1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курцшлусот на Орбан

Карла Енгелхард/превод:Б. Георгиевски30 октомври 2014

Унгарскиот премиер Виктор Орбан сака да воведе специфичен данок на интернет. Тоа само ја разбуди желбата на граѓаните за протести, а на Орбан не му носи ништо, коментира Карла Енгелхард.

https://p.dw.com/p/1DeFr
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Marjai

Од гледна точка на Виктор Орбан неговиот данок на интернет е генијално, речиси универзално оружје. Ќе и‘ донесе свежи пари на владата, која е презадолжена со околу 80 проценти од домашниот БДП. На овој начин, барем теоретски, се цицаат големите, меѓународно поврзани претприемачи. Притоа, данокот на интернет, онака попатно, може да помогне и во контролата на ширењето на неконтролираните информации.

Кога веќе се оданочуваат кафето, шампањот или влезница за кино, зошто да не и протокот на интернет? На таа тема се размислуваше и во Германија и во САД. Но, слободата на информациите не е кафе или шампањ. И за Унгарците, кои одамна веќе не можат да си дозволат влезници за кино, симнувањето филмови или читањето на критичките, независни блогови, се единствената можност да избегаат од униформноста на строго контролираните унгарски медиуми.

Идејата на Орбан за данок на интернет е курцшлус (краток спој,н.з.): иако нему не му се изгасна светилката, на многу Унгарци таа ненадејно им се вклучи. Десетици илјади излегоа на улиците, стотици илјади се солидаризираат на социјалните мрежи против интернет-данокот. Во најмала рака на интернет, протестите имаат повеќе поддржувачи, отколку десноконзервативната Фидес на Орбан. Критики доаѓаат и од сопствениот табор. Некои приврзеници на Фидес јавно се срамат од планот.

Орбан сето тоа го игнорира. Неговото министерство за економија соопштува: тоа воопшто не е данок на интернет, туку посебен вид данок. Со други зборови: царот не е гол, само не носи облека.

Karla Engelhard
Карла ЕнгелхардФотографија: picture-alliance/dpa/H. Galuschka

Мнозинство за европските вредности

Тековната критика од Брисел против политиката на Орбан веќе станува ритуал, но им помага на демонстрантите. Затоа што мнозинството се чувствуваат приврзани кон европските вредности како слободата на мислење, медиумските слободи и информативната слобода.

Виктор Орбан со својата десноконзервативна Фидес има комфорно двотретинско мнозинство во парламентот и може со леснотија да го изгласа законот за данок на интернет, но дали ќе може да го спроведе, тоа е големо прашање. Големо мнозинство Унгарци нема да дозволат подигнување на дигитална железна ограда. Желбата за креативен отпор повторно се буди кај Унгарците и таа е распространета меѓу сите возрасти и професии. Самодовербата се насетува по улиците на Унгарија: „Ние сме Фејсбук генерацијата, ние сме народот“ и „Орбан оди си“.