1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малиот македонски Мајдан

Б. Георгиевски/дицајт/фац/нцц28 мај 2015

Во Скопје, монументалниот национализам од некои минати времиња доживува задоцнет процут, анализира весникот „Ди Цајт“. Печатот на германски јазик им посветува внимание и на другите земји од регионот

https://p.dw.com/p/1FXcZ
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Доколку судирите во Куманово беа обид да се предизвикаат меѓуетнички судири во Македонија, тоа досега не успеа, пишува весникот „Ди Цајт“ во опширната анализа посветена на состојбата во Македонија. Давајќи преглед, не само на актуелната политичка криза, туку и на историјата на државата од независноста досега, авторот Улрих Ладурнер пишува за идентитетските проблеми, негирањата од соседните земји, како и за кревкиот баланс меѓу мнозинството Македонци и малцинските Албанци.

Судирите во Куманово и објавувањето на прислушуваните разговори го водат авторот до кампот на опозицијата пред владината зграда во Скопје:

Камп и контра-камп

„Демонстрантите досега не дозволија да бидат поделени на Македонци и Албанци. Тие поставија камп пред владата. Луѓе од сите заедници и делови на земјата се собраа тука. Тоа е некој вид мал македонски Мајдан.
'Ние граѓаните на Македонија стоиме сплотени, без разлика на која националност и‘ припаѓаме', вели една демонстрантка. Гледајќи кон новата неокласична фасада на владиното седиште таа дополнува:
'Сѐ само лаги. Дури и столбовите на оваа зграда се од стиропор!'
На воздушна линија од два километра, во парк пред парламентот, кампуваат поддржувачите на владата. 'Груевски е добар политичар, вели една жена, а притоа беше избран на легални избори. Другите му подготвуваат пуч'.

Дури ни во мнозински албанските села на границата кон Косово, како Слупчане, Ваксинце и Лојане, оние со кои разговаравме велат дека не сакаат војна со Македонците. Тие сакаат како граѓани на државата да одат во подобра иднина. Тоа е новина. Овие три села за време на војната во 2001 година беа упоришта на албанското востание“, пишува „Ди Цајт“.

Понатаму авторот се осврнува на случајот „Смилковско езеро“ и ја повторува изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дадена претходниот ден во интервју за истиот весник, во која лидерот на опозицијата вели дека „Осудените не се виновни“. Анализата продолжува со потрага по „корените на национализмот“ во Македонија:

Корените на национализмот

„Националистички настроените словенски Македонци го сметаат Охридскиот договор за пораз. Во секој случај, тие веруваат дека ниту еден сосед не им ја искажува почитта која ја заслужуваат. Грција не го признава името на Македонија и го блокира патот на земјата кон ЕУ. Бугарските и српските националисти велат дека не постојат Македонци, туку дека се работи за Бугари, односно Срби. Оттука, словенските Македонци, иако во мнозинство, постојано се чувствуваат под закана.

Сето тоа доведе до претерано самопотврдување кое се рашири последниве години. Владејачката десно-националистичка партија на премиерот Никола Груевски се предаде на националистички занес кој доведе до бизарни резултати. Целиот центар на Скопје денес е преплавен со големи споменици. Сѐ почесто е присутен и Александар Велики, кого земјата го рекламира како нејзин најголем син. Се појавуваат и тврдења дека македонскиот е најстар народ на Балканот. Во Скопје, монументалниот национализам од некои минати времиња доживува задоцнет процут.
Колку што би можеле да делуваат смешно овие потфати, толку се и опасни. Спомениците во Скопје целат кон лажен триумфализам и надмоќ. Деструктивниот потенцијал е огромен“, наведува „Ди Цајт“.

Излез од кризата

„Досега кризата беше политичка, но не значи дека таква и ќе остане. Колку подолго трае, колку почесто има крвави провокации, колку подолго економската состојба остане очајна, толку повеќе може да се топи граѓанскиот консензус“, пишува весникот, наведувајќи притоа дека многумина иднината ја гледаат во интеграцијата во ЕУ. Но, и покрај добиениот кандидатски статус во 2005 година нема напредок, а позитивните извештаи од Комисијата „завршуваат без решение во длабоките фиоки во Брисел“.

„Под рамнодушните, уморни очи на Европа во Македонија се изгради еден авторитарен режим. Во меѓувреме и гео-политичката состојба драматично се промени. Русија и Западот се во кавга. Македонија останува во чекалницата на ЕУ, една малечка, слаба држава, која може да стане поле за судир меѓу големите сили.

По случувањата во Куманово веднаш за збор се јави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој предупреди од можна поделба на Македонија. Со години немаше никаква изјава од Москва за Македонија, премногу мала, предалечна, небитна беше земјата. Но, сега Москва го препозна потенцијалот, со малку напор да ѝ предизвика големи проблеми на ЕУ. Цената, се разбира, ќе ја платат Македонците“, заклучува „Ди Цајт“.

Хрватска премногу троши

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува за економската криза во Хрватска и предупредува дека на земјата и‘ се закануваат санкции од ЕУ. „Загреб секогаш одново ветува подобрување, но реформите не ги исполнија очекувањата. Доколку Хрватска продолжи со непочитување на буџетската дисциплина, Брисел би можел да и‘ ги замрзне исплатите до фондовите на ЕУ“, предупредува ФАЦ.

Albanien Premierminister Rama trifft serbischem Amtskollegen Vucic
Средбата на Вучиќ и Рама го привлече вниманието на печатотФотографија: picture-alliance/dpa/A. Babani
Mazedonien Triumphbogen
Во Скопје, монументалниот национализам од некои минати времиња доживува задоцнет процутФотографија: picture-alliance/dpa
Mazedonien Proteste gegen Ministerpräsident Nikola Gruevski
Малиот македонски Мајдан, пишува „Ди Цајт“Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Весникот ја пренесува оценката дека „Загреб премногу троши и премалку заработува“.

Швајцарскиот „Ноје цирхер цајтунг“ ја коментира посетата на српскиот премиер Александар Вучиќ на Албанија. „Со оглед дека за првпат еден српски премиер доаѓа на албанско тло, посетата на Вучиќ двете страни ја опишуваат како историска... Вучиќ возврати на посетата на Рама, кој во ноември 2014 го посети Белград и таму предизвика дипломатско фијаско со изјавата дека Косово е независна држава“.

„Кон провокации тежнее и албанскиот премиер. Обединувањето на Албанците од Косово и Албанија е неизбежно, истакна неодамна Рама. Прашање е дали тоа треба да се случи во рамки на пристапниот процес кон ЕУ или вон него... И покрај долгиот низ закачки кои се пред сѐ насочени кон домашната публика, во Тирана и Белград постои подготвеноста на одреден вид соработка, при што притисокот од Брисел не би требало да биде пресуден. Конкретно се разгледува изградбата на железничка пруга и автопат“, пишува НЦЦ.