1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата ги труе политиката и спортот

З. Јордановски/дпа/афп28 мај 2015

ФИФА и нејзиниот претседател Блатер се под силен притисок од спортот, политиката и од спонзорите. Во тек се многу консултации во однос на ставовите спроти утрешното гласање за избор на претседател на ФИФА.

https://p.dw.com/p/1FXlt
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Светската фудбалска асоцијација - ФИФА е изложена на критики ширум светот по избивањето на скандалот со апсењето и суспендирањето на повеќемина водечки фудбалски функционери, па во меѓувреме со тоа се занимаваат дури и највисоки политички кругови. Рускиот претседател Владимир Путин им префрли на САД за неоправдано вмешување и му даде поддршка на спорниот претседател на ФИФА Јозеф Блатер. Во Москва расте загриженоста дека на Русија би можело да и’ биде идземена организацијата нс Светското фудбалско првенство во 2018 година. „Знаеме дека врз Блатер се врши притисок со цел на Русија да и’ биде одземено првенството во 2018“, изјави Путин. Министерот за спорт Витали Мутко, кој е член на Извршниот комитет и на ФИФА, како и на УЕФА, беше самоуверен во изјавата дадедна во Цирих: „Нема ризик, нема проблем“.

Британскиот премиер Дејвид Камерон, пак, се приклучи кон ставовите на неколкумина министри кои побараа оставка од Блатер, и се заложи за избор на противкандидатот, јорданскиот принц Али бин ал-Хусеин.

Притисок од сите страни

Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер констатира дека „корупцијата ги труе политиката и спортот. Фер-плејот е најважното правило на спортот и вредност која зрачи далеку над границите на спортот. Ако фудбалот сака да служи како пример за углед, мора да се потруди за расветлување“. Ако не се доволни „силите за самопрочистување во спортот“, тогаш тоа би морале да го преземат државните институции, изјави Штајнмаер за агенцијата ДПА.

Германскиот сојузен министер за правда Хајко Мас и’ префрли на ФИФА дека „со години не направи вистинска истрага за корупцијата во сопатевните редови“. Во изјава за „Саарбрикер цајтунг“ во однос на сомневањата за подмитување при доделувањето на организацијата на СП на Русија и Катар, Мас нагласи: „Сите љубители на фудбалот имаат право да дознаат што посебно вистински се случило во предиграта на доделувањето на организацијата на СП“.

Притисокот врз ФИФА го засилија и повеќе спонзори, а организации како Амнести интернешенел бараат оставка од Блатер. Неговиот реизбор, предвиден за утре, кој се чинеше како сигурна работа, по драматичните настани и натаму е веројатен, но веќе не и сигурен. Во седиштето на ФИФА Блатер претпладнето ги собра претставниците на шесте конфедерации. На средбата учествуваше и Мишел Платини, претседател на Европската фудбалска унија - УЕФА, кој подоцна организира средба на европските фудбалски федерации. На различни средби се расправа за стратегијата пред утрешното гласање на конгресот на ФИФА.

Jacques Rogge, Joseph Blatter, Jeffrey Webb
Фотографија: picture-alliance/EFE/M. Sayao

УЕФА против ФИФА

Со оглед на актуелните настани Јозеф Блатер ги откажа сите планирани јавни настапи пред официјалното отворање на конгресот предвидено за попладнево во 17 часот.

Раководството на УЕФА вчера зазеде недвосмислен став против Блатер. УЕФА уште пред овој скандал за повеќегодишна корупција во фудбалот во Северна, Средна и Јужна Америка се определи за јорданскиот принц Али бин ал-Хусеин, кој му е противкандидат на Блатер за функцијата прв човек на светскиот фудбал. УЕФА во тој поглед досега беше осамена.

Противниците на Блатер во меѓувреме добиваат поддршка и од други континентални федерации. Агенцијата ДПА информира дека претставници на јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ во интерни разговори навестиле дека сериозно ќе го преобмислат своето однесување при гласањето. Се прават обиди за контакт на УЕФА и со КОНКАКАФ-зоната, што ги опфата Средна и Северна Америка. Азиската и африканската конфедерација денеска ја потврдија одлуката за поддршка на Јозеф Блатер. Двете заедно располагаат со 100 од вкупно 209 гласови во изборот.

Во меѓувреме со предупредувања се огласија и спонзорите на ФИФА. „Виза“ побара веднаш да се преземат мерки за отстранување на проблемите внатре во ФИФА, оти во спротивно, како што веќе од претпријатието ја информирале Светската асоцијација, „ќе го преиспитаат своето спонзорство“. Производителот на автомобили Хјундаи, „како претпријатие за кое етичките норми и транспарентноста имаат највисока вредност“, искажа “екстремна загриженост поради преземените правни чекори против одредени раководни кадри на ФИФА“.

Ехото во меѓународниот печат за најновиот скандал е фатално за ФИФА и Блатер. „Тие нема толку бргу да се ослободат од нивните мрачни сеништа“, пишува „Ное цирхер цајтунг“. А „Њујорк тајмс“ потсмешливо-арогантно констатира: „ФИФА отсекогаш сакаше Америка повеќе да се интересира за фудбалот. Сега успеаја во тоа“.