1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на економскиот бум на Турција?

Томас Зајберт, Истанбул/З.Јордановски21 декември 2014

Поминаа ли „златните времиња“ ѕа турската економија, му дојде ли крајот на економскиот бум? Актуелните податоци укажуваат на тоа. Експерти велат дека добар дел од проблемите се од „домашно производство“.

https://p.dw.com/p/1E64f
Фотографија: AP

Стопанскиот пораст назадува, невработеноста расте - вестите за негативен развој во последно време ги заменија славеничките извештаи за турската економија, кои беа вообичаени последните години. Експертите и’ забележуваат на владата дека пропуштила да изврши структурни реформи. Европските држави би се радувале на пораст од 1,7 проценти во третиот квартал и на 2,8 проценти во првите девет месеци од годинава. Но, во Турција овие податоци, што ги објави неодамна Заводот за статистика во Анкара, се примени со разочарување, оти се далеку под очекувањата на пазарите. Земјата која во изминатата деценија го свртуваше вниманието со стапки на пораст и до девет проценти годишно, денес мора да се задоволи со значително поскромни резултати. Во опасност е доведено исполнувањето на поставената цел за годинава за пораст од 3,3 проценти; првобитно владата дури се надеваше дека ќе бидат 4 проценти.

Турците се конфронтирани со непријатни вести не само во однос на стопанскиот пораст. Невработеноста, сезонски прочистена, во септември достигна 10,7 проценти, што е највисока вредност за последните 4 години. Невработеноста кај младите изнесува 20 проценти. Турските потрошувачи сосем очигледно веќе немаат на располагање толку многу пари, како порано: продажбата на автомобили во првите девет месеци од годинава доживеа пад од 19 проценти во однос на истиот период лани.

Проблемите се од „домашно производство“

Проблемите делумно се поврзани со меѓународното опкружување. Напуштањето на откупување обврзници од страна на американската централна банка влијаеше и во Турција, како и во другите земји во забрзан подем: инвеститорите ги повлекуваат своите пари од Истанбул и ги вложуваат во САД со надеж дека каматите ќе растат. Вложувачите од странство беа носечки фактор во важни делови од бумот во изминатите години - ако тие се повлечат од Турција, тоа може да има катастрофални последици.

Според гледањето на експерти, дел од проблемите се меѓутоа дома предизикани. Инвестициите на турските претпријатија, посебно кај машините и опремата, се многу намалени, изјави за Дојче Веле Ханифе Четин од тинк-тенк организацијата Турксам од Анкара. А земјата има потреба од силна производна база и нагласено инвестирање во истражувања и развој.

ММФ бара структурни реформи

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) неодамна ја повика Турција да изврши структурни реформи: Анкара мора да ја намали зависноста од странските вложувачи. Во фазата по 2008 година, кога парите на странските инвеститори и’ дадоа крилја на земјата, беше пропуштена пригодата за реформи, напиша колумнистот Угур Гурсез во интернет-весникот „Радикал“. Гурсез нагласи дека и политичките турбуленции и сомничењата за корупција во владата имаа негативно влијание врз стопанството. По најновиот бран на апсења на новинари на изминатиот викенд падна курсот на турската лира.

Türkei Ankara Erdogan vor neuem Präsidentenpalast 01.12.2014
Турскиот претседател Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: picture-alliance/Kayhan Ozer/Anadolu Agency

На долг рок кај инвеститорите може да доминира скепса во однос на Турција, предупреди Ханифе Четин. И покрај краткорочните подобрувања кај порастот - на пример поради намалените цени на нафтата или покачените државни издатоци во пресрет на парламентарните избори наредната година - на долг рок мора да се смета на повисока инфлација и невработеност, како и на „економска кревкост“.

Клучот е во образованието

Емре Деливели, економски колумнист во весникот „Хуриет дејли њус“, смета дека на Турција и’ треба нов модел за стопански пораст. Сегашниот модел, кој се потпира врз внатрешната побарувачка, мора да се замени со политика ориентирана на извоз на висока технологија, рече Деливели за Дојче Веле. Досега Турција не успеа да го направи скокот од производство на стоки како автомобили кон хај-тек продукција. Предуслов за тоа, според него, се реформи во образовниот систем, кои би можеле да ја доведат земјата во предните редови на пример кај истражувањата и развојот.

Но, воопшто не е сигурно дека во догледно време ќе се започне со такви реформи. Владата навистина ветува промени, но тоа го правеше и пред неколку години, без нешто навистина да се случи во меѓувреме, вели Деливели. Пред парламентарните избори кон средината на наредната година тешко дека ќе се случи некаков пробив.