1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому уште му е потребна ОПЕК?

Хенрик Беме / Превод: ЕМФ28 ноември 2014

ОПЕК, очекувано, не постигна согласност за намалување на производството на сурова нафта. Колку е се‘ уште оправдано постоењето на оваа институција? - прашува Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1DvgM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Веднаш може да се одговори - воопшто не! Или можеби некаде во светот има картел кој ги определува цените на какаото или на кафето, на пример? Не, тоа го регулира пазарот. Но, и шпекулантите играат улога. А кога би имало картел, заштитниците на конкурентноста сигурно би презеле мерки и едноставно тоа би го забраниле. Такво нешто кај нафтата нема. Зошто?

Затоа што нафтата е средство за подмачкување на економијата. Затоа што се‘ уште се користи и како политичко средство за притисок. Затоа што се‘ уште вистински немаме сфатено што и‘ правиме на Земјата со огромното согорување фосилни горива.

Радост за едни, мака за други

Се разбира, многу луѓе сега се радосни поради евтината нафта. Возачи, купувачи на масло за греење, шпедитери, бродски компании, авиокомпании. Но има и многу луѓе кои имаат вистински проблеми поради ниската цена: владите во Каракас и Москва, на пример. Зашто Венецуела и Русија за своите државни издатоци ја земаат како основа многу повисоката цена на нафтата и на тој начин заработуваат многу милијарди долари помалку. Оној кој се потпира врз нафтата, во моментов има лоши карти в раце.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft
Хенрик БемеФотографија: DW

Сега се во оптек неверојатни теории на заговор за тоа кој е виновен за падот на цената: Саудијците, затоа што сакаат да ја свиткаат на колена фрекинг-конкуренцијата во САД. Американците, за да ги казнат Русите за нивната експанзионистичка политика во Украина. Сите заедно за на т.н. „Исламска држава“, која се финансира и преку продажба на нафта, да и‘ го исушат изворот на финансии.

Институција од старо време

И има и едно реално сценарио - слабата економија. Потрошувачката на нафта во моментов едноставно е помала. Порано, кога светот можеше да се објасни поедноставно, ОПЕК го намалуваше производството за да ја одржи цената на договорената висина. Но светот стана покомпликуван. ОПЕК, меѓутоа, е институција од старо време. САД, кои во меѓувреме се најголем извозник, воопшто не се учесници во тие преговори, како впрочем ни Русија. Затоа не е чудо што Венецуела веќе гласно размислува за сојуз со Русија, се разбира надвор од рамките на ОПЕК. Може да се мисли „зошто не би“, но никој нема да ја купува нивната скапа нафта ако другите ја нудат поевтино. ОПЕК во тој момент би престанала да постои. Што е лошо во тоа?

Многу поголема загриженост предизвикува нешто друго. Преголемата понуда на нафта е причина да се заборави дека „црното злато“ е суровина со ограничено количество. Иако „крајот на нафтената ера“, кој се прогнозира веќе неколку децении, се‘ уште не е на повидок, кога една генерација би размислувала малку подалеку, тогаш работите изгледаат поинаку. Одамна се најдени алтернативи, иако не во таков обем за веќе денес да можеме да се откажеме од атомска енергија, јаглен или нафта. Но за светот би било многу поважно да се дојде до фер ЦО2-цена, отколку ценкање за цената на нафтата зад затворени врати. Актуелно евтината нафта го врти погледот од вистинските проблеми. За тие да се решат, на светот му е потребно се‘ можно, само не ОПЕК.