1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовно дискредитирање во Македонија

Ричард Конор/бг17 април 2015

Нелегално прислушување, обвинувања за пуч и корупција. Македонија е во тешка политичка криза, која ги поткопа државните институции, го подели општеството и го загрижи Брисел. Репортажа на англиската програма на ДВ.

https://p.dw.com/p/1F9pR
Фотографија: DW/P. Stojanov

Приватните разговори на дел од водечките македонски политичари и функционери одамна не се веќе приватни. Со месеци опозицијата ги објавува нивните прислушувани разговори на интернет. Опозицискиот лидер Зоран Заев тврди дека овие т.н. „бомби“ го урнале кредибилитетот на владата. Разговорите, меѓу другото, откриваат широко распространета корупција. Минатиот месец, на пример, тој го обвини премиерот Груевски дека земал поткуп од 20 милиони евра од кинеска фирма во замена за отстапки во концесијата за изградба на автопати. Заев тврди и дека шефот на тајната служба прислушувал повеќе од 20 илјади луѓе, меѓу нив функционери, новинари, верски лидери, па дури и странски амбасадори.

... Новинарот Синиша Јаков Марушиќ е меѓу прислушуваните.

„Не бев изненаден затоа што работам за критички настроен медиум и на некој начин се сомневав дека тоа се случувало, но... чувството не беше убаво. Се работи за нарушување на приватноста во најмала рака. Тоа е ужасно. Од она што го прочитав беше јасно дека тоа сум јас. Беше автентично“, вели Марушиќ.

Аудио прилогот на англиски јазик можете да го слушнете и тука:

[No title]

Премиерот Груевски тврди дека прислушувањето било организирано од неименувани странски агенти, и манипулирано од страна на опозицијата. Но заменикот-претседател на СДСМ, Дамјан Манчевски, кој вели дека бил меѓу прислушуваните, тврди дека премиерот и неговите соработници се одговорни.

„Вистината е дека ни пријдоа повеќе 'свиркачи'. Патриоти од македонската тајна служба кои одлучиле дека повеќе не сакаат да ги следат наредбите на шефот на тајната служба и неговиот прв братучед- премиерот- и одлучиле да ги предадат доказите и аргументите кои ги поседувале“, вели Манчевски.

Заев тукушто го обвини шефот на тајната служба Сашо Мијалков дека земал голем поткуп од Израел за купување на опрема за специјалните полициски единици. Иако таквите обвинувања остануваат недокажани, никој не демантира дека имало прислушување. Клучното прашање е зошто?

„...Тоа е правено за да се има целосна контрола врз општеството, врз бизнисот, судскиот систем, медиумите, образовниот систем и сѐ останато и притоа никој не би можел ни да помисли дека сакале да го контролираат и приватниот живот на луѓето“, вели Манчевски.

... Но македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски вели дека нема никаква логика премиерот да се прислушува самиот себе. Тој тврди дека опозицијата го организирала прислушувањето, наведувајќи дека партијата на Заев го бојкотира парламентот веќе една година и бара нови избори. Заев, вели Попоски, е лош губитник.

„Не е првпат да се соочуваме со скандал со прислушување во европска земја, но веројатно е првпат прислушувањето и снимките да бидат во сопственост на лидерот на најголемата опозициска партија и тој тоа го користи како средство во политичката борба“, вели Попоски.

ЕУ и НАТО искажаа загриженост поради политичката криза во Македонија- земја кандидат за членство во обете организации. Членовите на Европскиот парламент организираа разговори меѓу владата и опозицијата, но досега без напредок.

„Имаме простор за загриженост од владина перспектива затоа што ова ниво на политичка нестабилност не испраќа добра слика за Македонија надвор“, вели Попоски.

Во меѓувреме, опозицијата вети дека ќе продолжи да ги објавува доказите, а владата тврди дека нема да дозволи да биде уценета. Меѓу сите обвинувања и контраобвинувања, новинарот Синиша Марушиќ верува во едно нешто- дека луѓето сѐ уште се прислушуваат.

„Сега полека сфаќаме колку е длабок овој проблем. Никој не знае дали тоа се‘ уште трае, но претпоставувам дека сѐ уште прислушуваат“.