1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Латиноамерикански лекции за Грција

А.Пранге/сн16 април 2015

ЕУ во своите маки со презадолжените држави може многу да научи од искуствата на ММФ со земјите од Јужна Америка во 90-тите години од минатиот век. Првата порака гласи: ништо нема да оди лесно и брзо.

https://p.dw.com/p/1F9DE
Фотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com

Како да се реши проблемот со преголемиот државен долг? „Латинска Америка и без своја волја ја доби улогата на учител“, смета економистот Ролф Лангхамер од Институтот за светска економија (ИРВ) во Кил. На крајот на 80-тите години од 20. век се увиде дека проблемот со преголемите државни долгови не може да се реши само со прилив на свежи пари. „Проблемите беа подлабоки и државниот долг беше превисок. Во иста ситуација сме сега и во рамките на Европа“, смета економистот.

Лангхамер тогаш беше советник и за меѓународните организации како Светска банка, ЕУ, а ги советуваше и германските министерства. Затоа добро се сеќава на должничката криза која на крајот на минатиот век ја потресе Јужна Америка. Од Мексико па се’ до Чиле Меѓународниот Монетарен Фонд беше поим за брутално спроведување на мерки на штедење кои водеа до осиромашување на сите слови од општеството. Германскиот економист се сеќава како „тогаш дури се зборувало дека ММФ јаде мали деца“.

Deutschland Professor Rolf J. Langhammer
Германскиот професор и економски експерт Ролф ЛангхамерФотографија: picture-alliance/ dpa

Кризата започна во илузија: Латинска Америка долго време беше меѓу најдобрите клиент на ММФ. Но кога Мексико на 13. август 1982. како прва држава мораше да прогласи своја платежна неспособност, одеднаш се ’ се промени. Каматите на кредитите експлодираа, а земјите од тој континент практично беа исклучени од светскиот пазар на пари. Аргентина во 2001. објави државен банкрот, Бразил една година подоцна побара итна позајмица од ММФ за да задржи ликвидност, во 2008. и Еквадор мораше да ги репрограмира своите долгови.

Живот на кредит

Во меѓувреме состојбата целосно се промени: сега земјите од Латинска Америка не се најголеми должници на планетата, туку се тоа развиените земји- и тоа не само по волумен, туку и по учеството на долгот во Брутодомашниот производ. Според податоците на истражувачкиот оддел на Дојче банк од 2000. до 2012. година државниот долг на десетте најголеми земји во развој се намали од 50 на 25 проценти од нивниот БДП, додека долгот на седумтте најразвиени земји од групата Г-7 се зголеми од 80 на дури 110 насто од БДП.

Ролф Лангхамер смета дека должничката криза на Јужна Америка даде две важни пораки: Прво, сите програми кои сакаат да и’ се наметнат на некоја држава предходно мора да се проверат, какво социјално влијание ќе имаат. И како второ, за реформите со кои ќе треба да се промени тамошната структура, институциите и законодавството треба многу време.

„Се потценија проблемите на прераспределба на имотот кои беа предизвикани од краткорочните програми на стабилизирање на ММФ и на Светската банка“, признава Лангхамер. Но и предупредува оти ММФ во меѓувреме научи важна лекција од тие сторени грешки. Во ММФ сега на земјите им се дава значително подолго време за спроведување на структурни реформи, а пред се’ кај секоја мерка се поставува прашање, дали таа ја зголемува сиромаштијата во таа земја. „Тоа порано не беше случај“, признава овој економист.

И кредититорите се виновни?

По тие болни искуства не е ни чудно што многумина во Латинска Америка се’ уште се наежуваат кога ќе ја слушнат кратенката ММФ. Затоа и претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа речиси автоматски искажа солидарност со Грција кога таа се најде во неволја и и’ понуди на новата влада во Атина поддршка во преговорите со доверителите. Бидејќи Еквадор го помина „чистилиштето“ на ММФ и благодарејќи на репрограмирањето на долговите ги намали ратите на кредитот кои треба да ги плаќа и така го намали притисокот врз државниот буџет и јавните сметки.

Argentinien Hedgefonds Proteste
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Pisarenko

„Европските банки при давањето кредити на Грција се однесуваа како да не знаат дека државниот дефицит на Грција е речиси три пати поголем отколку што тоа го признаваше грчката влада“, пишуваше уште во декември 2013. година во еден текст во весникот Ле Монде Дипломатик. „Повторно се критикува проблемот со преголемите долгови без да се спомене другата страна на медалот: преголема понуда на кредити. А нема ниту трага од некава одговорност на светскиот пазар на капитал.“.

Економистот Лангхамер со грчката должничка криза поврзува надеж во пресврт за едно досега непостоечко право на инсолвентност на државите. „ Грција е случај сам за себе. Сѐ додека не дојдеме до официјално државно право на инсолвентност, мораме да успееме да дефинираме елементи за долгорочна способност за издржување на долговите“, вели тој. „Мора да ја поддржиме Грција и со сопствени реформи во земјите на доверителите.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема