парламентот овојпат нема. Шефот на пратеничката група на опозиционата Левица, Грегор Гизи, упати критики поради тоа, дотолку повеќе што, како што рече, германското оружје оди во рацете на борбени единици кои не се под „капата“ на ирачката влада.

Доставувањето оружје за Курдите треба да почне овој месец. Меѓу другото, ќе бидат доставени 30 протитенковски системи од типот „Милан“ со вкупно 500 ракети, 16.000 автоматски пушки од типот Г3 и Г36, како и 10.000 рачни гранати. Курдите ќе добијат и 40 митралези, како и 4000 заштитни елеци и шлемови. Дел од Курдите треба да бидат и обучувани во воената школа во Хамелбург. Со оружјето треба да бидат опремени вкупно 10.000 пешмерга-борци.

Штајнмајер: Нема магацини на оружје во Курдистан

Претставници на сите партии изразија стравување дека оружјето на крајот би можело да падне во погрешни раце. За таквиот ризик е свесна и Владата. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер вети дека ќе се грижи за тоа да не се создаваат магацини со оружје во Курдистан. Во Ербил се веќе пристигнати првите шестмина војници на Бундесверот кои треба да се грижат за распределба на оружјето. Покрај Германија, заклучоци за снабдување на Курдите со оружје донесоа и Франција, Велика Британија и Италија. САД и Иран ги снабдуваат Курдите со оружје веќе подолго време.