1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во мисија за мир

АТ/ дпа/ афп23 август 2014

Германската канцеларка Ангела Меркел во Киев се заложи за што поскоро завршување на конфликтот во источна Украина и вети финансиска помош и поддршка за обновата на инфраструктурата во земјата.

https://p.dw.com/p/1CzhI
Фотографија: Reuters

Германската канцеларка Ангела Меркел при посетата на Киев побара „двостран прекин на огнот“ за да се стави крај на конфликтот во Украина. По средбата со украинскиот претседател Петро Порошенко, Меркел денеска (23.08) рече: „Територијалниот интегритет и добробитта на Украина се суштествената цел на германската политика“.

Канцеларката најави кредитна гаранција од преку 500 милиони евра. Оваа гаранција би требало да помогне да се овозможат приватни инвестиции во инфраструктурата на земјата, рече германската канцеларка при посетата на укранскиот главен град Киев. Целта, според нејзе, е да се финансираат проекти за снабдување со вода и енергија и за училишта.

Со дополнителни 25 милиони евра Германија сака да овозможи изградба на сместувалишта за бегалците, рече Меркел. Од почетокот на конфликтот во источна Украина, во април, повеќе стотици илјади луѓе мораа да ги напуштат своите домови. ОН проценуваат дека има повеќе од 400.000 бегалци.

Украинскиот претседател Петро Порошенко нагласи дека опстојува на својот мировен план за истокот на земјата погоден од кризата. „Војна не е наш избор, таа ни е наметната однадвор“, рече претседателот. Со канцеларката тој разговарал за плановите за обнова на инфраструктурата во немирниот регион Донбас.

Пред средбата со шефот на Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин, која е планирана за вторник наредната недела (26.08), украинскиот претседател рече дека неговата земја и ЕУ ќе делуваат координирано. „Многу се надеваме дека ќе биде постигнат позитивен резултат“, подвлече Порошенко.

Германија, според него, е „моќен пријател“ и „силен адвокат“ на Украина во Европската унија. „Сакам да нагласам дека госпоѓа Меркел како никој друг ги знае проблемите со кои е конфронтирана Украина“, рече Порошенко.