1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и’ е потребна на Европа

12 јули 2011

Македонскиот народ се бара премногу себеси во антиката, а не се бара во овие две илјади години, кои се зад нас, вели за Дојче Веле академик Цветан Грозданов, по повод 20-годишнината од независноста на земјата.

https://p.dw.com/p/11tNm
Академик Цветан ГроздановФотографија: Toevski

Цветан Грозданов, член на Македонската академија на науките и уметностите, своевремено и нејзин претседател, е истакнат историчар на уметностите – византолог со повеќе од 300 научни дела и трудови, објавени во изминатите 60 години. Тој беше и првиот министер за култура во првата повеќепартиска влада на независна Македонија. Грозданов ги изнесува за Дојче веле своите погледи за дведеценискиот развој на земјата, особено во областа на културата.

Господине Грозданов, каков беше периодот на Вашето министерување, беше ли тешко?

Тој период беше тежок, но, во исто време исполнет и со полет. Имаше во тоа време особености, кои им даваат белег и на нашата историја и нам, како на актери на времето. Сакав – во тоа имав и поддршка – да се одржат културните институции, кои оваа Македонија ги одржувала од АВНОЈ и АСНОМ наваму. Да се одржи онаа структура на културни установи, кои што веќе постоеја и кои беа на високо рамниште. На пример, веќе беа закажани „Струшките вечери на поезијата“, „Охридското лето“, сликарските колонии, „Мајските оперски вечери“ во Скопје ... Имаше и други манифестации, кои и денес се организираат. Тоа беа меѓународни манифестации и јас настојував да се одржат, но, имав отпори. Лично одев да ги анимирам да опстојат, во секој поглед директорите и културните работници и во Струмица и во Битола и во Прилеп. Тогаш требаше да почнат Театарските игри „Чернодрински“ во Прилеп. Беше криза: дали ќе се одржат. Но, се одржаа. Јас бев среќен. Се што требаше да се одржи, се одржа.

Во октомври 2008 година Вие бевте избран како претседател на Советот за култура на министерот во овој ресор. Ве молам, оценете: дали македонската држава воспостави и дали остваруваше во овие 20 години стратегија и политика во функција на негување на културните различности и потреби на сите етнички заедници, кои живеат во неа?

Мислам, да. Тоа го чинеше, но, се имаше чувство дека тоа не е вреднувано доволно од другите заедници – Албанци, Турци, Роми и така натаму. Не би рекол дека Македонија нешто им скусила ним. Апсолутно не, никому.

Во овие години дали успеа македонскиот народ да ја заокружи својата културна самобитност пред светот?

40 Jahre MANU
Од прославата на 40-годишнината на МАНУФотографија: Macedonian Information Agency

Македонскиот народ се уште се бара себе си. Да се поставува прашањето на нашата етногенеза денес е илузорно, затоа што сме ние милениумска нација на овој простор. Тука се избегнуваат некои етапи од нашата историја, кои што се многу значајни. На пример, најголем печат врз овој простор удира христијанството, кое е примено на црковно-словенски јазик со браќата Кирил и Методиј уште во 9-тиот век. Ние тогаш веќе имаме македонска библија, ракописите на „Охридската кннижевна школа“ ... Тоа е се' особеност и на Македонија. Се одбегнува да се нагласи преродбата. Тоа трае се до Мисирков, да речам, до времето на Илинденската организација, на ВМРО, на народното движење. Тоа се избегнува и македонскиот народ се бара премногу себеси во антиката, а не се бара во овие две илјади години, кои се зад нас.

Зошто токму сега по овие две децении на независноста се случуваат жестоки напади врз македонскиот народ дека допрва си го бара и си го гради својот културен идентитет на вештачки начин, наводно, крадејќи елементи и од културата на грчкиот и другите народи? Целам на „Скопје 2014“?

Да, тоа е така, се случува и јас сум вчудоневиден со оваа појава. Некои од тие кругови сметаат дека се уште може да се грабне нешто од овој простор. На пример, Охрид имал илјада години автокефална црква. Таа е црква на македонскиот народ и се настојува да се ликвидира автокефалијата на Охридската архиепископија. Или, пак, од македонскиот јазик да се прави дијалект на еден друг јазик. Па тој е признат во целиот свет, па ние сме домаќини на меѓународни симпозиуми, семинари, се предава на славистички катедри ... Грчкиот случај е многу особен: тука ќе мора нешто да се „прекрши“, со Грција тоа да биде дефинитивно. Но, јас имам документација од која се гледа дека ова е подготвувано во таа држава неколку децении порано: очекувајќи го распадот на Југославија, размислувале што ќе прават со македонскиот простор и како ќе се однесуваат.

Македонската академија на науките и уметностите е формирана во 1967 година. Дали таа беше една од оние институции – стожери на македонската независност во овие 20 години?

Секоја национална академија во секоја земја е еден од стожерите на државноста, на независноста и на слободната мисла на еден народ. Апсолутно, МАНУ тоа и беше. МАНУ ја вршеше многу добро таа функција. Во неа има научни центри, афирмирани во целиот свет. Има научници, кои и денес значат многу во науката. Тие ја прават академијата. Сега се објавуваат собраните дела на академик Ефремов од центарот за генетика, кои што се влезени во целата светска литература. Тука е еден голем центар што го води Јордан Поп Јорданов, кој што има голем светски углед. Сега ќе ги објавиме собраните дела на Мисирков и на Блаже Конески. Меѓутоа, нам постојано ни се одговара „нема пари“, а слушаме и гледаме постојано како објавуваат книги со помош на државата, без пречки. Пречки има само за академијата.

Остануваат запомнети Вашите заложби „државата да не ја заборави својата Македонска академија на науките и уметностите, нејзините активности да бидат вреднувани многу повисоко“. Мој впечаток е дека МАНУ по овие две децении е некако поттурната на периферијата на општествените настани, оти таа тоне, без пари и грижа од надлежните државни институции?

Последниве 3-4 години се случи пресврт со печатењето на енциклопедијата. Оттогаш владата не сака да чуе за Македонската академија и смета дека е тоа еретичка книга. Во неа има грешки, но, тие можат да се исправат.

Mazedonische Akademie für Wissenschaft und Kunst
Седиштето на МАНУ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Вие го имате добиено високото признание „Велја кутија“ на „Македонските духовни конаци“ за своите резултати во науката и културата. Притоа Вие сте прогласен како „духовен воин“ на македонскиот народ. Но, дали македонскиот народ има доволно свои такви „духовни воини“, кои ќе се изборат конечно за неговиот опстој во овој 21-ви век со влегувањето на Македонија во Европската Унија, без да се нарушат неговиот национален и културен идентитет низ решавањето на спорот со Грција за името?

Македонскиот народ треба да се организира, внатрешно, за да може, затоа што може да го стори тоа, ако размислува подлабоко, а не дневно, и оти има човечки и природни потенцијали – да се воздигне меѓу најкултурните нации во светот. Може, но, тоа се гради полека. Очекувам дека млади, нови сили ќе ги унапредат нашата земја и нашиот народ да тргне по европските патишта.

Кои приоритети притоа треба Македонија да ги зацрта заради натамошен развој и просперитет во следните 20 години од својата независност?

Таа мора да бара сопствени ресурси независно од односите со соседите, со другите земји. Таа мора да бара пријатели. Конечно, и на Европа и е потребна Македонија. Овој простор не може никој друг да го исполни освен Македонците и другите државјани на Македонија, кои се тука домородни. Македонија ќе си постои, но, треба да си го заземе својот цивилизиран пат и да се гради како културна, образувана земја со резултати. Верувам дека ќе опстоиме.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски