1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекциите од Втората светска војна

Александер Кудашеф/превод: БГ1 септември 2014

На 1. септември 1939 година, Германија ја започна Втората светска војна. Војна која доведе до нејзино, речиси, целосно уништување. Три лекции од тој период ја трансформираа Германија, смета Александер Кудашеф

https://p.dw.com/p/1D4j5
Фотографија: AFP/Getty Images

Пред 75 години, почна Втората светска војна. Германија, „Третиот Рајх“, изврши инвазија врз Полска, со што го вовлече целиот свет во војна. Цели шест години војната во која учествуваа 110 милиони луѓе беснееше низ Европа, Африка, Блискиот исток и Азија. Повеќе од 60 милиони ги загубија животите.

Шест милиони европски Евреи беа убиени во Холокаустот. Европа беше разурната. Милиони останаа без своите домови. За прв и единствен пат во човековата историја беше употребена атомската бомба.

Кога се поставува прашањето за вината, нема никаква дилема- за разлика од историската дебата за Првата светска војна. Нацистите ја посакуваа оваа војна и ја започнаа. На крајот, Германија не само што беше поразена, туку беше и уништена. Во Холокаустот, таа стори злосторство кое никогаш нема да биде заборавено.

Дополнително, околу 9 милиони Германци ги загубија животите, меѓу нив- три милиони цивили. Цели градови беа срамнети со земја во сојузничкото бомбардирање. Германија загуби територија на истокот. 12 милиони луѓе беа протерани од своите домови. По уништувачката војна, земјата беше во рушевини.

По војната, Западот ја дигна земјата на нозе. Најпрво економски, а потоа и политички. За време на Студената војна, Сојузна Република Германија беше дел од Западот. Дури и воено, откако стана член на НАТО. Потоа стана и основач на Европската економска заедница, нуклеусот на она што е денес ЕУ.

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер КудашефФотографија: DW/M. Müller

Од Втората светска војна ја извлече својата прва клучна лекција: Германија најпрво сакаше да биде Европска Германија, сакаше да биде партнер со демократиите, своите сојузници ги бараше и преки Атлантикот, во САД. Со политички речник кажано, беше табу да се оди сам.

Втората важна лекција гласеше: Не за војната. Членството во НАТО, вооружувањето, сето тоа од обичните Германци беше гледано со голема скепса или едноставно одбивано. Дури и денес, 25 години по обединувањето, мнозинството Германци ја одбиваат војната, дури и како последно средство. Секогаш кога германската влада одлучуваше да се ангажира заедно со партнерите, без разлика дали во Косово, Авганистан или сега во Северен Ирак, се раѓаше бурна дебата која никогаш не ги убеди граѓаните дека треба да се оди во војна.

Заморени од воени конфликти

Оттука, можеби е и зачудувачки што пред само неколку години, иако повеќе како резултат на финансиска мотивација отколку на стратешко планирање, Германија одлучи да го укине задолжителниот воен рок и да воведе професионална армија. Декларираната цел беше да се придонесе како партнер во воените интервенции. Сепак, досега овие воени интервенции беа оспорувани и имплементирани без согласност од граѓаните. Во однос на втората голема лекција: Никогаш повеќе војна, Германците се принудени да живеат во лага: Кога и да се побара воена интервенција однадвор, нашите политичари го менуваат курсот, подвлекувајќи го хуманитарниот аспект на операциите, понекогаш инсистирајќи дека се случува „геноцид“ за да ги убедат луѓето. Најчесто, без успех.

Пред 75 години започна Втората светска војна, предизвикана единствено од Германците. Денес, Германија е економски гигант и на пат да стане светски политички актер, улога која ѝ влева страв. Германија повеќе би сакала да биде некој вид „зелена Швајцарија“. Но, таквите времиња се минато. Она што сојузниците денес го очекуваат од Германија е политичко лидерство и воен придонес кога е можно. Но, исто така и умерен настап. Тоа се однесува на третата голема лекција: Удирањето в гради и самофалбите повеќе не се германска одлика.