1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските бегалци- излажани и без перспектива

Бахри Цани/БГ5 март 2015

Во потрага по подобар живот, од почетокот на 2015 година повеќе од 18 илјади Косовци дојдоа во Германија. Бахри Цани посети едно семејство во прифатниот центар во Хемер.

https://p.dw.com/p/1ElEi
Фотографија: imago/Ralph Lueger

Според неофицијалните проценки, околу 170 илјади косовски Албанци во последните месеци ја напуштиле својата татковина. Најчесто се работи за најсиромашните слоеви, жртви на трговци со луѓе но и на гласините, според кои, на Запад секого веднаш го огрева сонце.

Патот кон Унгарија и кон ветената земја за семејството Брахими започнал на 29 јануари. До Суботица сѐ се одбвивало лесно, а таму биле сместени во хотел како и илјадници нивни сонародници. Таму, раскажува 25-годишниот Валид, се сретнале со шверцери на луѓе кои им барале по 400 евра за да ги префрлат преку границата. „На крај прифаќаа и по 200 евра. Јас сепак одлучив да ја минам границата со помош на навигација“. По 11 часа пешачење низ шума, семејството стигнало до Сегедин. „Беше ужасно. На крајот бевме среќни кога наиде унгарската полиција“.

Но, на среќата брзо и дошол крајот. Биле префрлени во затвор, мажите одвоени од жените. Валид си ги видел бремената сопруга и малолетната ќерка по 24 часа. Единствен излез од затворот било поднесување барање за азил во Унгарија. Откако биле ослободени, тргнале кон Будимпешта за оттаму да фатат воз кон Германија. Но, како што тврди Валид, унгарската полиција тоа не им го дозволувала. „Ми пријде еден непознат човек и бараше 2.500 евра за да не префрли до Диселдорф. Ми беше доста од Унгарија. Платив“.

Valdet Brahimi und Zoja Alijaj
Валдет Брахими и неговото семејствоФотографија: DW/B. Cani

На Косово нема надеж

По привременото сместување во центарот за азиланти во Дортмунд биле префрлени во Хемер. Валдет пресметува дека целиот пат со подмитувањето на разни луѓе досега го чинел околу 4 илјади евра. Бил подготвен на тоа кога во Косово ги продал автомобилот, кравата и позајмил уште пари. „На Косово за нас нема надеж. Сакам да најдам подобар живот за семејството и за мене. Тоа е единствената причина што дојдов во Германија“.

Валдет претходно долго живеел во Белгија, а во холандскиот Хаг студирал криминологија. Вели дека во 2011 се вратил во Косово бидејќи сакал да и помогне на својата земја. Но, ниту ценетата диплома од Хаг не му помогнала да најде работа во струката. Работата на Косово останува привилегија на оние со вистински врски или со доволно пари. Валид го немал ни едното, ни другото, па завршил меѓу 45-проценти невработени во земјата.

Но, за него нема надеж ни во Германија, како што објаснува директорот на прифатилиштето во Хемер, Хорст Лабренц.

„Тие самите себеси си штетат. Паѓаат на приказни кои не се реални. Лесно е да се разбере тешката економска состојба на овие луѓе. Но според членот 16а од германскиот закон, тие не се политички прогонувани“, вели Лабренц.

Deutschland Hemer Unterbringungseinrichtung für Asylbewerber ZUE
Прифатниот центар во ХемерФотографија: DW/B. Cani

Со добро или насила

Од минатата недела барањата на косовските Албанци се обработуваат по забрзана постапка- за само две недели. Со тоа, Косовците кои бараат азил повеќе нема да можат да се надеваат ниту на повеќемесечните социјални примања од германската држава. Во моментов, возрасен барател на азил месечно добива 354 евра, повеќе од просечната плата на Косово.

Лотар Штрунк, советник за миграции во Црвениот крст, ги набројува двете опции кои им преостануваат на Косовците чии барања за азил се одбиени: или ќе ја напуштат Германија „доброволно“ или ќе бидат протерани. Во вториот случај им се заканува забрана за влез во Шенген просторот во траење од пет години.