1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го украде срцето на д-р Рајс од Кајмакчалан?

Катерина Блажевска15 септември 2014

Во Македонија никој не знае каде исчезна срцето на форензичарот и публицист, чии дела имаат голем удел за расветлување на бројни факти од балканската и македонска историја во време на Првата светска војна.

https://p.dw.com/p/1DCEs
За многу војници од Првата светска војна се подигнати споменици и постојат нивни гробови, како овие во Фландрија, но срцето на д-р Рајс го снема од последното почивалиштеФотографија: picture-alliance/dpa

Во годината кога се одбележува еден век од почетокот на Првата светска војна, во Македонија оживува приказната за публицистот, криминолог и форензичар д-р Рудолф Арчибалд Рајс, чие срце по негова желба со години почиваше на планинскиот врв Кајмакчалан. Но, тоа срце најмалку две децении не е на заветеното место, а никој не го знае одговорот на прашањето - каде исчезна, односно кој го украде срцето на д-р Рајс? За волја на вистината, многумина и не ги знаат корените на љубовта на д-р Рајс кон еден од најубавите планински врвови во Македонија, ниту зошто дошол во Македонија и со што се занимал овој славен „Швајцарец“.

И домот наречен по Добро поле

Всушност, Рудолф Арчибалд Рајс е Германец, (Rudolph Archibald Reiss, 8.07.1875) роден во Хехцберг во германското војводство Баден, како осмо од десетте децa нa земјопоседникот Фердинанд Рајс и неговата сопруга Паулина Сабине Ана Габриел. Основно и среднo образование завршил во Германија, a универзитетското образование го стекнал во Швајцарија. На 22 години станал доктор по хемија, а парелелно ги изучувал и тајните на фотографијата и форензиката. Стекнал швајцарско државјанство и во 1906 година бил именуван за редовен професор. Важел за угледен криминолог, а бил основач на првата академска програма на форензички науки и на Институтот за криминалистика на Универзитетот во Лозана. Како експерт од воено неутралната Швајцарија, Рајс на повик на српската влада во 1914 година дошол во Србија за да ги истражува злосторствата кои Австро-Унгарците ги спроведувале над српските цивили во Првата светска војна. Со оглед дека најголемиот дел од истражувањето Рајс го поминал на македонскиот (солунски) фронт, се заљубил во пејсажите на планината Ниџе и на, како што го нарекувал, „најгордиот врв“ Кајмакчалан, каде што ги поминал најтешките денови и ги видел најсуровите слики на војната.

„Одвреме-навреме ветерот ги растерува облаците и маглата и тогаш пред себе ја имаме најубавата панорама што може само да се замисли. Околу пладне сме близу до врвот Кајмакчалан. Коњите ги оставаме во неговото подножје, на врвот се качуваме да го видиме боиштето. Речиси сé останало на свое место. Само што се закопани неколку трупови на загинатите, а дождот повторно ги откопува. Морничава е глетката на ова боиште. На висина од 2.525 метри, на овој гол простран терен, лежат стотици смрзнати трупови. Нивна покривка се облаците и маглата кои ги дува ветерот, а големите јастреби и гаврани крстосуваат над нив за да се најадат од нивното распаднато месо”, пишува Рајс во книгата „Што видов и доживеав во големите денови”.

По крајот на војната останал да живее во Белград, но оставил тестамент со барање по смртта неговото срце да почива на Кајмакчалан. Кралот Александар Први на Рајс му подарил плац на Топчидер, каде тој изградил куќа и ја нарекол „Добро поле“ во знак на сеќавање на местото во Македонија, каде се одвивала една од најпресудните битки на Солунскиот фронт. Работел на унапредување на криминалистичката техника во српското Министерство за внатрешни работи, а еден период и во одделот за документирање на воени злосторства во Министерството за надворешни работи. Но, многу брзо влегол во конфликт со членовите на српската влада, пред се‘ со тогашниот премиер Никола Пашиќ. Го критикувал однесувањето на властите кон бившите борци и воени инвалиди, а се разочарал и од растечката корупција во српската политика и бројните сплетки. Не сакајќи да учествува во тоа, се повлекол од јавниот живот. Работел како вештак за фалсификувани банкноти во Народната банка во Белград и живеел скромно во вилата „Добро поле“ се‘ до 8 август 1929 година, кога починал непосредно по жестока кавга со бивш српски министер. Бил погребан на Топчидерските гробишта, а Србите му ја исполниле последната желба-неговото срце го пренеле на Кајмакчалан, во мала урна на која напишале кратка посвета за Швајцарецот и неговото дело.

Што однесе ЈНА?

Денес до врвот Кајмакчалан се стигнува на ист начин како и пред сто години - пеш, по стрмен земјен пат. Жителите на селото Скочивир во тамошната општина Новаци, ја знаат приказната за д-р Рајс, но не знаат каде исчезнало неговото срце. Според српски извори, во почетокот на Втората светска војна, бугарски војници непосредно по окупацијата на Македонија ја скршиле мермерната урна и го сокриле неговото срце. Според други, тоа го сториле грчки војници. Но, локалните жители тврдат дека срцето на д-р Рајс било на врвот во малата црквичка „Свети Петар“ се‘ до периодот на повлекувањето на ЈНА од Македонија. За тоа сведочат планинари кои често го посетувале врвот, како и локални овчари кои таму ги паселе своите стада. Денес мештаните се повикуваат на сведочењето на овчар, кој бил на падините кога се повлекувале војниците на ЈНА.

„Овчарот раскажуваше како пред самрак војници заминувале од караулата натоварени со опрема, оружје и се‘ што имало таму. Еден од нив во рацете носел нешто завиткано во хартија и внимавал да не се сопне при спуштањето по стрмината. Друг војник му забележал: 'Види колку сме ние натоварени со оружје, а ти се штеташ веројатно со некое шише ракија во рацете!'

„Ова што јас го носам е многу поважно оружје од сето она што вие сте го натовариле и на грбот и на коњите”, одговорил војникот. По неколку дена, кога овчарот влегол во црквичката, забележал дека таму повеќе не е срцето на д-р Рајс и се посомневал дека тоа е она „моќно оружје“ што било однесено од врвот. Слична верзија слушнал и градоначалникот на општината Новаци, Лазар Котевски.

„За жал, не знаеме каде е срцето. Според одредени сведочења и настани, исчезнувањето коинцидира со периодот на повлекувањето на ЈНА од Македонија, односно од овдешната караула. Но, никој нема цврсти докази за тоа“, вели Котевски.

Soldaten Erster Weltkrieg Schützengraben
Ровови на фронт во Првата светска војнаФотографија: AP

Клучот за решавање на оваа дилема може да биде во архивите во Белград, каде постојат податоци за единиците, распоредот и персоналниот состав на војниците на ЈНА до нејзиното повлекување. Се разбира, иницијативата за истрага треба да стигне од македонска страна, но засега никој не ја покренал.

Македонците се посебен народ

Во македонската историја д-р Рајс нема обезбедено посебно место, а многумина го сметаат за само за поддржувач на српската политика. Но, делата што ги оставил зад себе сведочат за спротивното. Професор д-р Александар Стојчев, воен историчар, вели дека д-р Рајс како експерт по форензика, филантроп и хуманист има голем удел и значење за расветлување на бројни факти од балканската историја во време на Првата светска војна.

„Како учесник на борбите на Македонскиот фронт 1915-1918 година тој ни пренесува особено важни податоци во однос на македонското прашање и националната посебност на Македонците во тоа тешко време за сите народи на Балканот, а особено за македонскиот, чија национална посебност најчесто била негирана. Рајс во своето дело 'Писмата од српско-македонскиот фронт' (The Kingdom of Serbia Infringements of the Rules and Laws of War Committed by the Austro-Bulgaro-Germans: Letters of a Criminologist on the Serbian Macedonian Front, by R.A. Reiss, London 1919, p. 39), наведува: 'По бројни и разновидни поделби, страдања и угнетување и дотогаш невидени прогони, Македонците имале единствена желба да им се дозволи да живеат во мир. Кој било да им ја обезбеди таа придобивка во замена за десетлетија на асимилирање на овој народ ќе биде поздравен од популацијата во која рамо до рамо се Македонците од словенска раса, со многу Турци, Власи, малку Срби, само неколку изворни Бугари кои се наоѓаат блиску до границата и Грци во крајбрежјето'“, укажува Стојчев.

Според него, особено значајни се видувањата на Рајс дадени во делото „Состојбата на Македонците и муслиманите во новите грчки области“ (R. A. Reiss, Sur La Situation des Macédoniens et des musulmans dans les nouvelles proviences grecgues. Paris, 1918, pp. 6-7) во кое Рајс истакнува: „Реков дека вашите бугарофони порадо би ги нарекол Македонци. Вие ги нарекувате тие луѓе бугарофони поради нивниот јазик кој личи на бугарскиот. Но, дали е тоа бугарски, дали е тоа истиот јазик што се зборува во Софија? Не. Македонскиот личи исто толку на српскиот колку и на бугарскиот. Не сум лингвист и нема да си дозволам сопствен суд, но незаинтересираните балканолози ми тврдеа нека македонскиот личи повеќе на српскиот отколку на бугарскиот. Можно е да има лингвисти што го тврдат и спротивното. Но факт е дека македонскиот не се зборува ни во Софија ни во Белград. Тоа е посебен јазик како што е, кај нас во Швајцарија, романскиот, што се зборува во Гризо, покрај италијанскиот. Според мене, Македонецот не може да се нарече ни Бугарин ни Србин, туку просто Македонец.“

Музеј на отворено

Кајмакчалан со височина од 2,521 мeтар е највисокиот врв на планината Ниџе, која се наоѓа на граничната линија со Грција, а во текот на Првата Светска Војна бил една од клучните позиции на Солунскиот Фронт. Градоначалникот на општината Новаци најавува дека целиот тој предел заслужува инвестиции во меморијалниот туризам.

„Планираме заедно со Албанија и Грција да аплицираме за средства од ИПА фондовите, со кои заеднички ќе учестуваме во изградбата на Меморијален музеј на отворено. По целата должина на фронтот ќе се отворат патокази, меморијални плочи, како и музеи во постојните пештери и ровови, кои некогаш биле воени и стратегиски позиции на завојуваните страни во Првата светска војна“, објаснува Котевски.
Во голем дел од тој крај се‘ уште постојат бункери како неми сведоци на времето и на војните што поминале на таа фронтовска линија, но и голем дел од објекти и куќи што им служеле на војските. Мештаните при обработка на земјиштето често пати наоѓаат неексплодирани бомби, па се‘ почесто се бараат средства за акција за деминирање на пределот. Пред неколку години жителите откопале десетина шишиња стогодишно француско вино, но го истуриле, бидејќи „било многу старо, а сигурно и расипано“. Денес студенти на историски науки од Париз и Лион ја посетуваат општината, но не за да бараат старо француско вино, туку за да го посетат фронот каде што се бореле нивните дедовци. Локалните власти се надеваат дека со отворањето на Музејот на отворено, многу сведоштва од тој период ќе се вратат на своето место. Дали и срцето на д-р Рајс?