1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските академици бараат стратегија за развој на земјата

Милчо Јованоски23 август 2014

На Македонија и‘ е потребна Стратегија за севкупниот општествено-економски развој. Само така јасно ќе се дефинира иднината на земјата, согласни се академиците.

https://p.dw.com/p/1CzcW
Фотографија: Fotolia/Bastos

Македонија е соочена со сериозни предизвици и негирања на патот до остварувањето на сопствените стратешки цели - ЕУ и НАТО. Внатре земјата има реални проблеми, меѓу кои и долгата транзиција која остави длабоки траги. „Формулата за транзиција, применета во источноевропските, социјалистички земји и во Македонија запостави два важни аспекта. Тоа се институциите во државата и самата држава како институција и решавањето на националните прашања во мултиетничко општество. Тие две подрачја и во македонската наука не се доволно опсервирани и се без јасна научна визија“, рече претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, деновиве на трибина во Охрид, посветена на перспективите за развој на Македонија во посткризниот период.

Во Македонија се одбележуваат годишнини од потпишувањето на Рамковниот договор за кој експертите велат дека не ги дава потребните резултати, бидејќи не е развиен како граѓански концепт. И хоризонтите во земјата не се доволно согледани. Освен заложбите за интеграција во ЕУ и НАТО како перспектива, ништо повеќе не се случува, согласни се академиците. Концептот кој го промовира ЕУ за инклузивно, иновативно и рефлексивно општество не е објаснет во Македонија. Вториот концепт како модел за посткризниот период е моделот на демократската консолидација - се мисли на институциите на државата, политичките односи, демократски избори и легитимно избрано Собрание, Влада и друго.

„Македонската наука стигнува до Куманово“

Во и по транзицискиот период проблем за Македонија е одливот на мозоци. Со тоа државата губи хуман потенцијал кој може да ја понесе иднината, а слабее интелектуалната елита, која ќе може да и‘ се спротивстави на елитата создадена во транзицијата. „Отуството на стратегии е забележливо. Последната економска стратегија МАНУ ја работеше во 1998 година. Чудно е и за нас како институција зошто уште не се подготвува стратегија за развој на научно-истражувачката дејност“, рече претседателот на МАНУ, д-р Камбовски.

Според академик Блаже Ристовски, не може една држава да нема посебен сектор за наука. „Македонија има Министерство за образование и наука, ама науката е на последното место, бидејќи науката добива само 0,2 проценти од буџетот. Тоа е толку мала сума со која научните институции од областа на хуманитарните науки не можат да ги отпечатат ниту редовните публикации, а да не зборуваме за други книги и публикации, а уште помалку пак за презентирање на македонската наука во светот. Тоа значи презентирање на македонската мисла на јазици што ги разбира светот. Нашата наука стигнува до Куманово“, рече академик Ристовски. МАНУ ќе треба да иницира формирање посебно министерство за наука или посебен здрав сектор за наука за да се развијат правците кон кои ќе се движи македонската научна мисла.

Treffen der Mazedonischen Wissenschaftsakademie
Академиците Блаже Ристовски, Владо Камбовски, Таки Фити и Адулменаф Беџети (од лево кон десно)Фотографија: DW/M. Jovanoski

Дисонантни тонови околу спорот за името

„Ние од соседите сме оспорени како нација, како јазик, како црква, а сето тоа зборува за идентитетот и згора на тоа - се бара промена на името. И во самата држава има дисонантни тонови. Додека едни инсистираат да го промениме името гледајќи некаков свој интерес, други цврсто стојат на ставот дека промена на името не доаѓа предвид“, рече на трибината Ристовски.

Македонија помина еден тежок транзициски период, којшто беше проследен со радикални економски и политички реформи условени и од дејството на бројни неекономски фактори - две ембарга, бегалската криза од Косово, конфликтот во 2001 година и друго. Според академик Таки Фити, неопходни се радикални реформи во економијата, која како што рече, е под силно влијание на државата, што е спротивно на пазарните закони. Фити предупреди и на висината на брутонадворешниот долг на земјата, кој достигна 5,7 милијарди евра, што е за 20 проценти над светскиот просек.

„Бруто долгот не е само долгот на државата, тоа е долг и на приватниот сектор. Тоа е македонски долг кој треба да се враќа во девизи. Според светски критериуми, умерена задолженост е ако имате бруто долг помеѓу 30 и 50 проценти учество во БДП, ние по тој показател дојдовме до 70%“, тврди академик Фити.

Во Македонија не се знае точно колкава е администрацијата. Дали има 150 000 или 175 000 вработени? Така е поради различните податоци кои доаѓаат од министерствата. Партискиот клуч, според академик Фити, ја нарушува бизнис климата, а пак странските директни инвестиции во голема мера зависат од политичката и економската состојба во Македонија.

„Македонија има криза на институциите“

Според академик Абдулменаф Беџети, загрижува состојбата и со јавниот долг, дотолку повеќе што тој не е прецизно утврден. „Според официјалните податоци, јавниот долг сега е 46 проценти од БДП, но не знаеме колкав е невидливиот, таканаречен скриен долг. ММФ токму за тој долг сега алармира. Лично сметам дека јавниот долг не е во критична фаза, но укажуваме уште од 2009 година наваму дека непродуктивната потрошувачка перманентно ќе доведе до неспособност на јавниот сектор навреме да ги подмирува долговите. Македонија, на пример, се задолжува со 100 за да врати 90 милиони евра, и така се‘ додека банките имаат слободни пари“, вели академик Беџети.

Академикот Георги Старделов рече дека во Македонија постои криза на институциите кои немаат автономија и слобода да ги решаваат клучните проблеми во општеството, а сериозен проблем претставува и големата поделеност во државата. „Ако ние не успееме да пронајдеме клучни стојалишта околу кои македонскиот народ ќе се обедини, нашата работа и понатаму ќе биде отворена за кризата, а таа криза може да доведе дури до некои сериозни последици по постоењето на самата македонска држава.“

Како што беше речено на научната трибина, за состојбите во македонското општество во посткризниот период академиците ќе дискутираат во Скопје на есен.