1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон - епицентар на британската ИТ-бранша

Герхард Елферс / Александар Методијев14 април 2014

Лондонското „Тек сити“ е најголемата старт-ап сцена во Европа. Тука работат половина милион луѓе. За многумина британскиот главен град Лондон е најважниот интернет-биотоп во светот, по Силиконската долина во Калифорнија.

https://p.dw.com/p/1BOy5
Фотографија: Reuters

Овде дури и кафето доаѓа преку aјпeд. Не е ни за чудење - „Левел 39“ е еден од најголемите инкубатори за старт-ап фирми во Лондон. Тука млади претприемачи за висока технологија добиваат канцеларии и советување за развој на своите идеи. Еден од нив, Аластер Патерсон, започна пред две години со една идеја и со маса за пишување; денес „Диџитал шедоус“ вработува 15 лица. Малата фирма советува големи компании во однос на протекување на податоци.

„Неодамна најдовме кеш-меморија со неколку илјади документи кои и’ припаѓаат на една банка. Таму се наоѓаше и безбедносната структура на банкоматите. Во друг случај најдовме шема на новите канцеларии на една од банките со кои соработуваме. Ова се многу сериозни работи кои треба да се следат и поправат“, вели менаџерот на „Дигитал шедоус“, Алестер Патерсен.

Лондон е идеална средина за бизниси за млади претприемачи како Патерсон. На истокот на градот, околу овој кружен тек наречен „Силиконски кружен тек“, се смести една старт-ап сцена, каква што нема во Европа. На неколку квадратни километри се собрани речиси 2.000 нови интернет фирми. 140.000 луѓе тука креираат апликации и игри. Владата одамна сфати колку е значаен овој сектор за британската економија и го помага со даночни олеснувања.

Symbolbild NSA Spähaffäre
Британската влада, со низа поволности, привлекува странски претприемачи во ИТ-браншатаФотографија: Reuters

„Владата ја послуша браншата во последниве неколку години, ја прилагоди политиката и направи даночни промени за да им олесни на претпримачите ширум земјата. Имплементирани се работи како најповолно даночно олеснување во светот, но и претприемачка виза, со која и претприемачи надвор од ЕУ можат да дојдат овде и да започнат сопствени бизниси“, објаснува Пру Ешби од владината иницијатива „Тек сити УК“.

Од овие поволности профитира и „Адзуна“. Основачот Ендрју Хантер пред две години уште програмирал во својата спална соба, а денес неговата вебстраница за вработувања месечно има четири милиони посетители и е профитабилна.

93. mazedonischen Sendung "Evropanorama"
„Силиконскиот кружен тек“ во Лондон е концентрација на работни места и идеи за бизнис

„Не сум сигурен дека ова ќе можевме да го направиме во Силиконската долина. Лондон во моментов е епицентар за технологија и претприемништво. Имаме вебстраници во Русија, Холандија, Јужна Африка и во Канада. Во Лондон најдовме луѓе кои го зборуваат локалниот јазик за сите тие пазари, квалификувани и за маректинг и продажба. Кога е во прашање регрутирање таленти за нашиот бизнис, сметам дека ова е единственото место во светот каде можевме да започнеме“, вели основач на „Адзуна“, Ендрју Хантер.

Во иднина, според експертите, лондонската хај-тек бранша би можела да ги престигне дури и банките како најважна економска гранка на земјата. Така оптимистички се претстави Велика Британија како земја-партнер на штотуку завршениот саем Цебит во германскиот град Хановер.