1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара реален реформски прогрес

Костадин Делимитов29 август 2014

Средбата во Берлин му дава оптимизам на регионот. Реториката на Меркел која сега говори за “брз“ пристапен процес според дел од експертите значи позитивен импулс, исто така и најавата за следна средба во во Австрија.

https://p.dw.com/p/1D3S7
Фотографија: dapd

Тоа што Европа во фокусот ги става парите и инвестициите во делот на големите инфраструктурни проекти и покрај фактот што нема зголемување на претпристапната помош сепак е охрабрувачки сигнал. Помалку или повеќе загрижувачки е тонот околу оценките за реформските постигнувања, или потребата за нивно засилување и сериозноста што се сугерира во пристапот кон отворените прашања:


„За жал, во однос на Македонија, средбата само потврди дека од регионален лидер станавме регионална опашка. Македонија на прес конференцијата е спомената само преку спорот со името, за разлика од Србија, Албанија и Косово, кои беа јасно истакнати за постигнатиот напредок. Дури, за Босна и Херцеговина беше изразена надеж дека ќе има напредок по изборите. За Македонија немаше ни изјава на надеж, ни повик. Ова е уште еден од низата сигнали до Владата дека мора да ја смени насоката, но тоа не е на повидок“, коментира Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Време е за пресврт

Иницијативата за организирање на самит од овој тип според универзитетскиот професор Горан Илиќ е за поздравување и претставува еден дополнителен импулс кон "агонистичкиот" процес на интеграција на државите од Западен Балкан во ЕУ. Но наспроти тоа, овој настан според него, може да се толкува и како гест на безидејност и неспособност на ЕУ, самата таа (без посредство на Германија) да преземе конкретни супранационални чекори кон конечно интегрирање на државите од Западен Балкан. Сѐ поголемото одлагање на интеграцијата на регионот во структурите на ЕУ, според Илиќ, ќе предизвика засилена ерозија на прифатените вредности, спроведените политики и остварените цели на државите од регионот, а сето тоа, ќе придонесе за пораст на чуството на евродефетизам и одбивност кон идејата за приклучување кон ЕУ:

Angela Merkel und Nikola Gruevski PK in Berlin
Ангела Меркел и Никола ГруевскиФотографија: dapd

„Таквиот амбиент ќе значи легитимирање на различни радикални партиско - политички групи (од различен тип) во државите од регионот и дисторзија на нивните политички системи. Сето тоа, недвосмислено ќе овозможи и поттикнување на различни ставови/активности за "свртување кон исток", како своевиден азил за политичките фрустрации на регионот, а акумулирани поради бесконечно долгиот и бирократизиран процес на евроинтеграција. Земајќи ги во предвид темите и намерите на берлинскиот самит, како и ангажираноста на Германија во однос на Западен Балкан, сметам дека, конечно е дојдено времето Европа да започна да се занимава со политика, наместо со економија, и на таков начин конечно да стави крај на агонијата на евроинтеграцијата, да ги стабилизира државите во регионот, и да ја демаркира својата геополитичка позиција во светот. Овој самит повеќе сведочи за неспособноста на лидерите на ЕУ за остварување на големиот европски дизајн, отколку за добрите намери на германската канцеларка Ангела Меркел и регионалната соработка на Западен Балкан. Периодот што следи, не смее да биде време на "замореност" на ЕУ од процесот на проширување, туку тоа треба да биде време на засилена интеграција и конечна унификација на ЕУ. Сѐ друго, ќе биде само оправдување на безидејноста и неспособноста на политичките елити на ЕУ, да се согледаат вистинските опасности кои демнат на светската политичка сцена“, коментира Илиќ

Предизвик за Македонија

Борбата против корупцијата, јакнење на независноста на судството, поддршка на слободата на медиумите, постигнување одржлив економски раст преку отворени пазари и странски инвестиции се клучните предизвици околу кои во завршната декларација земјите се обврзаа дека ќе постигнат реален прогрес во наредните четири години. Задачите според универзитетскиот професор Мерсел Биљали се сериозни, посебно ако се земат во предвид и заложбите за брзо решавање на отворените прашања, меѓу кои и она за името помеѓу Македонија и Грција. Клучниот предуслов за сето ова е политичката волја што е предизвик, посебно за Македонија:

„Македонија е посебен проблем со името, иако може се очекуваше нешто повеќе на тој план сепак и овој заклучок што се однесува кон нас сепак е едно охрабрување да не кажам и притисок да се реши проблемот. Но од друга страна проблем на лидерите, водството што ја води државава се неколкуте загубени години поради национализмот и популизмот, лични или групни калкулации, делумно суспендирање на демократијата, медиумите. Интересно е дека имаше и формулација која можеби најмногу се однесува на нас, дека власта треба да ги ослободи рацете на бизнис заедницата, на економските субјекти што за жал е далеку од реалноста. Значи Македонија треба најпрвин да има политичка волја што засега ја нема за да ги реши социјалните проблеми и да се вклучиме во процесите. Како што е познато ние едно време бевме лидер на интегрирањето во регионот, а сега сме скоро последни и тоа е една објективна одговорност на водството. Не сум сигурен дека оваа структура наспроти сите декларативни изјави има политичка волја за реални реформи, особено дека толку лесно можат да се повлечат од она што значи и контрола на медиумите што исто така беше заклучок од средбата“, коментира Биљали.

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел БиљалиФотографија: Fatos Musliu

Како и да е очигледно е дека ЕУ, а особено Германија, отворено ја демонстрира заложбата за забрзување на процесот на евроинтеграција на Западен Балкан. Предизвикот е познат, обврските исто така, посебно ако се има во предвид дека не само официјален Берлин, туку и останатите заговараат или ветуваат проширување или интегрирање но без наследени проблеми или отворени прашања. Кој и со колкава сериозност пристапил кон целиот процес ќе може да се види веќе догодина, на следната конференција во формат Германија-ЕУ-Западен Балкан кога домаќин ќе биде Австрија.