1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банкари, научете се на понизност и скромност!

Хенрик Беме/превод: З. Јордановски22 мај 2015

Водечките светски банки, меѓу нив и Дојче банк, плаќаат милијарди за казни поради манипулации. Подобрување не е на повидок, акционерите ја губат довербата. Нужна е драстична промена, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1FUPe
Фотографија: AP

Сто милијарди евра се многу пари. Толку од избивањето на светската финансиска криза досега платија водечките банки за казни, договорно решавање на спорови и за процесни трошоци. Секогаш во тоа е присутна и Дојче банк. Последната казна, поради повеќегодишно манипулирање на каматните стапки, изнесува двеипол милијарди евра. Од тој агол погледнато, се граничи со чудо што Дојче банк не е засегната со најновиот случај, во кој неколку американски, британски и швајцарски банки ќе мораат да платат казна од вкупно 5,6 милијарди евра оти нивните трговци со девизи со трикови ги манипулирале девизните курсови во своја полза.

Тоа, се разбира, не значи дека сега во Дојче банк се’ оди добро. Напротив: паричните жонглери од франкфуртските кули-близначки, а уште повеќе оние од одделот за инвестиции на Дојче банк беа премногу длабоко вплеткани во махинации, поради кои на крајот колабира светскиот финансиски систем. Прикривање, трикови, измами, но пред се’ „мрсна“ заработка - тоа беше мотото. Но, не беше во прашање само алчноста на „мастерс оф д јуниверз“ (господари на универзумот - н.з.), како што со сета „скромност“ се нарекуваат трговците и брокерите самите себе си.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft
Хенрик БемеФотографија: DW

Незауздана алчност

Налогот дојде од раководните структури: на ангажираниот капитал мора да се оствари добивка од 25 проценти - тоа беше задачата што порано ја постави Јозеф Акерман (поранешен претседател на Управниот одбор на Дојче банк - н.з.). Тој само го продолжи она, што го започна Алфред Херхаузен (некогашен шеф на Дојче банк, убиен во напад од терористичката Фракција на црвената армија - н.з.). Тој сакаше Дојче банк да ја престрои во голема меѓународна банка според англосаксонски пример. Еден интелигентен трговец со индиско потекло во Лондон направи голем бизнис: Аншу Џаин го водеше инвестментот, стана машина за правење пари на Дојче банк. Се’ до денес тј тврди дека ништо не знаел за манипулациите и триковите. Можно ли е навистина тоа? И, ако е веќе така, тогаш каков шеф е тој, кој ништо не дознал?

Аншу Џаин, заедно со Јирген Фичен, вече речиси три години е шеф на Дојче банк. И, веројатно е само прашање на време кога тој самиот ќе го преземе раководењето со банката. На вчерашното (четврток, 21.05.2015) Главно собрание на банката стана јасно каде ќе води патот: говорот тој го одржа на англиски. Кога требаше да се одговори на прашањата на акционерите, тој исчезна зад кулисите. Место него, мораше да одговори Јирген Фичен. Таа необична слика доволно зборува за тоа кој е кој во банката.

Нешто оди наопаку!

Иднината на Дојче банк не е розова. Новата стратегија е половична, токму како и декларативноста за Германија како седиште на банката. Раководната гарнитура не можеше да одговори на прашањето уште со колку парични казни ќе се соочи банката. Но, кога на своите 2 илјади врвни банкари во одделот за инвестмент Дојче банк им плаќа дивиденди во износ од околу две милијарди, а на своите 600 илјади акционери само една милијарда евра, тоа јасно покажува дека тука нешто не оди како што треба.

Не е за отфрлање Германија да има барем една банка, која ќе може да се носи со меѓународната конкуренција. Но, зошто тоа да не се прави со чист бизнис, со понизност и скромност, како слуга на стопанството? Би се исплател некој таков обид. Само така би имало основа за славење на 150-годишниот јубилеј, кој претстои по пет години.