1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СТО слави роденден

Рајна Бројер / Симе Недевски15 април 2014

Никому не му е до славје, а Светската трговска организација одбележува 20 години постоење. На нејзина сметка одат некои успеси и многу повеќе пропусти. Се поставува прашањето - кому уште му е потребна оваа организација?

https://p.dw.com/p/1Bi5n

Архитект на светската трговија, следбеник на глобализацијата - тоа е Светската трговска организација (СТО). По основањето во 1994. година и официјалното започнување со работа на 1. јануари 1995. година, очекувањата беа големи: елиминирање на трговските бариери, ограничување на протекционизмот, отворање на пазари за земјите во развој.

Но, излезе поинаку. Политичките препирки, крутите структури и брзиот развој на светската економија на кој не се реагираше брзо, ја претворија СТО во застарена институција. „СТО е средновековна организација“, изјави во 2003. година поранешниот генерален директор на СТО, Паскал Лами. Повеќе од десет години подоцна, Организацијата и натаму тапка во место, се влече зад глобализацијата и се бори за својот имиџ. Што е тоа што тргна наопаку?

Пропусти

Welthandelsorganisation Sitz in Genf
Седиштето на СТО во Женева, ШвајцаријаФотографија: picture-alliance/dpa

Во текот на двете децении постоење СТО постигна многу, но листата на пропусти е сепак подолга. Станува збор за проблеми во најголем дел во сопствена режија. „СТО не е во состојба да ја прилагоди својата регулаторна рамка на новите предизвици. Членките не се подготвени да ги променат организациските структури“, вели Кристијан Тиетје, професор по меѓународно стопанско право. Тоа, според него, посебно се однесува на принципот на едногласност. Според статутот, во СТО одлуките се донесуваат со консензус. Со речиси 160 држави-членки тоа навистина е тешка задача.

Можеби токму затоа правото во областа на меѓународната трговија не се разви значително во последните 20 години, „што пак не може да се каже и за глобалната трговија“, вели Ахим Рогман, професор за надворешно трговско право. Времето е повеќе од созреано за сеопфатна ревизија на пакетот на СТО. Голема неправда Рогман гледа во слабото вклучување на земјите во развој во процесите на донесување одлуки, со оглед на тоа што во меѓувреме , огромно мнозинство од членките на Организацијата се всушност земји во развој.

А, оние големите трговски сили, се чини, користат двојни стандарди: „Големите економски сили, ЕУ и САД се залагаат за слободна трговија кога тоа им служи на нивните интереси. Додека своите земјоделски пазари ги заштитуваат со протекционистички мерки од евтините земјоделски производи од земјите и економиите во развој, од истите тие земји бараат да ги либерализираат националните пазари во области во кои тие самите се многу поконкурентни“, вели Свен Хилбиг од организацијата „Леб за светот“.

Успеси

WTO Sitz Schweiz Genf
Седиштето на СТО во Женева, ШвајцаријаФотографија: AP

Но, не е сѐ толку црно. Конечно СТО и натаму е единствен форум на кој на меѓународно ниво се одлучува за правилата на светската трговија. Симон Евенет, професор по надворешна трговија и развој на Универзитетот во Сент Гален, за голем успех го смета придобивањето на нови членки: „СТО успеа да доведе клучни земји како Кина, Русија или пак Саудиска Арабија“.

И не само тоа: „Процедурите за решавање на споровите се централен елемент на СТО. Тоа е извонредно успешна приказна“, вели Кристијан Тиетје. Дури и земјите во развој на тој начин можат да ги натераат големите и влијателни нации да попуштат. Европската унија, имено, досега повеќепати мораше сопствените закони да ги прилагоди на правилата на СТО.

Особено по финансиската и економската криза која започна во 2008. година, СТО докажа дека е во состојба да го држи протекционизмот под контрола, а токму тоа е една од најважните задачи на оваа организација: „За разлика од некои поранешни времиња, кризата овојпат не доведе до затворање на националните пазари“, вели Ахим Рогман.

Каде оди СТО?

По конференцијата на СТО на индонезискиот остров Бали во декември минатата година, повторно се јави оптимизам. На крајот од минатата година, државите членки се договорија за реформа на организацијата, а тоа беше прв сеопфатен договор од основањето на СТО наваму. Се славеше наголемо, токму како да станува збор за чудо! Со солзи во очите генералниот директор на СТО, Роберто Азеведо го соопшти резултатот: „СТО постигна договор“, воскликна Бразилецот.

Roberto Azevedo
Генералниот директор на СТО, Бразилецот Роберто АзеведоФотографија: Elza Fiuza/ABr

Меѓутоа за Симон Евенет, блиската иднина на СТО сепак изгледа доста тмурно. „Успехот на Бали навистина беше чекор напред, но бргу стана јасно дека СТО не сака да продолжи со реформите. Државите не се подготвени на компромиси кои организацијата ќе ја направат пофункционална“, вели Евенет.

За да го поврати својот кредибилитет и да продолжи да игра важна улога во меѓународната трговија Светската трговска организација мора да доживее внатрешна катарза. Потребен е нов пристап, можеби и нови структури. За жал промените во структурата и внатрешната организација на СТО можат да се донесат само со едногласна одлука - а тоа е утопија. „Нема алтернатива за консензусот. Ниту една од големите сили никогаш нема да прифати да биде надгласана“, заклучува Евенет.