1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците и Албанците се обединија против владата

Фајт-Улрих Браун22 мај 2015

Телевизиска екипа на Дојче Веле беше во посета на Куманово во потрага по одговори на многуте прашања по полициската акција. Наидоа на сплотеност меѓу граѓаните

https://p.dw.com/p/1FU9T
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Дури и неколку дена подоцна, Садри Асани се уште не може да прифати дека неговата семејна куќа на три ката е целосно уништена. Вели дека досега такво разорување гледал само на телевизија, на пример при последните израелски напади во Појасот Газа.

Македонците и Албанците се обединија против владата


Пукањето започнало среде ноќ. Група тешко вооружени албански терористи навлегле во градот во кој живеат претежно Албанци. Така барем тврди владата. Жителите се уште не знаат кој пукал низ нивната населба и пред сѐ, зошто? Билансот од судирите: 18 мртви, осум полицајци и 10 напаѓачи. Граѓаните со часови биле среде огнот. Некои делови од населбата се целосно разурнати, луѓето се сеуште во шок.

„Владата е виновна! Не презедоа ништо иако знаеја за тоа. Ние не знаевме ништо. Да знаев, немаше тука да останеме заедно со мојата сопруга. Знаете ли каква траума беше тоа за нас? Постојано земаме лекови. Знаете ли каков страв предизвикува пукањето. А тие пукаа цело време“, вели Сулејман Јашари.

Знаела ли владата за нападот?

А како е воопшто можно десетици тешко вооружени лица целосно незабележано да влезат во станбена населба? Во меѓувреме, тоа прашање си го поставува целата земја. Се шират разни теории на заговор. Владимир Пивоваров живее тука и долги години бил шеф на воената разузнавачка служба. Тој смета дека е мала веројатноста оти властите не знаеле ништо.

„Наводно се работи за терористички напад. Но ниту една терористичка група не може да ја оствари својата цел без поддршка од локалното население. Тука во Куманово нема таква поддршка. Јас живеам во оваа населба и знам дека односите меѓу националните групи се одлични“, вели Пивоваров.

Знаела ли владата и пред нападот што ќе се случува? Главниот уредник на телевизијата Алсат-М, проминентен глас кој се залага за помирување меѓу Македонците и Албанците, е убеден во тоа.

„Никој не го посакуваше тоа што се случи во Куманово. Единствено владата на Груевски. Тие сакаа да го отргнат вниманието на јавноста и да посеат паника и страв. Никој не веруваше дека нешто такво е можно“, вели Мухамед Зекири.

Така размислува и мнозинството во Куманово. Веќе три месеци во јавноста се објавуваат нови откритија за корупција и злоупотреба на функцијата во владата на Груевски. Тој е под огромен притисок. На луѓето им е доста од сѐ.

„Тоа беше обид да се оттргне вниманието на луѓето од скандалот со прислушувањето, од сите тие откритија!“, вели еден жител на Куманово.

Многумина овде во Куманово не можат да си дозволат ниту зеленчук. Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, невработеноста е огромна.
Учениците дојдоа да положат цвеќе во разрушената населба. Кој и да се обидел да посее нова омраза меѓу двата народа не успеал. Македонците и Албанците уште повеќе се обединија. И тоа против владата.