1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: Седум децении државност, една деценија кандидатски статус

Катерина Блажевска1 август 2014

Република Македонија денес зад себе има седум децении државност и стаж од дведецениски наметнат и исцрпувачки спор за името, кој ги кочи нејзините евроатлантски перспективи.

https://p.dw.com/p/1CnDr
Фотографија: MIA

„Денеска, на вториот славен Илинден, се ставаат темелите на македонската држава во која ќе се обедини и ќе заживее нашиот народ, среќен живот каков што заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби. Да е жива нашата мила македонска федерална држава! Да е жива федеративна, демократска Југославија, заеднички покров на братските јужнословенски народи!“

Со овие зборови, на 2 август 1944 година, во присуство на делегати од сите краишта на Македонија и гости од САД и Велика Британија, најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров, го отвори Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија (АСНОМ) во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, со кое беа поставени темелите на македонската држава. Во 1998 година српскиот радикал Воислав Шешељ, насилно ги извади спомен-плочите за АСНОМ, па во 2004 година, на 60-годишнината од АСНОМ, Македонија на своја територија отвори нов Меморијален центар во местото Пелинце, на два километри од местото на историскиот настан. Според македонските граѓани, не е важно каде се слави, туку какво значење му се посветува на овој значаен датум во македонската историја. Овој втор историски Илинден (наречен така поради совпаѓањето со верскиот празник Свети Илија) се‘ повеќе е во сенка на првиот Илинден, кога во 1903 година започна востание на македонските револуционери против турската власт и заврши со краткотрајна победа, олицетворена во десетдневна Крушевска Република. Во независна Македонија, поврзувањето на АСНОМ со комунистичкото, југословенско минато, неправедно го става овој настан на второ место на историскиот пиедестал. Но, и Македонија не може лесно да избега од ЈУ-минатото. По седум децении државност, од кои 23 како независна, таа е единствената од поранешните шест југословенски федеративни републики, која денес не по своја волја го „чува“ споменот на непостоечката федерација преку акронимот под кој е заведена во ОН: „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Под притисок на Грција, која не сака името на северната грчка провинција Македонија да го дели со државното име на северната сосетка, денес Република Македонија зад себе има стаж од дведецениски наметнат и исцрпувачки спор за името, за кој разговорите се водат под медијаторство на ОН. Тој спор драматично ја лимитира можноста за нејзина интеграција во ЕУ и во НАТО, бидејќи сите македонски патишта до Брисел, водат преку решавање на името, односно преку „лулката на демократијата“, Атина. Веќе наредната година Македонија ќе „прослави“ десетгодишна од кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Грција не и‘ го признава името, Бугарија не и‘ го признава македонскиот јазик, а Србија не и ја признава автокефалноста на Македонската православна црква, па заради такви „добрососедски односи“ во иронија се вели дека „Македонија се граничи сама со себе“.

Standbild Evropanorama
Фотографија: DW

Опасни политики

Има ли Македонија свој дел од вината за таквата состојба? Има, вели Стојан Андов, политичар со значајни функции во поранешната југословенската федерација и претседател на првото повеќепартиско Собрание на независна Македонија. Според него, 70-годишниот јубилеј на македонската државност треба да биде повод за подлабоки согледувања на резултатите од тој настан и за преиспитување, а не само за протоколарно одбележување.

Wahlen in Mazedonien
Стојан АндовФотографија: AP

„Се пропушта можноста граѓаните на Македонија да дознаат која е нашата основна државна цел. Кон што се стремиме и по кој пат сме тргнале? Денес се видливи два процеса кои се целосно инкопатибилни, неспоиви. Првиот, е официјално декларираната политика на сите влади дека Македонија е определена за евринтеграции, со што треба да се заврши процесот на нејзино меѓународно признавање и етаблирање во светската политика. Вториот процес, кој стана многу силен од есента 2007 година до денес, има сосема друга 'логика'. Полуофицијалната, а делумно и официјалната политика оди кон реафирмација на идејата за обединета Македонија, која е многу опасна за земјата и за македонскиот народ. Во училишните програми од основно до високо образование ги учиме децата дека Македонија имала етнички и географски граници далеку од сегашните, дека Солун е наш, Пирин е наш, дека треба да се стремиме да останат наши. На таа политика се прилагодени и пропагандни проекти финансирани од Владата, кои доминираат во медиумите, во музејските поставки... Слабоста на денешните политичари е што не ја гледаат опасноста од тоа. Оваа збрка со државните цели на Македонија произведува успешни политики во борбата за власт, но тие политики го разоруваат државотворното ткиво на земјата и се директно насочени против придобивките од АСНОМ“, предупредува Андов.

Mazedonien Skopje Statue von Alexander dem Großen
Центарот на СкопјеФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Сите што ја посетиле македонската престолнина разбираат за што зборува тој. Денес централниот плоштад во Скопје наликува на споменична агора. Во мермер и во бронза „дебатираат“ сите значајни личности што живееле, твореле или војувале на територијата на денешна Македонија. Централна позиција му е дадена на Александар Македонски, потоа на неговиот татко Филип Втори, таму некаде е и мајката Олимпија, потоа Јустинијан Први (роден во околината на Скопје), а наоколу се распоредени цареви, владетели, просветители. Се разбира, и споменик за президиумот на АСНОМ. Овој мега - проект наречен „Скопје 2014“ е критикуван од дел од соседните земји како „споменично градење идентитет на нацијата вештачки креирана од Тито“. Проектот кој изеде многу средства од државниот буџет, е критикуван и од домашната јавност, но најмногу заради непродуктивните трошења. Власта тврди дека парите ќе се вратат, бидејќи проектот привлекува интерес и многу туристи. И навистина - контроверзниот проект ги привлекува туристите, но и гневот на сиромашните и невработените.

Невработеноста проблем

Како од надвор ја гледаат Македонија денес? Фондацијата „Фридрих Еберт“ во земјата е присутна со активности од 1994, а со канцеларија од 1996 година, па може да се рече дека нејзината работа има приближен стаж колку и македонската независност. Директорката на Фондацијата, Стине Клапер, вели дека еден од најголемите предизвици на Македонија денес, е високата невработеност.

„Посебно невработеноста кај младите претставува поголем ризик за општеството, чии ефекти не можат веднаш да се видат. Невработеноста не се одразува само врз економијата и врз невработената индивидуа, туку носи поголеми последици врз општеството како целина. На младите луѓе им е потребна перспектива во животот и способности за да ги остварат своите цели. Сакаат да станат активни членови на општеството и да бидат вклучени во него. Сакаат да бидат способни да придонесат нешто и да бидат продуктивни. Недостигот од таква перспектива за многу млади луѓе, може да стане голема опасност за прогресот на секоја земја и на приврзаноста кон општеството. Но, дури и ако растот донесе повеќе работни места, важно е да е загарантирана и пристојна работа. Работниците треба да можат да живеат од нивната плата, да имаат безбедно работно место, да се способни да се организираат и да ги искажат нивните жалби и грижи. Подобрувања во овие области се‘ уште се многу потребни“, вели Клапер.

Македонија, земја која денес има 28 проценти невработени и 30 отсто сиромаштија, со одредени економски мерки успеа без поголеми потреси да ја преброди светската економска и финансиска криза, но не и внатрешната политичка криза. Со обвинување за изборен фалсификат, опозицијата не ги призна резултатите од парламентарните избори во април годинава и ја бојкотира работата на Собранието. Меѓуетничките односи се кревки и предмет на постојана злоупотреба за градење партиски и „патриотски“ рејтинзи на владејачката коалиција предводена од македонската ВМРО-ДПМНЕ и албанската ДУИ. И покрај ваквите проблеми, амбасадорот Аиво Орав, шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, е оптимист за иднината на Македонија.

Mazedonien - EU-Botschafter Aivo Orav
Аиво ОравФотографија: MIA

„Денес ја гледам земјата, како земја која цели да влезе во ЕУ, и исто така, како земја која со својата различност може да придонесе во европското семејство. Оваа земја имаше свои тешки моменти во минатото, но нејзината силна приврзаност кон идеалите на ЕУ е видлива и постојано присутна. Искрено се надевам дека сегашните пречки ќе бидат набрзо отстранети, така што ќе можеме да ви посакаме добредојде во нашето големо ЕУ-семејство“, изјави амбасадорот Орав за ДВ.

Младите заминуваат

Она што денес и‘ недостига на Македонија се искрени борци за изградба на граѓанско, а не партиско, верско и етнички поделено општество. Младите до 29 години, кои зафаќаат најголем дел од процентот на невработеност, се‘ почесто својата иднина ја бараат надвор од Македонија. Дијаспората се зголемува, Македонија се празни. Во време кога најголем проблем е личната егзистенција, младите немаат време да мислат на историските јубилеи.

„Секоја чест на борците кои ја создадле државата. Навистина имаме држава, имаме слобода, но немаме работа. Мојата диплома нема никаква вредност во однос на нечија партиска книшка. Ако не си член на владејачката партија, не можеш да се надеваш на работа. Јас ќе бидам трета генерација од моето семејство што ќе мора својата иднина да ја побара надвор од Македонија“, вели 26-годишниот Јетон Кадриу.

Mazedonien Land und Leute
Меморијален центар АСНОМ во ПелинцеФотографија: Petr Stojanovski

Ни постарите не се задоволни. Борците од народноослободителната војна пред седум децении, се горди на своето дело, но разочарани од денешниот статус. Генерал Тодор Атанасовски, претседател на Сојузот на борците, вели дека имаат блокирана сметка, по судски пат ги изгубиле имотите, немаат средства ни за котизација во Светската организација на ветерани, а од државата не добиваат ни денар. Сепак, со радост ја очекува прославата на јубилејот.

„Со тој 2 Август 1944 година, среде Балканот се појави една нова држава. Статусот на ниту една од државите не беше ист. Дури ни мојот статус како војник не беше ист, бидејќи повеќе не бев воин без држава. Да не беше АСНОМ, ќе останевме движење“, вели тој, потестувајќи се на настаните пред 70 години. Не губи надеж ни кога зборува за иднината, и покрај забелешките дека денес се случува „една егеизација на Македонија“.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

„Сега сме под удар на таа егеизација. Власта е многу отворена токму околу тој дел на сфаќање на македонското прашање. Но, сегашната состојба во Македонија нема легитимитет. Ова не е природна состојба и не е одржлива на подолг рок. Македонија по род е антифаштистичка земја. Таа не може да биде фашистичка во која било форма. Таа е осудена на демократија“, порача деновиве генерал Атанасовски.

По седум децении државност, Македонија како да е повторно на почеток: мора да помине преку „седум планини и седум мориња“, за да стане дел од европското семејство. Надежите на македонските граѓани кои сакаат да се европеизираат, а не да се егеизираат, се‘ повеќе се свртени кон изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел, која најави и личен ангажман во решавањето на грчко-македонскиот спор за името. Но, свесни се дека ова не е светско првенство во фудбал, дека Меркел не може да шутира во голот на Атина, туку само да биде праведен судија во чесен натпревар меѓу двете земји. Останува уште да се пронајдат „играчите“ за тој историски натпревар. Досегашните не покажаа ни мудра игра, ни кондиција. По седум децении државност Македонија плаче за силно и визионерско лидерство.