1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мемоари за Македонија - сведоштва и тајни!

13 септември 2011

Како заминуваше ЈНА? Дали кон договорот Глигоров-Аџиќ има таен анекс? Дали Кљусев знаеше кој и каде ги менуваше ју-динарите за марки? Треба да се снимат живите сведоци на самостојна Македонија, велат историчарите.

https://p.dw.com/p/12XpE
Фотографија: DW

Сеќавања, списи, анализи, интервјуа... повеќе жанрови на јавно публикувани спомени, од малкуте политичари, кои се одважија да остават пишан белег за својата улога во важни етапи од преминот кон политичкиот повеќепартизам, распадот на Федерацијата, па се’ до првите денови од македонската самостојност.

Најобемни се објавените мемоари на првиот претседател Киро Глигоров, отпечатени по неговото политичко пензионирање како „татко на нацијата“.

Kiro Gligorov
Киро Глигоров, прв претседател на самостојна МакедонијаФотографија: MIA

Свои авторски погледи за дводецениската самобитност објавија и првиот спикер Стојан Андов, професор Трајан Гоцевски првиот министер за одбрана во чие време се преземени границите од ЈНА, потоа, генерал Панде Петровски, командант на АРМ за време на воениот конфликт 2001, но и челникот на ОНА и на ДУИ Али Ахмети, како и неговиот вујко Фазли Велиу. За премиерот на експертската Влада академик Никола Кљусев, како и првиот полицаец во негово време Јордан Мијалков пишуваа хроничари преку искази на нивни современици. За историјата, континуитетот меѓу двата Илиндена, важни се мемоарите на генерал Апосотолски, народните херои Гигов, Ацева, Црвенковски, сеќавањата на Колишевски, но и на Светозар Вукмановиќ-Темпо, блискиот соработник на Тито задолжен за Македонија, вели историчарот Тодор Чепреганов.

„Мемоарите, се секундарни извори, можат да бидат надополнување на главните пишани историски докази, ако ја имате архивската документација. Денес во светската историографија мемоарите се забележуваат, како жива историја, постојат институти што се занимаваат со снимање на аудио и видео искази на живи учесници. Ние во ИНИ имавме таков оддел, но го укинавме“, изјави за ДВ професор Тодор Чепереганов, директор на Институтот за историја.

„Кон мемоарите треба да се приоѓа со голема резерва, зашто актерите бележат со многу субјективизам дел од својата улога во одделни настани, ги истакнуваат своите позитивни акции и одлуки, за грешките ги обвинуваат другите“, оценува за ДВ професор Лазар Лазаров.

Голем број документи класифицирани како државна тајна

Истражувачите на модерната македонска историја предупредуваат дека многу одлуки, документи, наредби се покриени со печат – државна тајна, некои до 20 години или на подолг рок. Други научници на историјата предупредуваат дека со превез на длабока тајна се договорите за повлекување на ЈНА од Македонија, дилемата дали има необјавен анекс на спогодбата меѓу Претседателот Глигоров и генерал Аџиќ, кој и како ја одзеде архивата за регрутирање на војници во југословенската армија и ги заштити Македонците од граѓанските војни?

„Се’ уште неможе да се даде објективна историска оценка за одделни настани и личности, зашто и натаму се државна тајна или недостапни, домашни и странски извори важни за дведеценискиот период на самостојноста“, заклучува Лазаров.

Внимателно се кријат и актерите на големата тајна операција со која експертската влада на академик Кљусев ги замени огромните количества од милијарди ју-денари со германски марки, пред да биде објавена новата македонска валута – денарот и потоа да се создадат првите триесет милиони девизни резерви во Народна банка.

Затоа и професор Чепреганов инсистира на научно подготвени интервјуа со се’ уште живите актери и сведоци на креаторите и одлуките за македонската независност. „За овој период на независна Македонија треба да се направат мемоарски интервјуа, од научни истражувачи и по нивна методологија, со сите живи актери, од пратеници, до министри и јавни личности и тие компарирани со архивите можат да бидат голем извор за историската наука. Зошто тоа да не се направи околу настаните 2001 година, но не само со домашните учесници, туку и со странците кои се дел од преговарачките процеси или конфликтот“?

Mazedonien Todor Cepreganov
Тодор ЧепрегановФотографија: DW/Stojanovski

Каква е улогата на големите сили?

Реномираните истражувачи на англиските (Чепреганов) и на француските архиви (Лазаров) велат дека историските настани околу самостојноста и особено пречките на патот кон евро-атланските сојузи мора да се анализираат со стратегиските приоритети на големите сили на Балканот. Нивните отворени историски депоа фрлаат и друга светлина, но и обезбедуваат аргументи во актуелни меѓудржавни релации.

Geografische Karte Mazedonien
Фотографија: AP Graphics

„Како истражувач на француските архиви бев вчудоневиден од списите со кои се тврди дека старото кралство СХС нема да опстане без да се признае четвртиот државотворен народ, Македонците и без нивното вклучување во тогашната Југославија ќе биде од краток век“, кажа за ДВ историчарот Лазар Лазаров, од ФОН универзитетот.

Со слични сознанија за улогата на големите сили дошол и Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја (ИНИ), кој континуирано ги следи британските архиви. „За време на Париската мировна конференција по Балканските војни, британските дипломати биле подготвени со посебни книги и атласи со факти за секоја земја пооделно. Во сепаратот за Македонија пишувало дека Александар и Филип Македонски се дел од македонската историја, а во книгата за Грција за нив нема ниту збор како на личности од нивната историја“, објаснуваат нашите соговорници, за споната на мемоаристиката и архивите.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска