1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мажите од „погребалниот“ тим во Либерија

Ј.Канубах/ Ш.Дукштајн/ А.Трајковска19 септември 2014

Во Либерија 1.459 веќе ја загубија борбата против еболата. Вирусот секојдневно зема нови жртви. Една група луѓе има тешка задача: тие ги собираат мртвите тела од улиците.

https://p.dw.com/p/1DFmV
Ebola Tote in Liberia
Фотографија: Dw/J. Kanubah

Кога тимот околу Марк Корвајан ќе стигне до некое село, уште од далеку се слуша плачот на членовите на семејството и соседите. Тие жалат за тукушто починатиот член на семејството или пријател. Деветте мажи меѓутоа не доаѓаат за да ги тешат луѓето. Нив ги чека уште потешка работа: тие треба да ги соберат последните жртви од епидемјата со ебола. „Јас воопшто не сум среќен со оваа задача. Тоа е страшна работа“, признава Марк Корвајан. „Секој ден мртви тела. Јас сепак не сум погребувач“.

Но, во меѓувреме брза кон следната задача. Едно семејство во главниот град Монровија загуби три члена - седумгодишен син и две жени. Корвајан и неговите осум колеги ги облекуваат заштитните одела. Тој лично носи канта со средство за дезинфекција на грбот со која ја стерилизира околината. Мажите секое поединечно тело го пакуваат во вреќа и го пренесуваат на транспортер. Подоцна мртвите тела се горат во специјална станица во Монровија.

Со висок ризик

Корвајан и неговите соработници се еден од погребалните тимови за жртвите од ебола на Црвениот крст на Либерија. Тие доброволно ја извршуваат работата и месечно заработуваат речиси 800 евра. Инаку Корвајан е хомеопат: „Само со божја помош можам да го издржам ова овде. Тоа е борба, која треба да ја положиме и се жртвувам заедно со колегите од полицијата и други помагачи“. Тој бил свесен дека постои ризик самиот да се инфицира, но тоа го прави за својата земја вели Корвајан. Меѓутоа димензијата на кризата многу го оптоварува. „Нема да верувате, вчера подигнав 16 луѓе. Претходно 22. Некои денови има по 25 или дури 30 мртви“.

Ebola Tote in Liberia
Марк КорвајанФотографија: Dw/J. Kanubah

Помагачите во заштитни униформи го привлекуваат вниманието на минувачите. Кога го видел погребалниот тим му станало јасно колкава е опасноста, вели Дакс Греј, еден минувач. „Морав прво да го видам тоа со сопствени очи, за да сфатам: еболата е навистина тука“.

Онеил Бестман е портпарол на либерискиот Црвен крст. Тој ги координира поединечните погребални тимови во соработка со Mинистерството за здравство. „Нивната работа не е безопасна“, вели Бестман, но таа била многу важна за општеството. „Доколку телата едноставно би останале да лежат, ризикот од зараза енормно би се зголемил. Луѓето ќе сакаат да се допрат. Во нашата култура имено е вообичаено на погодените да им се изрази сочувство и да бидат тешени. Единствената можност да се прекине кругот на заразата, е брзо отстранување на мртвите“.

Ebola Tote in Liberia
И покрај ризикот има голем интерес за работата како „погребувач“Фотографија: Dw/J. Kanubah

Околу 50 „погребувачи“ има ангажирано Црвениот крст на Либерија. Привлечени од парите сѐ повеќе луѓе сакаат да ја извршуваат оваа ризична работа. Еден од нив е Роланд Керкула. Тој е невработен. „Јас сум подготвен да умрам за мојата земја Либерија“, вели Керкула. „Ако само со скрстини раце и набљудуваме, што прави владата, вирусот наскоро ќе ја конторлира целата земја“. Со оглед на меѓународните прогнози вирусот би можел да однесе уште многу повеќе жртви отколку што се претпоставуваше досега.