1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров: Американците го диригираат шоуто во Киев

ЖА/дпа/ртре23 април 2014

Владата во Москва ја подвлече својата решеност одлучно да ги брани руските интереси. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини САД за развојот на настаните во Украина.

https://p.dw.com/p/1BnHV
Фотографија: Reuters

Ако бидат нападнати руските интереси, тогаш Москва ќе одговори на истиот начин како во Грузија во 2008 година, кога испрати тенкови во кавкаската земја, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тој во интервју за руската телевизија на англиски јазик „Раша тудеј“ посочи дека Русија со сигурност би одговорила ако биде нападната.

„Ако бидат нападнати нашите интереси, нашите легални интереси, ако интересите на Русите бидат директно нападнати, како на пример што беа нападнати во Јужна Осетија, не гледам друг начин освен да одговориме во согласност со меѓународното право“, наведе Лавров.

Лавров ги обвини САД за развојот на настаните во Украина и за влијание врз раководството во Киев, без да ја познаваат земјата.

„Не постои ниедна причина да се верува дека зад тоа не стојат Американците. Тие го диригираат шоуто“, рече Лавров. Симптоматично е, вели тој, што владата во Киев секогаш ја употребува војската против своето население кое протестира во источниот дел од земјата, кога во посета на Украина ќе дојде некој американски функционер. САД меѓутоа немаат никакво влијание во Украина, туку само врз оние кои во Киев ја приграбија власта по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович.

Според Лавров, Русија нема никакво влијание врз проруските сили во источна Украина.

Украина денеска најави нова офанзива против проруските сепаратисти во источна Украина. Претседателот Олександер Турчинов образложи дека продолжувањето на антитерористичката операција е нужност заради заштита на населението од терористите. Вчера во Киев во посета беше американскиот потпретседател Џо Бајден. Пред него во Киев беше и шефот на американската тајна служба, ЦИА, Џон Бренан. ЦИА ги отфрли обвинувањата дека Бренан ја поттикнал владата во Киев да употреби сила против сеператистите.