1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мала надеж за преживеани во несреќата

БГ/ап17 април 2014

Силните струи, дождот и слабата видливост ја попречуваат потрагата по преживеаните од несреќата на јужнокорејскиот брод која се случи вчера (16.04).

https://p.dw.com/p/1BjvU
Фотографија: Reuters

Потрагата по преживеани од бродската несреќа која се случи во близина на јужниот брег на Јужна Кореја сѐ уште трае, но надежта дека ќе се пронајдат знаци на човечки живот е многу мала. Како исчезнати сѐ уште се водат 287 патници, повеќето од нив средношколци кои патувале на екскурзија.

Досега се идентификувани телата на девет жртви, меѓу нив пет ученици и двајца нивни учители, но очекувањата се дека бројот на жртвите драматично ќе порасне поради долгиот период кој, евентуалните преживеани, го минале во трупот на бродот или во студените морски води.

На траектот имало вкупно 475 патници, од нив 325 ученици кои патувале на екскурзија кон блискиот туристички остров. Нивните родители се собраа на повеќе места во Сеул и на островот Јиндо во чија близина потона бродот, во очекување на вести за судбината на децата. Многумина од нив се лути и револтирани кон властите, а дел не можат да ја сокријат тагата.

Südkorea Fährunglück 17.04.2014
Фотографија: Reuters

Корејските медиуми денеска објавуваат потресни сведоштва за последните разговори или испратени СМС пораки од децата кои биле заглавени во бродот до нивните родители.

Во меѓувреме, повеќе од 400 спасувачи се ангажирани во водите околу бродот. Властите ќе се обидат да го подигнат бродот со специјални кранови, но според проценките, за тоа ќе им треба најмалку уште еден ден. Нуркачите се обидуваат од вчера да влезат во трупот на бродот во потрага по преживеани, но силните морски струи ги оневозможуваат во извршување на задачата.