1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комеморација за жртвите од авионот на Џерманвингс

Петер Хиле / Е.М. Фиданоска17 април 2015

Во катедралата во Келн денеска се одржува комеморација за жртвите од летот 4U9525. И по четири недели од падот на авионот има многу отворени прашања. Што се случуваше досега?

https://p.dw.com/p/1F9py
Фотографија: AFP/Getty Images/O. Berg

Пад

На 24 март авионот на Џерманвингс се урна во француските Алпи додека леташе на релација Барселона-Диселдорф. Падот на Ербасот А320 траел осум минути, по што леталото се распрскало во планините источно од општината Ле Вернет. Загинаа сите 150 лица во авионот. Причината за несреќата првично не беше позната.

Сомневање

Еден ден потоа, на 25 март, обвинителството во Марсеј покрена истрага за убиство без предумисла. На 26 март обвинителот Брис Робен изнесе ужасно сомневање: преслушувањето на едната црна кутија од Ербасот покажало дека копилотот Андреас Лубиц намерно го урнал авионот. Претходно, тој ја заклучил вратата од кокпитот и го оставил пилотот надвор. И по четири недели се‘ уште не е јасно каков бил мотивот на Лубиц. Досега нема меѓуизвештај за точниот тек на летот.

Тага

Жртвите од авионот потекнуваат од 21 различни земји, но мнозинството е од Германија. Од 25 до 27 март знамињата на сите сојузни институции во Германија беа на половина копје. Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и шпанскиот премиер Маријано Рахој еден ден по падот на леталото го посетија местото на несреќата, односно центарот на екипите кои трагаа по остатоците од авионот. Многу роднини на жртвите стигнаа на француските Алпи, летајќи преку Марсеј. Џерманвингс во Марсеј создаде центар за грижа за семејствата. Во Верне, во близина на местото на несреќата, е подигната провизорна спомен плоча. Во несреќата загинаа и 16 ученици и две наставнички од Халтерн ам Зе, од германската покраина Северна Рајна Вестфалија. За нив се одржа комеморација во Халтерн ам Зе на 27 март, на која присуствуваше и сојузниот претседател Јоахим Гаук.

Germanwings Trauer Haltern am See
Во Халтерн ам Зе луѓето тагуваат по жртвите од авионотФотографија: picture-alliance/dpa/Kusch

Остатоци

На местото на несреќата се испратени околу илјада луѓе кои работат на откривање и собирање на остатоците од авионот и жртвите. Во првите денови тие во тешко пристапниот регион се концентрираат на пронаоѓање на ДНА-проби од жртвите. На 4 април се собрани ДНА-проби од сите жртви. Во меѓувреме, во една хала во Сен-л-Алп се пренесени и околу 80 проценти од остатоците од Ербасот. Работите на местото на несреќата би требало да бидат завршени за две до три недели.

Болест

На 27 март истрагата соопшти дека во станот на Андреас Лубиц се пронајдени искинати потврди за боледување. Според нив, копилотот бил на боледување и на денот на уривањето на авионот. Веќе претходно се шпекулираше дека копилотот имал психички проблеми и дека бил на лекување поради депресии и склоност кон самоубиство. Тие информации беа официјално потврдени на 30 март. Според голем дел од психолозите, депресија сепак не е доволно објаснување за делото. Во Германија се разгоре дебата околу обврската на лекарите да молчат за состојбата на пациентите.

Црна кутија

На втори април екипите на терен ја пронајдоа и втората црна кутија. Меморираните податоци во неа ја зацврстија тезата за намерно соборување на авионот. Копилотот Андреас Лубиц, според тоа, свесно го спуштал авионот и повеќепати ја зголемувал брзината при спуштањето.

Frankreich Absturzstelle Airbus Germanwings Trümmer Bergungsmannschaften
Работите на местото на несреќата треба да завршат за две до три неделиФотографија: French Interior Ministry/DICOM/Y. Malenfer via Reuters

Последици

Германските авиокомпании на 27 март воведоа правило за постојано присуство на две лица во кокпитот за време на летот. Освен тоа, воздухопловните претпријатија го преиспитуваат механизмот на вратите од кокпитот. На 7 април Здружението на лекари во воздухопловството побара реформа на тестовите за подобност на персоналот за летање. Тие би требало да станат построги. На 13 парил меѓународниот Сојуз на пилоти Ифалпа критикуваше дека во истрагата на несреќата пребрзо се носат заклучоци.