1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајка Тереза - светица!

З. Јордановски/кна20 мај 2015

Еден од соработниците на папата го најави тоа. Ватикан не ја потврди, ниту пак ја демантира веста. Во „Годината на милосрдието“ во Рим ќе има манифестација во спомен на носителката на Нобеловата награда, родена во Скопје

https://p.dw.com/p/1FT8J
Фотографија: AP

В лето 2016. Мајка Тереза ќе биде прогласена за светица, најавува германската агенција КНА (католичка информативна агенција), повикувајќи се на францускиот магазин „Нувел Обсерватер“. Изворот на информацијата на Нувел Обсерватер е надбискупот Рино Физикела, претседател на Папскиот совет за новоевангелизирање. На средба со одговорните на градот Рим Физикела рекол дека прогласувањето би можело да се изврши на 4. септември 2016 во рамките на „Годината на милосрдие“, востановена од папата Франциско.

Flash-Galerie Mazedonien Mutter Theresa Gedenkstätte
Објектот во Скопје во спомен на Мајка ТерезаФотографија: Memorial House Mother Theresa

Ваквата информација порпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди ја означи како „работна хипотеза“. Според него, прерано е да се зборува за фиксен термин, а уште не бил објавен ни неопходниот декрет за тоа. Постапката е во тек, вели Ломбарди, кој сепак потврди дека во официјалната програма на јубилејната година е предвидена и „манифестација во спомен на блажената Мајка Тереза“.

„Мајка на сиромашните“

Носителката на Нобеловата награда за мир Мајка Тереза, позната и како “мајка на сиромашните“, е родена на 26. август 1910 во Скопје. Агнеса Гонџа Бојаџиу, како што е нејзиното вистинско име, на 18-годишна возраст отиде во Даблин, Ирска, и му се приклучи на Редот на Лорето-сестрите. Потоа беше испратена како учителка во Калкута, Индија. Повеќе години како чесна сестра негуваше болни луѓе. Иако уште во 1939. си се заветила дека ќе им служи на најсиромашните, дури во 1948. година доби дозвола да го напушти Редот на Лорето-сестрите и се пресели во еден од најбедните квартови во Калкута, споделувајќи ја судбината на сиромашните. Наредната година го основа Редот на мисионерки на љубовта кон ближниот, за кој во 1950. година доби и дозвола од папата. Во светот се прочу со домовите за сирачиња и за неизлечиво болни бездомници, кои работеа под нејзина закрила. Во 1968. година е отворена првата филијала на најзиниот Ред во Европа, во јужниот дел на Рим. Во 1997. година Мајка Тереза и’ го предаде раководењето со Редот на мисионерките на љубовта кон ближниот на сестра Нирмала Џоши. Истата година на 5. септември почина во Калкута.

Mutter Theresa
Мајка Тереза-ангел на сиромашнитеФотографија: AP
Schwestern des Ordens der Mutter Theresa bei ihrem Denkmal im Stadtzentrum von Skopje
Сестрите од нејзиниот ред пред нејзиниот споменик во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Нобелова награда и други признанија

За своето животно дело и целосната посветеност на сиромашните и болните Мајка Тереза доби многубројни признанија - Нобеловата награда за мир во 1979. година, наградата „Темпелтон“ во 1973, наградата „Алберт Швајцер“ во 1975, а во 1996 година е прогласена и за почесен граѓанин на САД.

Во 2003 година папата Јован Павле Втори во Рим, во присуство на 300 илјади луѓе, ја прогласи Мајка Тереза за блажена и отогаш трае и постапката за прогласување за светица. Книгата објавена во 2007, со дотогаш на јавноста непознати писма од Мајка Тереза, во кои таа пишува и за своите дилеми во однос на верата, донекаде ја промени сликата за неа во јавноста.

Редот на мисионерките на љубовта кон ближниот од 2009. година го води Мери Према Пирик, која потекнува од Германија, откако сестра Нирмала се повлече од здравствени причини.