1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија - хроника на една колабирана држава

К.Книп/ А.Трајковска 20 октомври 2014

Три години по смртта на властодржецот Моамер ел Гадафи, Либија се движи во правец на граѓанска војна. Сонот за нов почеток потклекна под политичката анархија. Притоа повеќето проблеми се од домашно производство.

https://p.dw.com/p/1DYRd
Фотографија: Reuters

Младите револуционери не беа при себе. Тие и не можеле да бидат, оти земале дрога, која им ја доставиле исламистичките милиции блиски на терористичката мрежа Ал Каеда. Ова го тврдеше Моамер ал Гадафи, кога во јануари и февруари беше соочен со првите протести против неговото речиси 40- годишно владеење. Револуционерите додуша негираа, но тоа не го спречи Гадафи со сета сила да им се спротистави на протестите кои почнаа да се шират во февруари 2011 година. Починаа повеќе десетици луѓе.

Во наредните месеци конфликтот се заостри. Посебно на истокот на земјата, во провинцијата Киренаика, бунтовниците ја презедоа власта. Тие маршираа и кон западот, каде им се спротистави армијата на Гадафи. Во март Гадафи стартуваше голема офанзива. Апелите за помош од бунтовниците кои следуваа потоа наидоа на одек кај меѓународана заедница: На 17. март Советот за безбедност на ОН ја усвои резолуцијата 1973.

Во неа се бараше итен прекин на огнот и крај на нападите врз цивилите. За да се спроведат барањата резолуцијата предвидуваше и воведување на зона за забрана на летови и употреба на воени средства. Политичкото решение требаше да одговори на „легитимните барања на либискиот народ“. Пред гласањето Русија предложи, Советот за безбедност на ОН да гласа прво за резолуција за положување на оружјето во Либија. Овој предлог го одбија мнозинството членови.

На крајот на март НАТО го презеде раководството над мисијата наречена "Unified Protector". Нападите продолжија во крајот на октомври 2011. Еден од последните завојувани градови беше Сирте, родниот град на Гадафи. Таму властодржецот беше уапсен на 20 октомври од страна на бунтовниците при обид да избега од градот. Тие потоа го убија со куршум в глава.

Islamische Ansar al-Sharia Brigaden Libyen
Терор во име на верата: Борец на Ал шарија бригадитеФотографија: picture alliance/AP Photo

И покрај продолжувањето на борбите меѓу приврзаниците на Гадафи и бунтовниците во јуни 2012 година беше најавено уставнотворно собрание. Општиот национален конгрес, кој произлезе од тие избори две години беше највисокото парламентарно собрание на земјата. Во август 2014, по парламентарните избори беше заменет со Советот на пратениците.

Племињата и милициите бараат удел во власта

Меѓутоа уште во првите недели во националниот конгрес се наметна проблем, кој до денес постои во Либија: племињата и милициите, кои за време на револуцијата се бореа против Гадафи не беа подготвени да се подредат на дражавната власт и да се покорат на демократските правила на игра. Наместо тоа тие бараа, секој за себе поголем удел во распределбата на власта. Се формираа различни коалиции врз база на материјалните интереси и идеолошките мотиви. Така на пример летото 2012 година беа уништени стари свети споменици на суфите. Ова уништување, според гледиштето на либискиот публицист Мустафа Фетури, оди на сметката на радикалните исламисти. „Овој вид насилство укажува на фанатични групи, кои најверојатно ѝ припаѓаат на Ал Каеда или на некое друго терористичко здружение“, рече тој во разговор со ДВ.

Symbolbild Ägyptische Luftangriffe auf libysche Islamisten
Бенгази за време на египетски воздушен нападФотографија: Abdullah Douma/AFP/Getty Images

„Во бездна!“

Исламистичките групи меѓутоа се поврзаа и со поранешните приврзаници на Гадафи. Една таква група го изврши смртоносниот напад врз американскиот амбасадор Крис Стивенс во септември 2012 година. „Каде овие луѓе сакаат да ја однесат Либија?“ праша Онлајн весникот „Al watan al Libia“ и истовремено самиот го даде одговорот: „Во бездна!“.

Борбите продолжија долж линиите на фронтот, кој постојано се менува до денес. На 18. мај 2014 година единиците предводени од генералот Калифа Хафтар го нападнаа парламентот кој повеќе не беше чуван од државните Синтан бригади. Тие го запоседнаа парламентот, но кратко потоа се повлекоа. Истовремено други негови единици се бореа во областа околу Бенгази против исламистичките групи. Владата, парламентот како и претставниците на либиската армија во заедничко соопштение го обвинија Хафтар за обид за пуч.

Борба против исламистите и џихадистите

По повторните парламентарни избори во јуни вооружени исламисти, чии политички претставници имаа послаб резултат на изборите, се обидоа да го стават Триполи под нивна контрола. По нападот соопштија дека нивни претставници го сочинуваат парламентот. Потоа регуларниот либиски парламент се повлече од безбедносни причини во градот Тобрук, околу 1000 километри источно од Триполи. Оттаму пратениците ги замолија ОН за помош да ја спасат Либија од распаѓање. „Ова е признание на оваа демократски ориентирана група, дека политички е дојдена до крајот“, вели поранешниот австриски аташе за одбрана Волфганг Пуцати во разговор со ДВ.

Libyen Tobruk Parlament 2.8.2014
Во егзил: Либискиот парламент во ТобрукФотографија: Reuters

Помош Либија доби од соседен Египет. Египетските воени авиони стрелаа врз позиции на исламистите во Триполи. Истовремено изведоа и напади врз милициите на Исламската држава кои имаат огранок во Либија. Уште во јули џихадистите од либиска територија изведоа напад врз египетски гранични војници. Во нападот загинаа 22 војници.

Еболата, Украина и напредувањето на Исламската држава во Сирија и во Ирак во моментов го свртеа вниманието на светот во други региони. Во сенка на овие кризи во Либија и натаму просперира насилството. Нему да му се стави крај, ќе трае уште години.