1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го собори малезискиот авион?

ЖА/миа/дпа/афп/ртре19 јули 2014

И натаму е непознато кој го соборил патничкиот авион на лет МХ17 над Источна Украина. Западот врши притисок врз Русија. Набљудувачите од ОБСЕ имаат ограничен пристап до локацијата.

https://p.dw.com/p/1CfRJ
MH 17 Flugzeugabsturz Absturzstelle Ukraine 18.7.2014
Фотографија: DOMINIQUE FAGET/AFP/Getty Images

Германија, Франција и Полска побараа итен прекин на огнот во Украина, како претходно и ОН. Само ако армијата и сепаратистите прекинат со пукањето, можна е детална истрага на локацијата на која се урна авионот, изјавија министрите од т.н. Вајмарски триаголник, Франк-Валтер Штајнмаер, Лорен Фабису и Радослав Сикорски во заедничкото соопштение синоќа. Ако се утврди дека авионот навистина бил соборен, треба некој да сноси одговорност, истакаа тие.

По американскиот претседател Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел, и кинескиот претседател Си Џинпинг повика на праведна и објективна истрага за несреќата на малезискиот авион, што се урна во четвртокот со 298 патници и членови на екипажот.

„Истрагата треба да ја утврди вистината што побрзо“, рече Си.

Американскиот претседател разговарал телефонски со канцеларката Меркел, со британскиот премиер Дејвид Камерон, полскиот премиер Доналд Туск и австралискиот Тони Абот околу нови санкции на САД и ЕУ против Русија.

ОБСЕ имаат ограничен пристап до местото на несреќата

Службата за односи со јавноста на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти синоќа дека нејзините набљудувачи не добиле неограничен пристап до местото на падот на малезискиот авион во Доњецката област во Источна Украина, која е под контрола на проруските бунтовници.

„Не им е овозможен пристап како што очекуваа. Немаа слобода на движењето потребна да ја извршат својата работа. Местото на несреќата се‘ уште не е обезбедено“, изјави Томас Гремингер.

Гремингер, швајцарскиот амбасадор во седиштето на ОБСЕ во австриската престолнина Виена, додаде дека тимот од 75 набљудувачи чекал околу час и петнаесет минути и дека се враќа во Доњецк, а најави и дека денеска повторно ќе се обидат да дојдат до местото на несреќата.

Задачата на набљудувачите на ОБСЕ, кои не се форензички експерти, е да известат за ситуацијата на местото на падот на авионот. Авионот падна на место, што го контролираат проруските бунтовниците, кои се под напад на украинската армија.

Karte Route des Fluges MH17 bis zum Absturz Englisch
Карта на рутата на настраданиот авион

Претставник на проруската милиција и претставник на т.н. генералштаб на самопрогласената Народна Република Доњецк, кој се претставил како Илја, потврдил за агенцијата дека пристапот на набљудувачите бил ограничен: „Јас не добив инструкции од своето раководство да им овозможам непречен пристап. Им дозволивме само да го снимаат влезот во зоната“.

„Тие не се експерти за безбедност во воздухопловството, и зошто тие воопшто дојдоа тука, не е сосема јасно“, истакнал еден од офицерите на единиците на проруските бунтовници, кои го обезбебедуваат местото на кое се расфрлани останките од малезискиот авион во чие уривање загинаа 298 луѓе од кои 85 се деца.

Потпретседателот на САД Џозеф Бајден и украинскиот претседател Петро Порошенко апелираа денеска на Москва да го искористи влијанието на проруските сили во Украина и да ги убеди да се согласат на прекин на огнот.

Тие повикаа и да им се овозможи пристап на истражителите да му пристапат на малезискиот авион што се урна на територијата на земјата.

Русија треба јавно да ги повика сепаратистите да го положат оружјето и веднаш да овозможат пристап на меѓународните и украинските истражители, соопшти Белата куќа по повод телефонскиот разговор на Бајден и Порошенко.

Путин: Украина има одговорност за авионската несреќа

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Украина има одговорност за уривањето на малезискиот патнички авион во источниот дел на земјата и оти тоа немало да се случи ако Киев не ја обновел воената кампања против сепаратистите.

„Таква трагедија немаше да се случи ако царуваше мир на таа територија, ако не беа обновени воените операции во Југоисточна Украина. Без сомнеж Владата на земјата, на чија територија тоа се случи носи одговорност за таквата ужасна трагедија“, истакна Путин.

Интерпол испраќа тим во Украина

Интерпол синоќа соопшти дека во следните 48 часа ќе испрати тим за помош во идентификувањето на жртвите при уривањето на патничкиот авион на „Малезија ерлајнс“ во Источна Украина.

„Меѓународната соработка е од суштинско значење за обезбедување на точно, достоинствено и брзо пронаоѓање и идентификување“, наведува во соопштението генералниот секретар на Интерпол Роналд Нобл.

Експерти на единицата на Интерпол за идентификување катастрофи и исчезнати лица ќе бидат испратени на местото на несреќата во Источна Украина на 60 километри од границата со Русија.

Боингот 777 на малезиската авиокомпанија, кој леташе од Амстердам за Куала Лумпур, падна во четвртокот над Доњецката област, на околу 60 километри од границата со Русија, а се верува дека авионот е соборен и оти сите 298 патници и членови на екипажот загинале.