1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Магнети кои ја прочистуваат крвта од отрови

Бригите Остерат / Ивана Стојкова28 септември 2014

Американските научници тврдат дека откриле начин како со помош на уред со магнети да го исчистат телото на пациентот, односно да ги отстранат бактериите вирусите и отровите од крвта.

https://p.dw.com/p/1DMFF
Фотографија: Harvard’s Wyss Institute

„Се обидовме да ја имитираме функцијата и микроструктурата на слезината“, вели биологот Џо Х. Канг, кој го создаде уредот со магнети. „Тоа е орган кој од крвта секогаш ги отстранува предизвикувачите на болести“, вели Канг од бостонскиот универзитет Харвард.

Канг и неговите колеги веќе извршиле тестирање на животни кои биле заразени од бактериите стафилококус ауреус и ешерихија коли. Тие две бактерии кај луѓето можат да предизвикаат труење на крвта, што е опасно по живот. „Уредот кој го нарековме ’Биомилц’ од крвта отстрани повеќе од 90 отсто од бактериите“, изјави Х. Канг за стручниот магазин „Nature Medicine“. На тој начин е зголемена можноста за преживување на заразените животни.

„Биомилц“ функционира на следниот начин: крвта на пациентот минува низ црево со брзина и до 1,25 литри во секунда. Крвта во цревото се меша со многу ситни магнетни топчиња со нано- честички кои се обвиткани со протеин кој ги сврзува бактериите или отровите. По прочистувањето, крвта повторно се враќа во телото на пациентот.

Wyss Institute Magnetpartikel Technik
Вака изгледа уредот БиомилцФотографија: Harvard’s Wyss Institute

Научниците за време на тестирањето на уредот користеа природен протеин опсонин, кој е дел од човековиот имунолошки систем и се врзува на шеќерот на површината на различни видови бактерии и вируси. Пред испитувањата, Канг и неговите колеги извршија генетски промени на опсонинот, за подобро да се „залепи“ на металните нано-честички.

Делотворност кај еболата и труење на крвта

„Веруваме дека овој процес може да има голем ефект при лекување на пациентите кои имаат труење на крвта“, вели Канг. Труењето на крвта кое го предизвикуваат бактериите е опасно по живот. Според „Global Sepsis Alliance“, годишно во светот 18 милиони луѓе се погодени од оваа болест. Од нив, 6 милиони завршуваат со смртни последици. Кога болеста ќе се открие во поодмината фаза, предоцна е за каква било интервенција. Имено, преостанува многу малку време за да се постави дијагнозата и да се пронајде соодветниот антибиотик за лекување. Деталното дијагностицирање на специфичната бактерија трае, по правило, најмалку 24 часа.

„Со помош на ’Биомилц’ можеме да ги лекуваме пациентите и пред да биде позната вистинската причина за инфекцијата“, вели за ДВ главниот автор на студијата Доналд Ингбер од харвардскиот институт „Wyss“. Тоа значи дека лекарите би можеле да почнат да ги лекуваат пациентите без притоа да знаат кој е предивикувачот на болеста. Методите се‘ уште се проверуваат, но научниците сметаат дека уредот може да се користи за лечење на лицата заболени од ебола. „Протеинот кој го користиме за врзување, во епруветата го сврза и вирусот на еболата и поради тоа претпоставуваме дека може да се користи и кај пациентите заразени од ебола“, вели Ингбер.

Wyss Institute Magnetpartikel Technik
Крвта со пумпа се внесува во уредот за прочистувањеФотографија: Harvard’s Wyss Institute

Поли Рој, биолог од „School of Hygiene and tropical medicine“ верува дека ова е можно не само кај еболата, туку и кај маларијата. Меѓутоа, Франк Брункхорст, експерт за инфекции од универзитетската клиника во Јена е скептик. Тој вели дека методите, без дополнително дијагностицирани средства, се бескорисни. Тој додава дека лекарите пред лекувањето на пацентите мора да знаат кој е причинителот на болеста и лекувањето со антибиотици со широк спектар кои постојат во моментов, е се‘ уште најдобра алтернатива. Брункхорст, меѓу другото, додава и дека причинителот на болести кај многу инфицирани пациенти не се наоѓа само во крвта, туку и во другите органи, како што се белите дробови. „До таму може да се дојде само со помош на антибиотици“, вели Брункхорст и додава дека „Биомилц“ е интересна, но не и волшебна формула.