1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летонците стравуваат од Русија

Дагмар Енгел / Елизабета М. Фиданоска19 август 2014

Среде криза во Украина, германската канцеларка Ангела Mеркел на балтичките држави им вети значително зголемување на присуството на НАТО во Источна Европа. Но трупи на границата со Русија нема да има.

https://p.dw.com/p/1CwkM
Фотографија: Reuters

Секој официјален гостин во Рига мора да го посети Споменикот на слободата. Кој е исправен пред споменикот, тој не ја наведнува главата, туку погледот го насочува 40 метри нагоре. Бронзената скулптура која е симбол на слободатан е одбранета од сите окупатори во минатиот век. Летонците сериозно си ја бранат својата слобода, тоа го почувствува и германската канцеларка за време на посетата на Рига.

Страв од Русија

Летонија, исто како и останатите балтички држави, од почетокот на кризата во Украина се чувствува загрозена од Русија. Речиси една третина од околу два милона жители на Летонија имаат руски корени, но ова големо малцинство не е којзнае како интегрирано. Се‘ уште е премногу присутно времето кога Летонија, не по своја волја, беше дел од Советскиот сојуз. Паралелно со руските постапки во Украина се зголемува загриженоста: „Довербата во Русија исчезна“, изјави летонската премиерка Лаимдота Страујума. Заштита од огромниот сосед треба да пружи НАТО.

Балтичките држави сакаат посилно присуство на НАТО, или поконкретно - постојано присуство. Страујума го избра англискиот збор за тоа - „persistent“. Преведувачот прво се одлучи тој израз да го преведе како „истрајно, упорно“, а потоа го употреби зборот „постојано“. Сите поими се многу блиску до пимите „супстанцијално“ и „перманентно“ - двата клучни поими од актот на основање на Советот НАТО-Русија од 1997 година, кој токму тоа го забранува. Германската канцеларка Меркел изјави дека ја разбира загриженоста на балтичките држави и дека е дојдено време на партнерите да им се покаже јасно дека договорот на НАТО, гаранцијата за поддршка која ја дава членот 5, не е нешто што стои само на хартија, туку во случај на потреба треба и да оживее. Но, како што подвлече Меркел, „немаме само договор за основите на НАТО, туку и акт НАТО-Русија, кој во моментов не сакам да го пречекорам“. Од германската влада се вели дека стационирање и онака не е неопходно - далечините во Европа не се толку големи за тоа да прави значителна географска разлика.

Freiheitsdenkmal in Riga Lettland
Споменикот на слободата во РигаФотографија: liveriga.com/Ilmārs Znotiņš

Деталите ќе следат во септември

Затоа акциите на НАТО ќе останат под границата на стационирање сили. Германија од септември ќе учествува во летовите за контрола на воздушниот простор. Бројот, обемот и интензитетот на маневрите на НАТО во источноевропските држави ќе бидат зголемени. За сите држави на НАТО има т.н. „Член 5 сценарија“, планови за реакција во случај една земја на Алијансата да биде нападната. Од тоа беа исклучени токму новите, источноевропски држави членки, зашто тогаш никој не веруваше дека кога било може да дојде до ситуација да се брани земја на НАТО која е нападната однадвор. Во септември, на самотот на НАТО во Кардиф, ќе биде донесена одлука за идниот ангажман - воен и финансиски.

Ако во моментов се постави прашање во Летонија за што разговараат луѓето додека вечераат, одговорт гласи - безбедност. Триесет интелектуалци и уметници по писмен пат се обратија до канцеларката Меркел и се заложија таа да го промени својот став околу стационирањето на НАТО. Тие по посетата на канцеларката на Рига нема да бидат задоволни. Но јасните зборови на поддршка во случај да треба да се реагира барем кај премиерката Страујума на крајот доведоа до тоа таа да констатира дека разлики во ставовите речиси и нема.