1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија: кој се бори против кого?

Насер Шруф/Б. Георгиевски2 септември 2014

Насилството и борбите во Либија продолжуваат со несмален интензитет. Но, нејасно е кој на чија страна се бори, со какви цели и кој сето тоа го финансира?

https://p.dw.com/p/1D5Dm
Фотографија: Reuters

Режимот на Моамер Гадафи беше насилно урнат во 2011 со комбинација од НАТО-бомбардирање и вооружените бунтовници со различни идеологии. Но, промената на режимот не донесе позитивни промени и демократија, напротив, ја втурна земјата во хаос и граѓанска војна. Насекаде анархија и насилство, со два парламенти кои се расправаат околу тоа кој го има легитимитетот.

Во Либија постојат околу 200 племиња со различни кланови. Најголемиот проблем е непознатиот број на милиции кои се борат за превласт покрај уништените државни институции. Дури ни самите Либијци не знаат кој се бори против кого, ниту пак кои се целите на овие групи. Следниов преглед на воените групации само ја потврдува сликата за целосен хаос.

Либиската армија

Регуларната либиска армија беше реформирана по бунтот од 2011 година од страна на преодната влада и со одобрение на парламентот. Нејзината бројност никогаш не е официјално потврдена, но се претпоставува дека станува збор за околу 35 илјади борци. Мнозинството се поранешни борци на армијата на Гадафи кои во текот на револуцијата му го свртеа грбот и им се придружија на бунтовниците. Засега, оваа армија повеќе наликува на една од многуте милиции кои се борат во земјата. Слабо е тренирана и нема авторитетна команда.

Abdullah al-Thani Libyen Regierungschef 03.06.2014
Актуелниот либиски премиер, Абдула ал ТаниФотографија: AFP/Getty Images

Либиска национална армија

Т.н. Либиска национална армија беше формирана во мај 2014 од страна на генералот Калифа Хафлер, поранешен припадник на редовната армија. Од својата база во Бенгази, тој почна приватна кампања против различните исламски групи во земјата. Изјавува дека неговата мисија е да ја „исчисти“ земјата од исламистичките групи. Сомнежите се дека добива поддршка од Алжир, Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати, иако сите тие демантираат дека го поддржуваат. Во август годинава, Хафтер доживеа тежок пораз откако неколку исламски милиции ја презедоа контролата врз аеродромот во Триполи.

Бригадите Ал Саика

Бригадата Ал Саика е специјална парамилитарна единица составена од 5.000 луѓе. Во принцип, тие го поддржуваат министерството за одбрана, но во реалноста, не зависат од наредбите на владата и се борат против различни исламски милиции, како и против силите на генералот Хафлер во Бенгази.

Револуционерната бригада Ал Синтан

Моќна милиција од североисточниот град Ал Синтан, оддалечен околу 160 километри од Триполи. Бригадата е составена од повеќе племенски милиции со бројност од над 20 илјади борци. Еден од нивните лидери, Осама ал Џували беше првиот министер за одбрана по падот на Гадафи. Бригадата се профилираше со апсењето на синот на Гадафи, Саиф ал Ислам. Се сметаат за националисти и се борат на страната на генералот Хафтер.

Libyen/ Kämpfe /Tripolis
Борби на милициите околу ТриполиФотографија: Reuters

Бригадите Мисрата

Овие бригади се поддржани од Катар, а политички се блиски со Муслиманското братство. Проценките се дека имаат меѓу 12 и 14 илјади борци, а некои дури споменуваат и бројка од 40 илјади. Градот Мисрата се наоѓа на Медитеранскиот брег, околу 210 километри источно од Триполи. За време на револуцијата, оваа бригада одигра важна улога за време на нападот врз резиденцијата на Гадафи во Баб ал Азизија. Тие се непријатели на Хафтер и заедно со Либиските одбранбени сили ја презедоа контролата врз аеродромот во Триполи.

Либиските одбранбени сили

Оваа милиција се смета за една од најсилните во земјата и како воено крило на Муслиманското братство е раширена низ целата земја. Во минатото, повремено соработуваше и со владата. Милицијата има околу 12 илјади членови, и според арапските медиуми се работи за добро тренирани и вооружени борци. Благодарение на нивната хуманитарна работа и религиозни активности, милицијата ужива најголема популарност меѓу населението.

Libyen Kämpfe am Flughafen
Околу контролата врз стратешкиот аеродром во Триполи се водат жестоки борбиФотографија: Reuters

Ансар Ал Шариа

Оваа група се смета за продолжена рака на Ал Каеда во Либија, а нејзината цел е формирање на исламска теократија. Се сметаат за најрадикална милиција во земјата, и најверојатно го организирале терористичкиот напад врз американскиот конзулат во Бенгази кога беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс. Седиштето на Ансар Ал Шариа е во Бенгази, каде се водат борби против силите на генералот Хафтар. Не постои сигурна проценка на нивната бројност - проценките варират од 500 до 5.000 луѓе, многу од нив со големо воено искуство од Авганистан и други воени зони.

Други милиции

На истокот на Либија за една од најсилните се смета Маченичката бригада 17 февруари, но се јавуваат и многу други, како на пример Заштитниците на нафтените полиња, и слични. Дали некоја од овие групи ќе успее да ги интегрира останатите и да се наметне како главна сила останува да се види. Стравувањата се дека борбите ќе продолжат и натаму и големо прашање е -што ќе остане од Либија како држава?