1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Не)следењето на ЕУ-политиката кон Москва бара внимателност и прагматичност

Костадин Делимитов18 септември 2014

Македонија може да си дозволи да и‘ каже „не“ на ЕУ во политиката на санкциите кон Русија, но треба да биде и внимателна во очигледната практика на политика на седење на две столчиња во односите со Западот и Истокот.

https://p.dw.com/p/1DEvX
Фотографија: picture alliance/Russian Look

Аналитичарите предупредуваат дека со резервираниот став кон европските санкции се испраќа сигнал дека земјата го следи сопствениот интерес, што според дел од нив и не е неоправдан потег:

„Непристојно е да се бара од Македонија, Србија и Турција да бидат лојални на политиката на ЕУ кон Русија. Прекинот на извозот на малините од Србија, лешниците од Турција и црешите, праските и јаболките од Македонија би имало многу помало влијание врз Русија отколку прекинот на извозот на воени бродови на пример од Франција во Русија, или купувањето на руски гас од страна на сите ЕУ членки.

Оттука сметам дека Македонија не треба да седи на две столчиња, туку само на она столче преку кое си го штити својот интерес. На тој начин ќе покаже капацитет на земја - членка зашто ќе се однесува подеднакво со ЕУ- членките кои само си го штитат својот интерес“, коментира за Дојче веле Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики.

Дел од експертската јавност предупредува дека актуелната позиционираност на Македонија можеби и не е најповолна со оглед на декларативните заложби за евроатлантска интеграција, но и традиционално добрите економски односи со земјите од ЕУ, посебно со Германија.

„Затоа треба да се биде многу внимателен при влечењето на политичките потези и да се води сметка пред се‘ за економските интереси што сметам дека во моментов се поважни за земјата“, коментира за Дојче веле добар познавач на меѓународните економски односи.

äsident Wladimir Putin und mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski Russland Mazedonien Sankt Petersburg
Македонскиот премиер Никола Груевски и рускиот претседател Владимир Путин (архива, 2012 година во Санкт Петерсбург)Фотографија: MIA

Во вакви услови, дел од експертите сметаат дека Македонија треба да биде и многу прагматична по прашањето на украинската криза со оглед на длабоките историски, културни и духовни врски на македонскиот народ со Русите и Украинците:

„Русија беше првата постојана земја-членка која што не‘ призна под уставно име, во моментите кога македонската државност се` уште висеше во воздухот, а да не зборуваме за улогата на Советска Русија во поддршката на македонските партизани во Втората светска војна и во грчката граѓанска војна. Русија е и значајна европска и глобална економска, енергетска и културна сила. За разлика од некои држави од Централна и од Источна Европа, Македонија нема никакво лошо историско искуство со Русија ипи со присуството на руски воени или други сили на македонската територија. Од овие причини, поаѓајќи строго од македонските национални интереси, не постои ниту една причина за беспотребни истрчувања и загрозување на коректните политички односи помеѓу Македонија и Русија заради туѓи интереси, цели, домашни агенди или лоши проценки. Напротив, Македонија треба интензивно да работи да ги преведе коректните политички односи во трајна и длабока економска, културна, образовна, енергетска и секаков друг тип на соработка со Русија. Впрочем, доколку ја следиме европската политика кон Русија, јасно ќе видиме разногласие околу избрзаните санкции и политиката околу украинскиот конфликт и Русија. Затоа Македонија не смее да истрчува и да си ги загрозува своите долгорочни стратегии заради туѓи краткорочни игранки“, смета политичкиот аналитичар Ивица Боцевски.

Каква е позиционираноста на Македонија во однос на ова прашање јасно отслика министерот за надворешни работи Никола Попоски кој предупреди дека следењето на политиките од ваков вид е дел од примената на меѓународното право:

„Знаеме дека во НАТО една земја-членка , која е и во НАТО и во ЕУ, сериозно го има прекршено меѓународното право и тоа е констатирано во пресудата од Меѓународниот суд за правдата во Хаг, и тоа сериозно го проблематизира барањето и аргументирањето од Македонија за примена на меѓународното право“, изјави Попоски по средбата во Скопје со неговиот српски колега Ивица Дачиќ.

Дел од познавачите во ваквата политика препознаваат и јасна порака на инаетење кон ЕУ од страна на Македонија поради тоа што нејзината интеграција е условена со решавање на спорот за името, што во дел и сигнализира дека земјата полека, но и внимателно се ориентира кон Истокот. Од земјите во регионот, освен Македонија, иницијативата за санкции кон Русија не ја следат Србија, БиХ и Турција.