1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лојтхојзер-Шнаренбергер: "Пресудата за ’Јукос’ е правична"

Андреј Гурков / Александар Методијев29 јули 2014

Русија треба да им исплати 50 милијарди долари на поранешните акционери во рускиот нафтен концерн „Јукос“. Правична и праведна пресуда - смета поранешната германска министерка за правда Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер.

https://p.dw.com/p/1Ckp7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: Госпоѓо Лојтхојзер-Шнаренбергер, еден процес, кој траеше речиси десет години, сега е на крај. Руската држава е осудена да им исплати околу 50 милијарди долари на акционерите во „Јукос“. Дали мислите дека ова е правична пресуда?

Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер: „Да. Ова на крајот е потврда дека уништувањето на ’Јукос’ тогаш недвосмислено беше противуставно, дека беше повредено сопственичкото право и повеќе илјади работни места беа скратени. Затоа е значајно оваа многу, многу висока сума за отштета да биде исплатена. Концернот ’Јукос’ и така имаше вредност во милијарди долари“.

Дојче веле: Судот е во Ден Хаг, а Холандија има најмногу жртви во веројатно соборениот малезиски Боинг. Кај некои луѓе во Русија би можел да се создаде впечаток дека се работи за некој вид на одмазда...

Yukos Symbolbild Den Haag Gericht Urteil
Пред распадот на „Јукос“ тој беше најголемиот руски нафтен концернФотографија: Reuters

Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер: „Не, овој впечаток би бил со сигурност целосно погрешен и штетен, доколку сега од руска страна се направи обид на тој начин ова да се интерпретира. Овој процес траеше толку долго поради интензивното утврдување на фактите, тешката проценка на целиот имот и навистина нема никаква врска со ужасното соборување на малезиското летало над Украина“.

Дојче веле: Сепак, за очекување е дека оваа пресуда во Русија ќе биде оценета повеќе како политичка, а не како правосудна.

Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер: „Русија, а тоа не значи сите Руси, туку пред се’ руската влада, а посебно сегашниот претседател Путин, секогаш правеше се’ за да ги отстрани според свое видување неомилените деловни лица, како Ходорковски и Лебедев, кои тогаш беа одговорни во ’Јукос’, под изговор - спроведување на владеењето на правото. На крајот се’ отиде во сосема друга насока. Оттаму, ќе има обид за политичка интерпретација на пресудата, бидејќи Русија не е правна држава и не ги признава судските пресуди. Навистина е штета, но за жал така е во моментот во Русија со ова негирање на правната држава“.

Дојче веле: Но, колку е реална исплатата на оваа сума, која е десет проценти од руските девизни резерви?

Yukos Symbolbild Den Haag Gericht Urteil
Акционерите во „Јукос“ да се обесштетат со заплена на руски имот во странствоФотографија: Reuters

Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер: „Тоа сега секако дека ќе биде огромен проблем. Претпоставувам, од моите познавања на руските прилики, дека ќе се направи се’ пред да се направи исплатата. Но, не треба да се заборави на можноста за заплена на руски имот во странство. Со тоа би станало јасно дека Западот е подготвен да направи се’ за да се спроведе судската пресуда. Нејзиното спроведување во секој случај ќе се биде долг и тежок пат“.

Дојче веле: Споменавте можна експропријација. Дали е реално да дојде до одземање имот?

Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер: „За одземање руски имот во странство зборувам од правна гледна точка и тоа е апсолутно легитимно средство и треба да се искористи со сета силина. Можам само да ги повикам сите земји кои се засегнати, а притоа и сојузната германска влада, сега многу активно за се заложат за поддршка на оваа пресуда“.

Дојче веле: Какви последици би можело ова да има, имајќи го предвид и заострувањето на санкциите од Западот, во однос на кризата во Украина? Ова на крајот на краиштата нема ништо заедничко со неа...

Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер: „Во моментов во Москва имаме напната ситуација, но таа е поврзана со тоа што Птурин се одлучи против правната држава и соработката со Европа со нелегалното анектирање на полуостровот Крим и со поддршката за проруските бунтовници во Украина. Сега ова се неопходните последици. Сметам дека е многу важно сега на Русија да и’ се покаже дека оваа пресуда од Западот, до западните земји, треба сериозно да се сфати и да се спроведе според нашето сфаќање за правната држава“.

Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер е политичарка од германската либерална партија ФДП. Таа беше сојузна министерка за правда од 1992 до 1996 година и од 2009 до 2013 година. Како член на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 2003 до 2009 година таа се занимаваше со улогата на Русија во Советот на Европа. Како известувач за процесот „Јукос“ таа направи извештај, кој беше усвоен на пленарно заседание на Парламентарното собрание.