1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија има квалитет за да се претстави подобро

14 јуни 2011

Талентот на народот во Македонија, граден низ столетија, доволно покажува дека може да бидеме компетитивни, вели во интервју за Дојче Веле, најуспешниот кошаркарски тренер од Македонија, Заре Марковски.

https://p.dw.com/p/11ZlL
Заре МарковскиФотографија: DW

Заре Марковски е едно од најпознатите тренерски имиња во македонскиот спорт, исклучително ценето и во европските кошаркарски кругови. Зад себе има 25- годишно искуство во работењето во најпознатите клубови во Италија, Швајцарија, Турција, Франција. Својот тренерски подем го започна исклучително млад во Македонија.

Го водев Работнички и се гордеев

Во моментите на распаѓањето на Југославија во сезоната 90-91 година, Марковски го водеше Работнички. Вакви се неговите сеќавања на тоа турбулентно време.

Basketballspiel Mazedonien gegen Bosnien
Машката кошаркарска репрезентација е меѓу најуспешните претставници на Македонија во овие 20 годиниФотографија: Petr Stojanovski

„ Тие моменти ги доживував исполнет со гордост, дека мојот Работнички ,кој го водев од 1988 до 1991 година, во времето на распаѓањето на бившата држава беше претставник на македонскиот народ во сегментот спорт , а во потсегментот кошарка.Одев дури до таму клупската црвено-бела боја да ја сменам во црвено-црна идентификувајќи се со другиот претставник на македонскиот народ во фудбалското првенство, Вардар! Тоа само по себе покажува како тогаш се чувствував.“

Македонската кошарка продолжи по сопствен пат.Се до средината на 90-те години клубовите-перјаници добро се носеа со европските. Се паметат победите на Работнички и на МЗТ Скопје против Реал Мадрид, Таугрес, Мустанг Џинс...

„ Мислам дека клубовите како континуитет на клупската кошарка во Југославија, беа компетитивни со самото тоа што излегувајќи од југословенската кошарка и имајќи директен контакт како македонски претставници во европските натпреварувања, добија можност да покажат колку навистина вредат во Европа. Позитивните резултати на Работнички и на МЗТ Скопје, беа резултат на тој континуитет.“

Една секунда до подвиг

Првиот пробив на македонската кошарка на репрезентативен план беше во 1999-та година. Заре Марковски беше селектор на репрезентацијата, која се пласира на завршниот дел од Европското првенство во Франција. Само една секунда ја делеше и од пласман и во ¼ финалето.

„Во самата група во Тулуз во првата фаза игравме против тогаш светскиот првак Југославија, организаторот на првенството Франција беше во нашата група, а решавачкиот натпревар против Израел стана антологиска трагедија на македонската кошарка.Игравме добро, момчињата кои сите играа во македонското првенство предводени од повредениот во таа средба Петар Наумовски, кој немаше сили да им помогне на младите соиграчи против Израел во вториот дел од натпреварот. Јас лично со позитивен набој и со гордост се сеќавам на тој двегодишен период со репрезентацијата на Македонија.“

Македонец во европскиот крем

Zare Markovski
Заре Марковски смета дека спортот не е доволно вреднуван во МакедонијаФотографија: DW

Олимпик или Симентал од Милано,Виртус од Болоња, Лимож, се европски кошаркарски величини.Во дел од нивните клупски истории вградено е името на Заре Марковски. Македонец во европскиот тренерски крем, делува помалку нестварно.

„ Да дојдеш од Македонија на европскиот пазар и тоа како тренер,бидејќи тренерската професија не е толку неопходна за да увезуваш тренери, поготово не од Македонија, додатно ме мотивира. Со максимална ангажирааност и професионалност јас се одржувам на тој пазар.“

Во кошарката врвот се вика НБА лига. Заре Марковски е единствениот македонски тренер, кој има врски и со центарот на кошаркарскиот свет.

„Имав можност во 1996 година да бидам дел од стручниот штаб на новоформираната франшиза на НБА, каде што нашиот Џон Битов го оформи клубот Торонто Репторс. Но, работите не отидоа во таа насока, бидејќи имаше лок-аут. Денеска имам извонредни контакти. Јас сум човек на Њујорк Никс за Европа и им стојам на располагање за сите нивни потреби.“

Спортот е силен експонент, Македонците се талентиран народ

Работи надвор, внимателно следи што се случува во македонскиот спорт. Марковски е категоричен , иако во светот спортот е силна идентификација, во Македонија не е доволно вреднуван.

„ Мислам дека спортот како реклама и желба за претставување на нашиот народ во Европа треба да биде позастапен во стратегијата на било која влада. Едноставно, успехот или кариерите на Пандев, Наумовски,Панчев, Богоевски... на многу поголем простор ја претставуваат Македонија ,отколку на пример концертите од камерна музика во сали со 200-300 гледачи.“

Истото се случува и во другите сфери на живеењето?

„ Мислам дека талентот на македонскиот народ, граден низ столетија, доволно покажува дека ние можеме да бидеме компетитивни. Дека имаме квалитет да бидеме позастапени од ова колку што сме!“ , вели 50-годишниот Заре Марковски, македонски кошаркарски маг, но пред се вљубеник во овој спорт.

Автор: Златко Калински

Редактор: Симе Недевски