1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куба е на потег

Ута Тоферн/превод:З. Јордановски16 април 2015

Куба, комунистичиот карипски остров, треба да биде избришана од терористичката листа на САД. Американскиот претседател Барак Обама со тоа му дава голем кредит на доверба на Раул Кастро, смета Ута Тоферн.

https://p.dw.com/p/1F9TF
Фотографија: Reuters/Jonathan Ernst

Сигурно веќе одамна нема вистински причини за Куба да се наоѓа на листата на земји кои поддржуваат тероризам. Ако владата и Конгресот на САД консеквентно ги почитуваат нивните сопствени правила, бришењето на Куба од таа листа е нужен чекор. Впрочем, владата во блага форма укажа на тоа кога го објави решението. Само од идеолошки причини да се жигоса еден сосед како помошник на поддржувачите на тероризмот, без било каков доказ за терористички активности или за нивна поддршка, е недостојно за една демократија во 21. век.

Па сепак останува некоја загриженост. Причината за тоа прецизно ја формулира самиот претседател Обама, кога во едно интервју ги објасни критериумите за донесување решение: не е во прашање тоа, дали некоја држава постапува авторитарно или репресивно против сопственото население. Тоа звучи брутално. Но, ако пак тоа би бил критериум, тогаш на терористичката листа би се наоѓале и многу други земји - почнувајќи од Саудиска Арабија, до Кина.

Изолацијата на Куба не донесе успех

Куба, се разбира, се’ уште е декларирана „диктатура на пролетеријатот“. Опозицијата е угнетувана, а слободата на изразување на мислењето е туѓ поим. САД и Куба се идеолошки многу оддалечени и според зборовите на кубанскиот претседател Раул Кастро, тоа така треба и да остане. Па сепак, постапувањето на американскиот претседател не е погрешно. Реал-политички погледнато, повеќедецениската изолација и дискриминација на Куба не донесе никаков резултат. Нивното меѓусебно приближување, напротив, го подобрува во цела Латинска Америка нарушениот углед на САД. И, патем забележано, носи големи економски шанси.

Но, дури и идеолошки погледнато, промената на курсот е во крајна линија консеквентна. Една функционална демократија на владеењето на правото се карактеризира со тоа, дека секоја влада се придржува кон сопствените закони, дека сите граѓани ги имаат истите законски заштитени права и дека и во надворешната политика не мери со двојни аршини. Тоа е висок идеал, кој ни оддалеку не се достигнува секогаш, ни во САД, ниту во Европа. Но, во демократиите секогаш наново, понекогаш и во горки јавни судири, се води битка за него. Обама овде поставува критериум кој е тешко прифатлив за многумина во неговата земја, но сепак ќе го спроведе. Надпартискиот отпор во Конгресот во овој случај може само да доведе до одложување, оти има и исто така надпартиска поддршка за неговите планови - тоа е резултатот од јавната демократска дискусија.

Thofern Uta Kommentarbild App
Ута Тоферн

САД си ја враќаат веродостојноста

Веќе и самиот процес, кој може да служи за пример, се разбира поставува исто така критериуми како за Куба, така и за другите латиноамерикански држави. Сосем е отворено прашањето дали принципот „промена преку приближување“, што беше исто така жестоко оспоруван и во Западна Германија во времето кога Германија беше поделена, ќе функционира и во случајот со Куба. Уште повеќе и затоа што политиката на отворање тогаш беше придружена и со брутална политика на вооружување. Денес не се сите земји од некогашниот Источен блок слободни. Примерите на Русија и Кина покажуваат дека политичкото и економското излегување во пресрет не придонесуваат автоматски за плурализам и за признавање на човековите права.

Но, со секој чекор на приближување, САД повторно си ја придобиваат веродостојноста, веродостојноста за демократијата. Куба добива голем кредит на доверба. Никој поради тоа не очекува од Раул Кастро да го промени системот. Но, ако тој не сака многу брзо да го потроши својот кредит, во иднина признавањето на човековите права и на слободата на изразување на мислењето во неговата земја мора да биде повеќе отколку само вербална определба. Оти, конечно, уште не е донесено за Куба најважното решение за ставање крај на економското ембарго. Кај тоа решение во американскиот Конгрес ќе бидат во прашање дури мнозинства. Кастро, од сопствен интерес, би можел да му помогне на американскиот претседател.