1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малодушна политика на ЕУ кон Западниот Балкан

Б. Георгиевски/нцц/тагесцајтунг23 јули 2014

Швајцарскиот „Ноје Цирхер Цајтунг“ донесува опширна анализа за економската состојба на просторот на Западниот Балкан и го критикува однесувањето на ЕУ во процесот на проширувањето.

https://p.dw.com/p/1Ch2k
Фотографија: DW/V. Medyany

„Незадоволството (во земјите од Западниот Балкан, н.з.) во прв ред потекнува од економската мизерија, но и од чувството дека Европа нема фер третман кон регионот. Магичниот збор во тој контекст е 'Солун'. Таму во 2003. година се одржа самит на ЕУ по кој на балканските земји им беше ветена сигурна перспектива во ЕУ. 'Иднината на балканските држави е во ЕУ', се наведува во вториот пасус од декларацијата- реченица која разбуди големи очекувања“, пишува „НЦЦ“.

„Но, ваквото ветување, денес стана само излитена фраза. Секој европски политичар при патувањата низ Западниот Балкан го повторува истото. Но вербата во искреноста на таквите изјави е сѐ помала. Во јули минатата година Хрватска беше примена во елитниот клуб, повеќе со незадоволство, отколку со радост. Но, уште тогаш во ЕУ преовладуваше тивкиот консензус дека проширувањето треба да се стопира во догледна иднина“.

„Од почетокот на финансиската криза, ЕУ е пред сѐ окупирана самата со себе. За прием на нови членки постои мал интерес. Ова дотолку повеќе што балканските земји кои седат во чекалната не се воопшто економски атрактивни“.

Загубена доверба

„Откажувањето на љубовта од страна на ЕУ не минува незабележано во Западниот Балкан. Факт е дека ЕУ сѐ уште има големо влијание во регионот, а влезот во Унијата сѐ уште е една од ретките цели за која сите се согласни. Но само еден поглед кон Турција, каде приемниот процес се претвори во фарса, ја намалува вербата дека се добредојдени во Брисел. Не е ни случајно тоа што една изрека во регионот гласи: додека ние да влеземе во ЕУ, таа ќе престане да постои“.

Logo: Neue Züricher Zeitung, NZZ
Не е ни случајно тоа што една изрека во регионот гласи: додека ние да влеземе во ЕУ, таа ќе престане да постои.

Брисел често сака да го претставува проширувањето како технички процес, со јасно дефиниран список на критериуми, но факт е дека пречките за сиромашните западнобалкански држави се далеку повисоки од оние за источноевропските земји во 2004 година“.

„Не е случајност тоа што застојот во демократските и економските реформи во Турција започна откако во Анкара беше загубена вербата во можен влез во ЕУ, а темата исчезна од агендата на турската влада. Дали такво назадување му се заканува и на Западниот Балкан, останува да се види. Но, факт е дека опаѓа влијанието на „нежниот монструм Брисел“. Во трговијата, инвестициите, банкарството и дознаките, земјите од регионот се тесно поврзани со Западна Европа. Но, веќе се појавуваат размислувања за можни алтернативи на ЕУ. Во муслиманските делови на БиХ се посакува потесна поврзаност со Турција, во православната Србија на тежина добиваат не само руските инвеститори, туку и богатите шеици од Обединетите арапски емирати- партнери кои не поставуваат многу прашања за владеењето на правото и демократијата.

Во Брисел не гледаат со задоволство на ваквиот развој, но тоа е цената која се плаќа за малодушната посветеност на состојбата во сопствениот двор“, заклучува „НЦЦ“.

Цензура во Србија

Германските медиуми неделава ја анализираа и состојбата со медиумите во Србија. „Тагесцајтунг“ притоа оценува дека цензурата во Србија „цвета“ и дека критичарите на режимот сѐ почесто се соочуваат со проблеми.

Symbolbild Mundtod Schweigen Schweigepflicht
Фотографија: Fotolia/Jun Dangoy

„Цензурата во изразувањето на слободата на мислењето е очигледно бидејќи оној кој премногу ја критикува владата на Србија, мора да смета на проблеми со надлежните. Интернет-страниците со критички содржини се блокираат, а авторите се приведуваат“, забележува берлинскиот весник. „Нема докази дека зад тоа се крие режимот, но на мета се воглавно текстови во кои се критикува власта“, објаснува за „Тагесцајтунг“, српската новинарка Јована Глигоријевиќ. „Новинарските здруженија предупредуваат дека тешката економска состојба која ја чувствуваат и медиумите ја загрозува слободата на печатот. Од друга страна, сопствениците на големи фирми и издавачи не сакаат да се замерат со политичарите затоа што тоа би им го загрозило работењето“.

„Таквите околности водат кон автоцензура. Новинарите стравуваат за својата материјална егзистенција. Во периодот на катастрофалните поплави, секоја критика на сметка на власта, беше толкувана како 'напад врз премиерот Вучиќ, а со самото тоа и врз целата држава“, пишува „Тагесцајтунг“.