1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е интересот на Германија во Западниот Балкан?

А.Трајковска (ФАЦ/ Цајт/Тагесшпигел)29 август 2014

Прегратката од Берлин на земјите од поранешна Југославија и Албанија, меѓу другото е и од стратешки интерес пишува „Ди Цајт“. За ветените „перспективи“ и интересите на Германија и ЕУ пишуваат и „ФАЦ“ и „Тагесшпигел“

https://p.dw.com/p/1D3Xo
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Перспективи“ е насловен коментарот во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ по конференцијата со земјите од Западен Балкан во Берлин.

„Кога некој некого кани, добро е да шири позитивни пораки. Ова основно начело го следеше и германската влада во четвртокот. Иднината на земјите од Западниот Балкан 'лежи во Европската унија', изјави министерот за економија Зигмар Габриел. За среќа Габриел не поврза со тоа конкретни термини. Додуша 'европската перспектива' може да има позитивно влијание врз внатрешната политика на други држави. Но, колку брзо тоа може да помине се виде во Бугарија и Романија, за кои денес веќе никој не тврди дека биле примени во Унијата во вистинскиот момент. Скепса предизвикуваат и многуте конфликти меѓу балканските држави, кои на ЕУ со пребрз прием веќе и влегоа во сопствената куќа. Сето ова се разбира не говори против потесни односи со регионот. Можеби би било дури и добро, да се исполни со живот поимот 'привилегирано партнерство', кој во контекст на Турција излезе од мода. Долгорочно е можно многу“, коментира ФАЦ.

„Со конференција во Берлин германската влада ги прегрнува земјите од поранешна Југославија. Токму во спорот со Русија ова е стретешки важно“, пишува онлајн изданието на магазинот „Ди Цајт“.

„И покрај тоа што кризата во Украина сѐ повеќе се заострува германската канцеларка Ангела Меркел во четвртокот своето внимание го насочи кон на прв поглед помалку периферна тема: На добрите односи со Балканот. (...) Но, многу ангажираната канцеларка го подари своето внимание се разбира сосем свесно. Германија и ЕУ токму во вакво време имаат страташки интереси на Балканот. Канцеларката говореше за 'длабока обврска' на Германија за тоа, овие земји од поранешна Југославија и Албанија политички како и економски потесно да сраснат.

Европската унија во секој случај сака да спречи во регионот повторно да се разгорат територијални спорови и етнички конфликти. Слични констелации во Украина и во Ирак токму сега будат страв во целиот свет.

Мирот на Балканот и по 15 години по крајот на војната и натаму е фрагилен. Економијата на земјите тече лошо. Со генерални изгледи за прием во ЕУ треба да држи расположението во сѐ уште младите држави. Уште утрото министерот за стопанство Зигмар Габриел го нагласи тоа што и канцеларката вечерта го потврди. 'Иднината на балканските држави е во Европската унија'. Седумте поканети земји побрзаа да нагласат дека биле убедени во тоа и сакале наскоро да припаѓаат кон Унијата. Што би значело: Да не се ориентираат кон Русија (...)

Србија, Македонија и Босна и Херцеговина досега не се согласија со европските санкции кон Русија. Тие стравуваат од штети, кои сметаат дека не можат да си ги дозволат. Според фондацијата Наука и политика државите од регионот се интересирале и за рускиот гасовот Јужен поток, блокиран од ЕУ.

Но, не станува збор само за Русија. ЕУ, според експертите, на Балканот веќе одамна конкурира и со Кина. Експертот за Балканот Јенс Ројтер оди толку далеку за да предупреди. ЕУ во регионот и за младите луѓе 'го загуби својот сјај', рече тој за Дојчландфунк. ЕУ сега сака да го ревидира курсот, според податоци на претседателот на Комисијата Мануел Баросо ЕУ сака да обучува млади судии, државни обвинители и полициски службеници. Пари за инфраструктурни инвестиции како железнички врски и улици веќе се ветени. (...)

Што се однесува до проширувањето на ЕУ кон исток, германската влада меѓутоа игра двојна улога. Само еден ден пред конференцијата за Западниот Балкан владата усвои построги правила против доселениците од источна Европа, за да се запре наводната злоупотрба на социјалнито систем од Бугарите и Романците (...) Некои од 'мигрантите од сиромаштија', чиј број германската влада сака да го намали, припаѓаат на народната група Роми. Тие се дискриминирани и во државите на Западниот Балкан, со чии претставници Меркел вечераше во четвртокот.

Германската влада ја препознава 'тешката' ситуација на Ромите во нивните земји на потекло. И покрај тоа сака трите балкански земји да ги прогласи за 'сигурни земји на потекло'. Барателите на азил од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина во иднина во Германија би требало полесно да бидат протерани. (...) Со иницијативата и Албанија и Црна Гора да бидат прогласени за сигурни трети држави министерот за внатрешни работи Томас де Мезие не успеа да се пробие. На конференцијата со земјите од Западниот Балкан во Берлин Ромите и многуте барања за азил официјано не беа тема“.

Весникот „Тагесшпигел“ за конференцијата во Берлин пишува: „Министерот за стопанство Зигмар Габриел сака да ги приближи државите од Западниот Балкан до ЕУ. Зад тоа стојат јасни економски интереси“, пишува весникот и продолжува. „За германската трговија Западниот Балкан, според Здружението Источна и Средна Европа е регион во пораст. Во првиот квартал германската трговија со земјите од регионот пораснала за околу пет проценти, во поединечни случаи и во двоцифрени бројки. Освен тоа земјите имаат стопански пораст од еден до четири проценти“.